Виетнам ја разгледува можноста за правно признавање на геј паровите

Виетнам ја разгледува можноста за правно признавање на геј паровите

Комунистичката влада на Виетнам ќе расправа дали да го легализира геј бракот или пак само да овозможи граѓанска регистрација на геј паровите.

 

Овие денови, министерството за правда на Виетнам дебатира дали да ги вклучи правата на геј паровите во промената на законите за брак. Се претпоставува дека тие права ќе бидат фокусирани на наследството, имотот и посвојувањето деца.

 

Минатата недела, министерот за правда Ха Хунг Куонг изјави: „Мислам дека кога човековите права се во прашање, треба да погледнеме во новата реалност. Бројот на хомосексуалците се искачи на повеќе од сто илјадници лица. Тоа не е мала бројка. Тие живеат заедно без да го регистрираат своето партнерство. Тие исто така поседуваат имот. Ние, секако, мораме правно да ги уредиме овие прашања“.

 

Иако не е јасно во која форма ќе бидат предложени измените или пак кои предлози ќе стигнат до националниот совет, подржувачите на геј правата велат дека се изненадени од овие вести.

 

Според Асошиејтед прес, агенцијата која соопшти дека во Виетнам се дискутира за правното признавање на геј паровите, ставовите кон хомосексуалноста започнале драстично да се менуваат во изминативе пет години преку интересот на државните медиуми за животот на геј заедницата.