30 Sep Не сите мажи. Но сите мажи молчат.
Од: Калиа Димитрова
текстот е оригинално објавен на meduza.mk
Во февруари годинава, односно ако сум искрена, на Денот на вљубените, во Кинотека го гледав филмот Париз, Тексас (1984), по не знам кој пат. Како и сите филмови на Вим Вендерс, така и овој (или особено овој), ни раскажува нешто речиси непоимливо за човековата состојба – не толку преку зборовите и приказната, туку преку боите, сликите, светлото, музиката, погледите, гримасите и чекорите. Со тоа последно прегледување на филмот, се најдов себеси како не можам да се соземам од липање без да сфатам точно зошто. Околу мене повеќето луѓе беа дојдени во парови. Сфаќам, Париз, Тексас, освен што се доживува како приказна за митолошката ветена земја, истовремено се доживува и како љубовна приказна. И јас низ животот го имам доживувано така. Развојот на филмската нарација поттикнува длабока емпатија и соживување со главниот лик, Тревис, кој со своето искинато старо одело, прашлива црвена безбол капа и дефокусиран поглед кон пустинскиот хоризонт, не се вклопува во нашата слика за како изгледа или се однесува маж кој би злоставувал жена. Кога после долгата сага Тревис конечно има шанса повторно да го види син му Хантер и да разговара со љубовта на неговиот живот и мајката на Хантер, Џејн, макар и преку стакло, тоа што целосно нè уништува не е единствено обелоденувањето на насилството кое практично ги уништило животите на овие ликови, туку когнитивната десонанца дека Трeвис, мажот со тажни очи и нежен глас е, всушност, насилник. Токму затоа овој филм е генијален. Како ретко кој филм ги прикажува нијансите на насилството и ја деконструира сликата дека мажите кои вршат насилство се монструми, општествени отпадници, карикатури на агресијата. Најчесто, тоа се луѓе кои ги познаваме, со кои разговараме. Тоа се луѓе кои ги сакаме.
Штом излегов од кино салата се сретав со еден познаник и како што е редот, разменивме по некој збор за филмот, смеејќи се дека сум видно уплакана.
„Знаеш само што не сфаќам?“, прашува познаникот. „Зошто на крај сепак не завршија заедно.“
Трепнав неколку пати во благо неверување на прашањето.
„Не го фати делот каде што ја врзал за шпорет за да не може да го остави?“, прашав делумно иронично.
„А, тоа. Да, да, ок.“
Ја споделувам оваа кратка размена зашто мислам дека е интересен показател на неколку нешта. Кога насилството не е спектакл, кога се случува во сивата зона (а не ли сè во животот се случува во таа зона?), кога е само еден дел од релација во која постојат и нежност и разбирање – или некогаш постоеле – тешко ни е да прифатиме дека истовремено може да постои и насилство. Тешко ни е да прифатиме дека оние кои најмногу ги сакаме се способни на таков начин да нѐ повредат. Тешко ни е да прифатиме дека и луѓето кои ги сметаме за добри се способни за лоши нешта. Тоа е сивата зона во која насилството најчесто се случува. Тогаш, полесно ни е да прашаме, зошто сепак не се заедно, ако толку се сакаат. Полесно ни е да си кажеме Ова што ми се случува не е насилство, зашто јас не сум тип на жена која доживува насилство. Исто како што во полиција по пријава на насилство би ни кажале дека се работи за инцидент, дека треба да му дадеме втора (трета, стота?) шанса.
А, како изгледа таа жена која доживува насилство? Kој е тој маж што е насилник?
* * *
Како повеќето жени, така и јас, бев згрозена и вознемирена од веста за Французинката Жизел Пелико. Нејзиниот сопруг Доминик редовно ја дрогирал повеќе од една декада, а потоа додека била во речиси коматозна состојба, се договарал со знајни и незнајни мажи да доаѓаат во нивниот дом за да ја силуваат. Со цел Жизел да не се посомнева во ништо, постоеле строги правила според кои се одвивало силувањето – мажите не смееле да носат парфем, а облеката ја отстранувале во дневната. Бидејќи не користеле кондоми, Жизел освен што редовно била силувана, исто така се има заразено со четири сексуално преносливи болести. Жизел, освен што била силувана, се сомневала дека има Алцхајмер поради честите главоболки, умор и вртоглавици – последица на тоа што редовно била под седативи, најчесто подметнати во нејзината вечера.
Минатата недела започна судењето за овој случај во Франција. Полицијата идентификуваше 51 осомничен од 83-те мажи што се појавија во видеата на Доминик Пелико, преку кои се обелодени овој случај. На возраст помеѓу 26 и 68 години, овие мажи потекнуваат од сите класи и сфери на животот: пожарникари, фармацевти, новинари, чувари, а многумина од нив се татковци и сопрузи. На некои мажи им било директно понудено од страна на Доминик да имаат секс со неговата сопруга „без нејзино знаење“, а постоела и објава на веб-страницата Coco.gg. Минатата година оваа страна броела 500.000 посетители месечно. Настрана страшниот факт дека за 80-тина мажи, меѓу кои и такви кои лично ја познавале Жизел, се испоставува дека се силувачи, постои и фактот дека огромен број знаеле што се случува, а одбиле да учествуваат. Прашањето кое останува да зјае, не е само тоа како е можно толку мажи околу нас да се потенцијални силувачи, туку, зошто оние другите не пријавиле?
Зошто, побогу, не пријавиле?
Овој случај доби на глобално внимание, не само поради неговата екстремна природа, туку и поради тоа што Жизел самата реши судењето да се одвива јавно, откако судот првично предложи да се одржи зад затворени врати, како што е често праксата со ваков вид на случаи. Таа им дозволи на новинарите да го објават нејзиното целосно име, а судот да изложи експлицитни видеа снимени од нејзиниот сопруг на кои се прикажани мажи кои имаат сексуални односи со нејзиното инертно тело. Таа се одлучи судењето да биде јавно во знак на солидарност со другите жени кои останале непризнаени како жртви на сексуални злосторства и во обид „срамот да прејде на другата страна“, како што истакна нејзиниот адвокат.
По обелоденување на вакви случаи, јавноста има тенденција да се фокусира на „монструозноста“ на мажот-исклучок. Во овој случај тоа би било сопругот Доминик. На тој начин, насилството кое ни е незамисливо да го поврземе со обичен човек, го препишуваме на човек кој и не е баш човек, туку повеќе е нешто како чудовиште. Така, насилството не го гледаме како составен дел од општеството кое создава услови мажите да се насилници, туку како проблем кој нас не нè засега директно. Насилството секогаш се случува некогаш одамна, некаде далеку или некому различен од нас.
Сепак, истиов овој случај е показател за тоа како навистина стојат нештата. Во ред, не сите мажи. Но барем 80 мажи силувачи и соучесници. Можеби илјадници мажи кои знаеле.
Не сите мажи. Но секогаш е маж. И најчесто е некој маж близу нас.
* * *
Еве како се чувствувам во моментов. Се чувствувам гневно, но се чувствувам и исплашено.
Како повеќето жени, така и јас, бев згрозена и вознемирена, кога во истиов месец кога ја процесирав оваа вест, прочитав дека маратонката од Уганда, Ребека Чептегеи (33), починала од изгореници, откако неколку дена претходно, додека била дома со двете ќерки, нејзиниот поранешен партнер ја полил со бензин и ја запалил. Неколку дена подоцна, ја прочитав веста дека поранешната манекенка Кристина Јоксимовиќ (38) била задавена, а потоа распарчена и изблендирана од страна на својот сопруг, кој се претпоставува дека ја малтретирал со години. Набројувам само неколку случаи кои стигаа до насловните страници периодов, пред сè заради гротескните детали и несовесната медиумска култура. Нека овие случаи бидат лица на статистиките кои со декади наназад говорат за фактот дека жените не се безбедни, а особено не се безбедни во интимни релации со мажите. Дали е потребно да прочитаме за случај на масовно силување или за свирепо убиство за да се потврди и валоризира нашиот страв кој нè демне секојпат кога се враќаме сами дома, или пак кога со денови добиваме некое упорно „здраво“, „здр“, „здраво“, „како си“ од истиот маж, или кога мажот со кој сме во врска и целосно му веруваме предизвикува љубоморна сцена ама „така покажува љубов“.
А, патем, што треба да се случи за мажите да се почувствуваат засегнати од сеприсутното насилство и закани за насилство со кои живееме ние жените? Очигледно, ни овие случаи кои ги набројав не се доволни за да ја размрдаат машката јавност. Велам „како повеќето жени, така и јас“, зашто мажите очигледно постојат во некој паралелен универзум каде повторливото „не сите мажи“ ги лишува од одговорност и заслужуваат орден што не се насилници. Во таа машка глава, очигледно, егото и репутацијата се поважни од животите на жените кои висат на конец.
И повторно се појавува прашањето, зошто, побогу, не пријавиле?
Зошто повеќето мажи што ги познавам не чувстуваат емпатија и повик за дејствување кога ќе прочитаат дека илјадници мажи си разменуваат експлицитни сликички од девојки и жени по Телеграм групи?
Зошто не сфаќаат дека ако тие не се проблемот, тогаш тоа се нивните браќа, братучеди, татковци, дедовци, другари, пријатели и познаници. Не ли сметаат дека имаат моќ да направат нешто во врска со тоа?
Зошто кога зборуваме за уште еден случај на семејно насилство или уште еден фемицид толку многу мажи сметаат дека баш тогаш е вистинската прилика да потсетат дека постојат и мажи жртви на насилство? И зошто не направиле нешто по тоа прашање ако се толку засегнати?
Зошто толку многу мажи сакаат да си играат „адвокат на ѓаволот“, баш кога оваа тема ќе се појави на маса?
Зошто толку многу мажи сè уште не сфаќаат дека вицовите за силување го нормализираат силувањето?
Зошто мажот на интернетот одвојува време да ѝ објасни на жената што всушност би ѝ се случило доколку сретне вистинска мечка во шума, наместо да се запраша зошто жените би избрале да се сретнат со мечка наместо со маж?
* * *
Еве една анегдота која вклучува еден од мажите присутни во мојот живот – татко ми. Не сакам да ја потценам интелектуалната подлога и слободарски светоглед кои делумно ги имам наследено од него и кои биле клучни во мојот развој како жена која меѓудругото е и феминистка. Сепак, имам впечаток дека тој, како и многу мажи, како да не може да ја види таа борба за своја, иако има две ќерки. (Патем, обидот да се разбуди емпатија кај мажите за овие прашања истакнувајќи дека, ако ништо друго, тогаш треба да се заложат за овие проблеми заради жените кои се веќе дел од нивите животи ми е крајно дехуманизирачки). Да се вратам на поентата. После некои стандарди два-три реда муабет, татко ми споделува нешто што дента му текнало.
„Немам јас волја ко тебе, али ќе беше фино повеќе да се заложев за правата на вампирите“, кажува во полна сериозност.
„За какви права?“, пробувам да го пофатам муабетот.
„За луѓево што сме будни навечер, што не функционираме преку ден. Вампириве… Ко ти што го правиш ова со феминизмов… Али јас за вампирите“, додаде.
Ја сфатив поентата, но веќе тргната со една нога, не знаев дали да се вратам и да жртвувам едно три саати од моето невампирско време, за да објаснам зошто се занимавам со феминизмот и дека ние жените, за разлика од вампирите, навистина постоиме. Му кажав дека добро се има снајдено ко за вампир, зошто постојат некои нешта за кои повеќе не чувствувам одговорност. Едуцирање на мажи е една од нив. Како секоја примерна ќерка, се запрашав дали да го тргнам овој дел од текстот, но потоа се потсетив дека татко ми не ја чита „Медуза“, па верувам дека нема простор да ми се налути што го користам за некоја поента.
Истиот тој мој татко, беше видно збунет, кога месец дена по оваа случка, бев сексуално нападната во влезот од нашата семејна зграда од страна на дечко кој, според него, „изгледаше нормално“. Не знам дали некој треба ова експлицитно да го изусти, но во принцип, мажите кои нè вознемируваат, злоставуваат, тепаат и, во крајна инстанца, убиваат, во принцип изгледаат доста нормално.
* * *
Со слична (машка) наивност се соочив при една размена со другар викендов. Поминувајќи на пешачки кај мене пред зграда, од првата кола која чекаше на семафорот, возачот почна да ми довикува дека сум била „преслатка и пресекси“. На истата раскрсница пред неколку месеци, исто така од кола, еден дечко излезе од прозор до половината и ми се развика „ќе ти го начукам у гз“. Намерно го изведе тоа гласно и драматично, зашто знае дека никој околу мене нема да изреагира. Дека срамот ќе биде мој, а не негов. Сепак, boys will be boys.
Во мојата глава во овие ситуации секогаш дофрлам нешто што крајно ги засрамува овие мажи. Им покажувам каде им е местото. Во реалноста, во овие ситуации најчесто се смрзнувам или се претворам во она девојченце кое во петто одделение се плашеше да помине покрај „другарите“ зашто најверојатно сите по ред ќе ја испомаваат по газ и некој нема ништо да направи во врска со тоа. Овојпат, на пример, сè што успеав да направам е да стигам до трафиката од карши и да изустам едно тужно „ненормален“ и да си купам мастики. Другар ми се појави кај трафиката и кога ме праша што ми е, зашто бев очигледно вознемирена, му покажав со прст кон возачот и му кажав дека ме замара. Девојченцето во мене повторно исплива кога сакав сите во колата да видат дека сум во придружба на машко и тоа конечно да ми даде статус на човек наместо на парче месо. Другар ми се сврте кон колата, тие навистина престанаа да ми дофрлаат, но сè што кажа тој беше: „Ако бе, баш слатко“.
Повторно, решив дека немам енергија да објаснувам дека токму овие ситуации прават да се шетам со срцето во грло секој пат кога се разминувам со група мажи и дека ваквото довикување по улици никако не може да се стави во кошот на флертување или ласкање, зашто е, најпросто кажано, предаторско однесување. Затоа што служи за на нас жените упорно, редовно, насекаде и на секаков начин да ни покаже „чии сме“, каде ни е местото и што нè чека ако ја „преминеме линијата“. Машкиот молк и неразбирање за суптилните начини преку кои се одржува и охрабрува оваа поставеност на нештата се проблем исто како и машкото насилство.
* * *
Уморна сум од многу нешта, а некаде на врвот на таа листа се машката мрзливост и неодговорност.
Пишувајќи на темава, помислив на една приказна која ми ја има раскажувано мајка ми, а е поврзана со една нејзина другарка, која заедно со тогашниот дечко (сега сопруг) студирале медицина. Бидејќи таа била поостроумна од него, ги читала сите книги и скрипти, а потоа му ги прераскажувала. Практично, студирала за двајца. Денес, тој e успешен доктор. Поуспешен од неа, нормално. Вака отприлика изгледа емотивниот и ментален труд кој треба да го вложиме ние жените за да им објасниме на мажите зошто треба да имаат став кога други мажи злоставуваат жени. Во последните напори да се наиде на малку емпатија, дури и ќе посегнеме по аргументот дека и тие се жртви на ваквата поставеност на нештата. Демек, ако не ви е гајле што секоја трета жена е жртва на вознемирување или насилство, еве, барем нека ви е гајле за вас самите. Но понекогаш ми делува дека bro code-от е посилен и помоќен од било кој крик на здрав разум, интелигенција или човечка солидарност.
Бидејќи за сите стотици гласни и горди, млади подржувачи на осудените силувачи и злоставувачи на жени – браќата Тејт, кои сметаат дека жените треба да се во сопственост на мажот, постојат можеби тројца феминисти во нашето пошироко опкружување, за кои знаеме дека се подготвени да направат трансгресија и да го „предадат“ машкиот род со тоа што ќе кажат и покажат дека и жените се луѓе.
* * *
Каде с(т)е останатите?
Прашањево го поставувам срамежливо, зашто знам дека како и сите моите текстови, така и овој, ќе биде читан првенствено од жени. Не дека тоа на било кое ниво ќе ме спречи да пишувам. Периодов се потсеќам на едно перверзно и неосновано „каде се феминистките“, кое како ехо се ширеше во јавниот простор пред неколку години, по секоја вест, дојава, глас поврзан со било каков вид на насилство или неправда. Небаре феминистките ги држат сите конци во раце или имаат магично стапче што може преку ноќ да донесе мир во светот. Реалноста е, феминистиките се тука. Жените кои се занимаваат со бројните последици на машкото насилство се тука. Дел од жртвите се тука, дел, за жал, не се. Каде се мажите?
Феминизмот некогаш одамна западна во замката на себе-објаснување и себе-оправдување, како да не е јасно како ден зошто е потребен и важен како политичка сила (и) денес. И јас сум потрошила часови и часови од мојот еден, драгоцен живот, објаснувајќи како феминистиките не мразат мажи. Се прашувам колку мажи околу мене биле ставени во позиција да докажуваат дека не мразат жени, со оглед на фактот дека насилството против жените најчесто го вршат мажи. И знам кој е одговорот. Мажите не се чувствуваат засегнати, зашто од нив не се очекува одговорност. Зашто мислат дека е доволно тоа што не вршат насилство.
Со оглед на околностите, всушност, изненадувачки е што не ги мразиме мажите. Изненадувачки е дека сè што бараме е мир и правда, а не одмазда. Можеби е изненадувачки што бараме сојузници, партнери, пријатели… Изненадувачки е што, всушност, сме способни да ги сакаме мажите. Се прашувам колку од нив се способни вистински да ги сакаат жените, отаде концептот „би убил за мајка ми“. Се прашувам колку од нив сфаќаат зошто љубовта која завршува со врзување за шпорет не е вистинска љубов. Се прашувам колку од нив сфаќаат дека за воопшто да е возможна љубов, мора да постои одговорност. И мора да постои правда.
Се прашувам и сè уште не можам да разберам, зошто не пријавиле?
Знаете кој пријавил? Жена. Жена во супермаркет која забележала дека е тајно снимана од страна на Доминик го пријавила случајот, а полицијата случајно ги нашла стотиците снимки од масовните силувања на Жизел во нивиот дом. Како што се случувало секогаш низ историјата, сега Жизел е таа која треба да ја носи оваа борба на својот грб и да биде храбра. Жените се злоставувани на сè порадикални и дехуманизирачки начини, а мажите едноставно немаат став по прашањето.
Знаеме дека не-сите-мажи, но како да знаеме кои? Како да знаеме кои се со нас ако тоа не е кажано или покажано? Гневна сум и исплашена, зашто се чувствувам како да сме оставени сами.
За да е возможен животот, мора оваа борба да стане заедничка.