Skopje Pride Weekend 2022 | Екстатични тела

Skopje Pride Weekend 2022 | Екстатични тела

Детали
Каталог
Програма на настани

Со огромно задоволство го најавуваме и ве каниме на јубилејниот десетти по ред Викенд на гордоста Скопје, што оваа година ќе се одржува во два месеци, од 2-11 јуни, и 15-17 септември, во Музејот на современа уметност, Мала Станица, МКЦ, Театар комедија, КСП ЈАДРО и Станица 26. Викендот на гордоста Скопје е фестивал за квир култура, уметност и теорија чијашто цел е да создаде простор за презентирање и промовирање на ненормативните форми на светообразување или, со други зборови, на односите, афектите, идентитетските позиции, телесните стилови и сензибилитети обележани од хетеронормативниот, националистички и неолиберален капиталистички контекст, како квир, ексцентрични и неуспешни.

Основната кураторска тема на овогодишното издание на Фестивалот е ЕКСТАТИЧНИ ТЕЛА. Кураторскиот избор на фестивалската тема се потпира на феминистичкото и квир наследство и тековниот придонес во теоријата, уметноста и политиката, а кое ги поставува телесноста, субјективитетот и афектите како централни оски на критика, мобилизација, изведба и промислување. Критичката феминистичка и квир практика и мисла во преден план ги става отвореноста и проточните граници на телесноста, односно релационата, еколошката и процесуалната перформативност на телесната материјалност, полот и родот, како и етичките и политички импликации кои произлегуваат од онтолошката претпоставка за телесната ранливост, изложеност, неизвесност и променливост. Тргнувајќи одовде, овогодишниот Викенд на гордоста ја става онтолошката екстатичност и дарежливост на телесниот живот во фокусот на уметничките, културните и теориски пракси кои ќе бидат дел од програмата, како можност да го распоседнеме поседничкиот и господаречки субјект на капиталистичкиот патријархат, и да отвориме хоризонт кон радикално преосмислување вкотвено токму во меѓу-телесната отвореност кон другоста.

Овогодишниот фестивал го отвораме на 02 јуни, во 20:30ч во МСУ, со изложба „Екстатични тела: Архива на перформативни квир тела во Македонија“, курирана од Славчо Димитров и Биљана Тануровска – Ќулавковски, а во рамки на која ќе бидат претставени архивски материјали и дела од Волфганг Тилманс, Нора Стојановиќ, Милош Коџоман и Драгољуб Бежан, Христина Иваноска, Велимир Жерновски, Јане Чаловски, Кочо Андоновски, Наташа Гелева, Музејот на современа уметност Скопје, STEAM ROOM, Александар Георгиев, Викторија Илиоска, и многу други. За време на отворањето на изложбата ќе биде изведен во живо и најновиот перформанс на Христина Иваноска, како и најновото кореографско дело на Александар Георгиев. Оваа архива на современи квир/феминистички перформативи во Македонија ќе го опфати периодот од последните 4 декади. Во рамки на истата се истражуваат и се вклучени различни уметнички перформативни практики, кои ние ги забележуваме како феминистички перформанси и пракси во рамки на визуелните и изведбените уметности, како и квир перфоманси, секојдневни квир и клупски кореографии во 90-тите и денес, зачетоците на родовите студии и теорија, политички перформанси, и други фестивали и пракси кои ги истражуваме и читаме во полето на поставениот проблем и тема.

Публиката ќе може да проследи и перформанси на Џули Толентино и Стош Фила (САД) на 03 јуни во МСУ. Џули Толентино е култна американска уметница со филипинско и салвадорско потекло, која во своите перформанси/инсталации ги истражува меѓупросторите на расата, родот, релационалноста и архивот. На 04 јуни, исто така во МСУ, со гордост го претставуваме легендарниот Дејвид Хојл (ВБ), познат во 1990-тите години како Дивајн Дејвид. Во рамки на јунската програма најавуваме и: јавно предавање на Јасмина Тумбас (САД), која на 07 јуни во МСУ ќе ја претстави својата последна книга објавена од Manchester University Press – „Јас сум Југословенка!: феминистичка изведувачка политика за време и по југословенскиот социјализам“; Перформативни презентации на Џесмин Херн, заве мартоарџоно, Џеј Бoj и Сара А.О. Роснер (САД) во Мала станица, а во соработка со Локомотива; и, после две години, јунското издание на фестивалот го затвораме со нашите омилени ПичПрич, и СРАМОТА! – Вечер на раскажување квир приказни. 

Во септемвриската програма публиката ќе проследи танцова претстава на францускиот кореограф Матје Окемије, перформанс на Јулишка Стенгеле од Австрија, и вечер на воугинг и дрег забава.

Оваа година каталогот за фестивал е проследен со првиот превод на македонски јазик на францускиот филозоф Жан Лик Нанси. Примерок од каталогот ќе можете да си земете на отворањето на Фестивалот.

Фестивалот е во организација на Коалиција МАРГИНИ и ЛГБТИ Центарот за поддршка, а се реализира во партнерство со Локомотива, МСУ, ТИИИИТ! Инк., КСП Центар-ЈАДРО и Терапија, со несебичната поддршка на Министерството за култура на РСМ, Фондацијата Heinrich Böll Stiftung, Амбасадата на САД, Фондацијата Фридрих Еберт, Амбасадата на Франција, Фондацијата отворено општество Македонија, и Сигрид. Раузинг. Изложбата Екстатични тела е делумно поддржана од Министерството за култура на Северна Македонија преку Програмата Уметност Институција Политика Тело/УПИТ на Локомотива како и од програмата на ЕУ-Креативна Европа/Life Long Burning проект.

Вашето присуство на Фестивалот ќе ни претставува посебна чест и задоволство.