Побезбедните простори за сексуална работа го намалуваат ризикот од насилство и ХИВ

Побезбедните простори за сексуална работа го намалуваат ризикот од насилство и ХИВ

Побезбедните затворени простории за сексуална работа овозможуваат бенефиции од животно значење за сексуалните работници како намалување на ризикот од насилство и ХИВ и подобри односи со полицијата, се вели во студијата на Инцијативата за родово и сексуално здравје од Канада и Универзитетот на Британска Колумбија.

 

Во студијата, која претставува клавлитативна евалуација и која беше објавена минатата недела во Американското списание за јавно здравство, беа интревјуирани триесет и две жени кои се дел од безбедни програми за домување за сексуални работници кои живеат во сиромаштија или пак се корисници на дрога.

 

Овие програми во Ванкувер, кои се водени од страна на Atira Women’s Resource Society и RainCity Housing and Support Society, нудат иновативен модел за намалување на штети кој го промовира здравјето и безбедноста на маргинализираните сексуални работници.

 

Безбедносните мерки вклучуваат згради наменети само за жени, подржувачки политики за гостите, видео камери на самото место, тим кој е достапен да повика полиција во случај на насилство и здравствени и безбедносни ресурси на самото место, вклучувајќи кондоми и листа на потенцијално насилни клиенти.

 

Според успехот на програмата, овие модели се проширени за да допрат до повеќе сексуални работници во поголемиот број на програми за домување во Ванкувер.

 

Сексуалните работници, кои беа интервјуирани во студијата, а претходно работеле на улица, кажале дека програмите за домување ја зголемиле контролата при преговарањето во нудењето на сексуални услуги, вклучувајќи ја и можноста да одбијат да дадат одредени непосакувани услуги, како и во преговарањето за употребата на кондоми и во избегнувањето на насилни клиенти.

 

Нивните искази го покажуваат контрастот помеѓу безбедноста која ја имаат во ваквата средина и ограничените опции во контролирањето на својата безбедност кога се среќаваат со клиентите во автомобили, улички или во нивните домови.