02 Apr ИНТЕРВЈУ – ИРЕНА ЦВЕТКОВИЌ: „Жените од Балканот треба да се обединат во борбата за родова еднаквост“
Преземено од lupiga.com : Интервју на Соња Стојадиновиќ со Ирена Цветковиќ
Сексуалното насилство и вознемирување имаат многу долга историја во балканските општества, но на оваа тема почна да се зборува сè погласно дури во последниве дваесетина години . Феминистките од сè побројните организации низ целиот регион, но и жените кои решија да зборуваат за насилството што го доживеале, секако најмногу придонесуваат за излегување од ќор-сокакот.
Во март минатата година во македонската јавност се појави информација дека постои група „Јавна соба“ со повеќе од 7.000 членови на апликацијата „Телеграм“, во која се споделуваат разголени фотографии од девојки и жени, лични податоци и контакти без нивна дозвола, и последователно како овие жени се вознемирувани од повици и секакви понуди. Јавноста беше згрозена, а инертноста на полицијата придонесе една година подоцна да се соочиме со неверојатниот факт дека оваа група сè уште постои, и тоа многу активно.
На оваа тема, но и за длабоко вкоренетиот патријархат кој системски ги уништува жените, разговаравме со Ирена Цветковиќ, феминистка и директорка на Коалицијата Маргини, скопска невладина организација што ги штити основните човекови права на маргинализираните социјални групи, со фокус на ЛГБТ заедницата, ХИВ-позитивни граѓани, сексуални работници/чки и маргинализирани жени.
Сексуалното вознемирување во Македонија станува се повидливо, а гласноста на жените придонесува за таа видливост. Колкава е силата на женската солидарност околу овој проблем во споредба со периодот од пред 10 години? Дали за овие теми се зборува повеќе денес и дали жените ги препознаваат сите форми на сексуално насилство и вознемирување?
– Сведоштвата и јавните излагања на жените кои биле жртви на сексуално насилство и вознемирување почнуваат да го преплавуваат јавниот дискурс во регионот. Почнувајќи од движењето #metoo, преку локалните балкански варијанти (како на пример движењето #СегаКажувам во Северна Македонија), скандалот со „Јавна соба“ и конечно отворањето на случајот со Марија Лукиќ во Србија и случајот со белградскиот актерски професор Мика Алексиќ претставуваат тектонско поместување во милениумската борба со оваа форма на насилство. Што добива мала земја како Северна Македонија од ова? Насилството е чин на употреба на сила или моќ што има за цел да повреди некого или да му нанесе штета. Човекот има три начини на реакција кога е соочен со опасност: борба, бегство или „смрзнување“. Во случаи на сексуално насилство, најчестиот одговор на човекот е „замрзнување“. Во тој момент телото и психата „замрзнуваат“ и многу жени во светот сведочат за тоа. Кај нас системот остана замрзнат од скандалот со онлајн групата „Јавна соба“ каде повеќе од стотина жени беа сексуално малтретирани, а беа споделени и нивните приватни, интимни фотографии, телефонски броеви, видеа, домашни адреси. Една година по избувнувањето на скандалот, групата сè уште постоеше, жените пријавуваа во полиција и обвинителство, а системот остана замрзнат сè додека една девојка откако не можеше да го разреши својот случај, освен во полиција, ја раскажа својата приказна и на една телевизиска станица. Оттогаш, за помалку од 48 часа, групата беше затворена, четворица осомничени беа приведени, а жртвите почнаа да добиваат повици од институциите кои доцнат најмалку шест месеци.
Значи, се покажа дека МВР воопшто не реагирало на случајот од минатата година. Дали ова значи дека македонските граѓанки можат да имаат основан сомнеж дека полицијата нема намера да ги заштити од сексуално насилство и да ги изведе сторителите пред лицето на правдата?
– Притисокот на јавноста донесе резултати. Повеќе од една година, институциите изразуваа наводна немоќ да се справат со ова злосторство, но со повторното оживување на скандалот, видовме дека тие брзо идентификуваа и приведоа некои осомничени. Ова јасно го означува она што го знаеме одамна: сè е можно кога се сака. Со други зборови, институциите имаат можности и капацитети, но немаат волја. Сведочењата на жртвите и притисокот на јавноста ги поттикнуваат институциите да почнат да си ја вршат својата работа, но тоа е многу лош знак. Ако за едно казниво дело кое опфаќа стотина жртви, мора да се вознемири јавноста, а жртвите дополнително трауматизирани и принудени да ги споделуваат своите трауми со јавноста за институциите да започнат со работа, тогаш има нешто опасно скапано во нашиот систем. Институциите требаше да го решат случајот без многу помпа и спектакли, да донесат правда за жртвите и да ги санкционираат насилниците и со тоа да ги демотивираат ваквите дела во иднина. Да одговорам на прашањето конкретно – да, сомнежот кај македонските граѓанки постои и, за жал, е оправдан. Затоа целата битка на феминистките е насочена кон институциите на системот.
Колку нашата правна рамка ги штити жените од сексуално насилство, малтретирање на јавно и на Интернет? Или, можеби, полицијата едноставно не сака да се занимава со прашања за сексуално насилство, освен ако не заврши со смрт?
– Законската рамка е недоволна, но добрата вест е што новите закони се во завршна постапка на усвојување и треба да бидат донесени и применети наскоро. Сепак, дури и најдобрите закони се залудни ако оние што треба да ги операционализираат не го сторат тоа соодветно. Полицијата мора да ја сфати сериозноста на ваквите злосторства и кога полицаец не постапува професионално, мора да биде санкциониран за тоа. Со други зборови, покрај правната рамка, потребни се стручни, независни и посветени институции.
Веќе некое време, во Црна Гора постои Фејсбук и Инстаграм страница „Vala Ljeposava“, која иронично го прикажува патријархатот во Црна Гора преку ликовите од култната серија „Đekna još nije umrla, a ka’ će ne znamo“. Не само жените од Црна Гора, туку и жени од целиот регион одговорија на нивниот повик да ги споделат своите трауматски искуства од породувањето и гинеколошките прегледи. Колку познавање и информации има во Македонија за трауматскиот третман на жените при породување и неправилниот однос на медицинскиот персонал за време на гинеколошките прегледи?
– Доволно е да отворите форум за мајки и бремени жени и да прочитате за хорор искуствата што ги доживеале овие жени во породилиштата. Сведоштвата зборуваат за многу распространет тренд на вербално, психолошко, а во некои случаи (ретки, но вистинити и најчесто врз жени Ромки) дури и физичко насилство врз мајки. Во периодот кога бев бремена, честопати посетував вакви форуми и ужасната е преблаг збор за да ви го опишам стравот од она што можеше да ми се случи при пораѓај. Сведоштвата беа различни, но зборовите упатени кон жените беа идентични: „Дали викаше вака кога го правеше?“, „Не се дери краво“ и слично. Оттогаш (мојата бременост беше пред десет години) ги немам отворено овие форуми, но многу ми беше мило кога видов дека македонската феминистичка платформа „Медуза“ го отвори прашањето за медицинско насилство и собра неколку стотици изјави од жени поврзани со нивното породување. Она што е непроменето во овие изјави денес и оние од пред десет години е класната нееднаквост меѓу жените. Односно, жените кои имаат поголема финансиска стабилност раѓаат во приватни болници каде ваквиот третман е скоро непостоечки. Значи, класата, расата и етничката припадност многу влијаат на тоа каков третман ќе добиете кога ќе се породите.
Дали сметате дека женските организации треба да се обединат регионално во борбата против нехуманиот третман на жените во гинеколошките ординации и за време на породувањето, бидејќи според ова, ова не е само општествен, туку и регионален проблем.
– Апсолутно. Не само на оваа тема. Јас сум голем борец за регионален пристап во борбата за родова еднаквост. Западен Балкан е топосот на кој припаѓам, културно, социјално, дури и емоционално. Моите познанства и редовната комуникација со феминистките од регионот се исклучително важни и драги за мене. Ние, жените од Балканот, навистина носиме една специфичност, еден силен потенцијал и креативен пристап во размислувањето и постапувањето во насока на еднаквост и слобода за сите. Можеби е нескромно, но навистина мислам дека западните феминистки можат да научат многу од жените и феминистките од Балканот.