Незаконитото постапување на Управата за водење на матични книги резултира со негативна оценка од Европската Комисија

Незаконитото постапување на Управата за водење на матични книги резултира со негативна оценка од Европската Комисија

Европската комисија во извештајот за Република Северна Македонија за 2020 година констатира дека нема конкретен напредок во овозможување на јасна постапка за правно признавање на родот и измената на ознаката за пол на лицето Х како обврска што произлегува од пресудата на Европскиот суд за човекови права против Северна Македонија од 2019 година.

Потсетуваме дека дел од постапките се започнати во 2011, а во јануари 2019 година Европскиот суд за човекови права донесе одлука против државата со која се утврди повреда на правото на приватен живот, а Управата за водење на матичните книги (УВМК) е посочена како одговорна за повреда на правото поради донесување на произволни одлуки во врска со барањето за промена на податоците.

Игнорантскиот однос на УВКМ кон одлуките Европскиот суд за човекови права, одлуките на Владата и на законите негативно влијае на прогресот на Република Северна Македонија кон Европската Унија и фрла сенка на умерениот напредок што државата го постигнала во областа на човековите права.

Директорот на Управата и службениците во своите одлуки не се воздржуваат да кажат дека нивното лично мислење дали на одредено лице треба да му се промени ознаката за пол или не, има поголема правна сила од Уставот, законите, Европската Конвенција за човекови слободи и права и Одлуката на Владата на Република Северна Македонија со што го повредуваат принципот на владеење на правото и правната сигурност. Со години, Владата го дозволува ова криминално постапување на директорот и службениците платени од парите на оние чии што животи ги негираат и чии права ги повредуваат веќе цела деценија.

Коалицијата МАРГИНИ уште еднаш го повикува директорот на УВМК Бујар Дардишта и службениците веднаш да извршат измена на ознаката за пол на лицето Х, а министерството за правда да го забрза процесот за подготовка на измена на законот за матична евиденција и да им овозможи правно признавање на родот на транс луѓето во државата.

Лице за контакт:

Наташа Бошкова
075/200-805
natasa.boskova@gmail.com