Повик до политичките партии: ЗА ПОТПИШУВАЊЕ НА ДЕКЛАРАЦИЈА ЗА ПРИОРИТЕТНО ДОНЕСУВАЊЕ НА ЗАКОНОТ ЗА СПРЕЧУВАЊЕ И ЗАШТИТА ОД ДИСКРИМИНАЦИЈА ОД СТРАНА НА СОБРАНИЕТО НА РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА

Повик до политичките партии: ЗА ПОТПИШУВАЊЕ НА ДЕКЛАРАЦИЈА ЗА ПРИОРИТЕТНО ДОНЕСУВАЊЕ НА ЗАКОНОТ ЗА СПРЕЧУВАЊЕ И ЗАШТИТА ОД ДИСКРИМИНАЦИЈА ОД СТРАНА НА СОБРАНИЕТО НА РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА

Здруженијата на граѓани ги повикуваат политичките партии кои учествуваат во парламентарните избори да ја поддржат декларацијата за приоритетно донесување на Законот за спречување и заштита од дискриминација од страна на идниот парламентарен состав.

Иницијатори на декларацијата се девет мрежи на здруженија на граѓани (Мрежата за заштита од дискриминација (МЗД), Национална мрежа за борба против хомофобијата и трансфобијата (НМХТ), Платформа за родова еднаквост, Македонска платформа против сиромаштија (МППС), Мрежа 23, Неформална мрежа на ромски организации, Блупринт група за реформи во правосудството, Платформа на граѓански организации за борба против корупцијата, Платформа за одржливост на сервисите за превенција и поддршка за ХИВ) кои заедно бројат повеќе од 100 здуженија.

Целта на декларацијата е политичките партии да се обврзат дека овој Закон ќе го донесат веднаш по формирањето на Собранието на Република Северна Македонија, без дополнителни одолговлекувања и дека потоа, во согласност со законскиот рок, ќе го изберат новиот состав на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација. Овој Закон го штити уставно гарантираното право на еднаквост на граѓаните, предвидува постапка за заштита од дискриминација, активно преземање на мерки за спречување на дискриминација и промоција на еднаквоста на сите граѓани, а особено на најмаргинализираните групи. Битката за донесувањето на квалитетен Закон за спречување и заштита од дискриминација започна пред 10 години, за денес повторно да немаме законска рамка ниту ефикасни и функционални механизми за заштита од дискриминација.

Ги повикуваме сите политички партии, без разлика на идеолошката позадина, да ја поддржат оваа декларација и да се обврзат дека ќе се застапуваат за итно донесување на Законот за спречување и заштита од дискриминација. Само преку донесување на овој Закон и понатаму со негово спроведување, партиите конечно ќе покажат дека се грижат за човековите права и благосостојбата на сите граѓани.

Партиите кои сакаат да ја поддржат декларацијата можат да нѐ контактираат на контактите подолу најдоцна до 8 јули.

Во продолжение е целосниот текст на декларацијата:

 

 

ДЕКЛАРАЦИЈА

ЗА ПРИОРИТЕТНО ДОНЕСУВАЊЕ НА НОВИОТ ЗАКОН ЗА СПРЕЧУВАЊЕ И ЗАШТИТА ОД ДИСКРИМИНАЦИЈА ОД СТРАНА НА СОБРАНИЕТО НА РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА

 

Имајќи предвид дека дискриминацијата е сѐ уште еден од почестите проблеми со кои се соочуваат голем дел од граѓаните на Република Северна Македонија, посебно ранливите, сиромашните и маргинализираните заедници;

 

Земајќи ја предвид моменталната состојба во државата, отсуството на механизми и недоволната примена на постоечките национални и меѓународни инструменти за соодветно справување со дискриминација, што директно придонесува кон продлабочување на нееднаквоста во нашето општество и со што им се оневозможува на граѓаните да го искористат сиот свој потенцијал за еднакво учество во секој домен од живеењето;

 

Водејќи се од фактот дека основните слободи и права на човекот и на граѓанинот признаени со меѓународното право и утврдени со Уставот се темелни вредности на нашиот уставен поредок, но и дека еднаквоста е дел од утврдените уставни слободи и права на човекот и на граѓанинот;

 

Препознавајќи ја потребата од усвојување на квалитетни законски решенија за преточување на оваа темелна уставна вредност преку унапредување на системот за спречување и за заштита од дискриминација, согласно меѓународните стандарди, согласно обврските од Спогодбата за стабилизација и асоцијација – и согласно потребата за усвојување на правото на Европската Унија, се залагаме за:

 

–                Итно донесување на Законот за спречување и заштита од дискриминација, веднаш по формирањето на новото парламентарно мнозинство; 

–                Спроведување на транспарентна постапка за избор и за именување на членови на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, во согласност со законски утврдените услови и рокови;

–                Обезбедување на услови, вклучително и на финансиски ресурси, за непречено и независно функционирање на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, а во врска со сите нејзини надлежности;

и

–                Промоција и унапредување на принципите за еднаквост и за недискриминација со цел градење на хумано и фер општество за сите луѓе во државата.

 

Иницијатори:

Мрежа за заштита од дискриминација (МЗД)

Национална мрежа за борба против хомофобијата и трансфобијата (НМХТ)

Платформа за родова еднаквост

Македонска платформа против сиромаштија (МППС)

Мрежа 23

Неформална мрежа на ромски организации

Блупринт група за реформи во правосудството

Платформа на граѓански организации за борба против корупцијата

Платформа за одржливост на сервисите за превенција и поддршка за ХИВ

 

СООПШТЕНИЕТО Е ДОСТАПНО НА АЛБАНСКИ ЈАЗИК ТУКА.

 

 

Лице за контакт:

Драгана Дрндаревска

koalicijaszpmz@gmail.com

dragana.coalition@gmail.com

023214269/ 078200675