27 May Може ли да се следи спроведувањето на Цел 16.3?
Агендата 2030 за одржлив развој и 17-те Цели за Одржлив Развој претставуваат глобален повик за акција за да се стави крај на екстремната сиромаштија, за да се обезбеди одржлива иднина и развој на нашата планета и за да им се овозможи на сите луѓе да уживаат еднакво во мир, правда и просперитет.
Развојната Цел 16.3 – Промовирање на владеење на правото на национално и меѓународно ниво и обезбедување на пристап до правда за сите, претставува централен елемент од шеснаесеттата развојна цел и ја препознава поврзаноста на пристапот до правда, намалувањето на сиромаштиjата и инклузивниот одржлив развој. Оваа цел обезбедува единствена можност да се даде рефлексија за тоа како националните влади можат да осигураат дека економскиот раст и развој и стратегиите за надминување на сиромаштијата го опфаќаат и пристапот до правда и иницијативите за правно зајакнување, како интегрален дел за остварување на овие цели.
Преточувањето на ЦОР на национално ниво, подразбира подготовка на Стратегии и Акциски планови за одржлив развој на краток, на среден и на долг рок до 2030 година. За овој процес на национално ниво, државите подготвуваат Доброволен национален преглед (Voluntary National Review – VNR), механизам за известување за тоа како земјите ги имплементираат Целите. Во пресрет на Политичкиот форум на високо ниво / HLPF, во јули 2020 година, Република Северна Македонија подготви извештај што ќе биде разгледан за време на Форумот, а ние како здруженија кои долги години работиме на унапредување на пристапот до правда на маргинализираните заедници, доставивме Spotlight извештај во кој ги истакнавме идентификуваните недостатоци во спроведувањето на Целта 16.3 и предлагаме конкретни акции за подобрување на пристапот до правда.
Целите за одржлив развој треба да создадат партнерствата за соработка, размена на искуства и знаења, финансиска и техничка помош меѓу владите и вклучување на бизнис на заедницата, на донаторите, на академијата и на граѓанското општество во нивното спроведување. Затоа, сметаме дека нашиот извештај ќе биде катализатор за спроведување на Целите за Одржлив Развој на национално ниво, преку зајакнување на соработката и координацијата помеѓу Владата, здруженијата и останатите засегнати страни. Во продолжение погледнете ги нашите наоди и препораки: ЛИНК