17 Apr Универзалното право на дишење
Ашил Мембе
ПРЕВОД: Јулија Мицова
Дел од нас веќе зборуваат за „пост-Ковид-19“. И зошто да не? Дури и доколку, за повеќето од нас, особено за тие што живеат во земји каде што долгогодишното занемарување ги опустоши здравствените системи, најлошото допрва доаѓа. Без слободни болнички кревети, без респиратори, без масовни тестирања, маски или средства за дезинфекција, ниту пак сместување во карантин на заразените, за жал, многумина нема да поминат низ иглените уши.
1.
Едно е да си загрижен за смртта на луѓето во далечните земји, а сосем друго кога оддеднаш стануваш свесен за сопственото гниење, присиленоста да живееш интимно со сопствената смрт, да ја поимаш како реална можност. За многумина од нас, ова е ужасот предизвикан од изолацијата: конечно сме приморани да одговараме за сопствениот живот, за себеси.
Сега треба да одговараме за животот на планетата Земја со другите (вклучително и со вирусите) и нашата споделена судбина. Токму таква наредба доби човештвото во овие патогени времиња. Патогени секако, но исто така и катаболички времиња пар екселанс, како резултат на распаѓањето на телата, сортирањето и испуштањето на секаков човечки отпад – големото „одделување“ и големата изолација предизвикана од шокантното ширење на вирусот – и при тоа широкораспространетата дигитализација на светот.
Колку и да се обидуваме да се ослободиме од телото, сепак на крај сè се сведува на него. Се обидовме да го трансплантираме на поинаков медиум, да го претвориме во објектно тело, машинско тело, дигитално тело, онтофанско тело. Ни се врати како ужасна, огромна мандибула, средство за контаминација, вектор за полен, спори и влага.
Сознанието дека не се соочуваме сами со ова премреже, дека многумина нема да успеат да го избегнат, е залудна утеха. Затоа што никогаш не научивме да живееме заедно со другите живи суштества, никогаш не сме се помислиле на штетата што ја нанесуваме како луѓе врз белите дробови на земјата и нејзиното тело. Одовде никогаш не научивме ниту како да умреме. Со пристигнувањето на Новиот Свет, и неколку века подоцна, појавата на „индустријализираните раси“, во суштина избравме да ја делегираме сопствената смрт на други, да направиме голем жртвен оброк од самото постоење преку еден вид на онтолошки викаријат.
Но наскоро нема повеќе да можеме да ја делегираме сопствената смрт на други. Нема повеќе да биде возможно друг да умре наместо нас. Не само што ќе бидеме осудени да ја преземеме сопствената пропаст, без посредство, туку збогувањата ќе бидат малку и ретки. Нè навјаса моментот на автофагија, а со него и смртта на заедницата, бидејќи не постои вистинска заедница кога последното збогување, тоест, чествувањето на живите во моментот на смртта, е невозможно.
Заедницата – односно заедничкото – не се заснова единствено на можноста да се збогуваш, односно, да оствариш уникатна средба со другите која што ќе се чествува во иднина. Заедничкото исто така се заснова и на можноста за безусловно споделување, при што секој пат се добива нешто апсолутно интринзично, нешто небројно, непроценливо, бесценето.
2.
Нема сомнеж, небото се поклопи над нас. Затечени во загработ на неправдата и нееднаквоста, како што насекаде се шири чувството дека светот се наоѓа во состојба на одложеност, поголемиот дел од човештвото е фатено за гуша и не може да диши.
Доколку, во вакви околности, дојде денот после, тоа не смее да се случи на сметка на одредени луѓе, секогаш истите, како во Ancienne Économie – економијата што ѝ претходеше на револуцијата. Денот мора да биде ден за сите жители на планетата Земја, без оглед на вид, раса, пол, жителство, религија, или друг диференцијален маркер. Со други зборови, денот после ќе пристигне, но само по огромен расцеп, резултат на радикална имагинација.
Пукнатините нема да можеме да ги покриеме со хартија. Длабоко во сржта на кратерот, ќе мора буквално сè повторно да се измисли, почнувајќи со социјалното. Кога работата, пазарувањето, следењето на вестите и контактот со другите, грижата и зачувувањето на контактите, разговорот со дрругите и споделувањето, излегување на пијачка, молење и организирањето на погребите се одвива единствено преку екраните, време е да признаеме дека пламени огнови нè опкружуваат од сите страни. До одредена мера дигиталното ја претставува новата длабока дупка екслоподирана на Земјата. Едновремено и ров, тунел, пуст пејсаж, претставува и бункер каде и мажите и жените се поканети да се сокријат, во изолација.
Се мисли дека преку дигиталното, телото сочинето од ткиво и коски, физичкото и смртно тело, ќе биде ослободено од сопствената тежина и инертност. На крајот од ваквата промена, конечно ќе можеме да преминеме отаде огледалото, отсечени од биолошката корумпираност, реконструирани во синтетички универзум. Но се работи за илузија, бидејќи како што не постои човештво без тела, така и човештвото никогаш нема да ја спознае слободата надвор од општеството и заедницата, и слободата никогаш нема да ја добиеме на сметка на биосферата.
3.
Мора да почнеме од отпочеток. За да преживееме, ќе мора да им ги вратиме на сите живи суштества – вклучително и на биосферата – неопходниот простор и енерегија. Во нејзините мрачните и сокриени простори, модерноста претставува бескрајна војна против животот. Но сè уште не е завршена. Еден од примарните начини на војување во оваа војна е потчинетоста кон дигиталното, што директно резултира со осиромашување на светот и пресушување на цели парчиња од планетата.
Како резултат на последиците од оваа трагедија наместо да се понуди засолниште за сите живи суштества, постои опасност светот да зачекори во ново време на напнатост и бруталност. Во поглед на геополитиката, логиката на моќта и власта ќе продолжи да доминира. Недостигот на заедничка инфраструктура ќе предизвика интензивна брутална поделба на планетата, со цврсто одредени линии на поделба. Голем дел држави ќе настојуваат да ги утврдат границите со надеж да се заштитат од надворешноста, но исто така ќе настојуваат да го прекријат конститутивното насилство што и понатаму ќе биде насочено, како и вообичаено, кон најранливите. Жиивотот зад екраните и оградените заедниците ќе стане норма.
Особено во Африка, но и во многу места од Глобалниот Југ, со ист интензитет ќе продолжат екстрацијата на енергија, земјоделската експанзија, ненаситната продажба на земјиштето и уништувањето на шумите. Од тоа зависи работата и ладењето на компјутерските чипови и суперкомпјутерите. Доставата и снабдувањето со ресурси и енергија неопходни за глобалната информатичка инфраструктура ќе наметнат поголеми ограничувања врз мобилноста на луѓето. Со цел да ги задржиме подалеку сите можни ризици, дистанцирањето ќе стане нова норма. Но сепак, бидејќи со ваквата катаболичка визија за светот, поттикната од теориите за имунизација и зараза, не се поставуваат прашања и за нашата еколошка неизвесност, нема да бидеме поблиску кон наоѓање на излез од планетарниот ќор сокак во кој заглавивме.
4.
Сите овие војни против животот почнуваат со одземањето на здивот. Слично, бидејќи го попречува дишењето и блокира обновувањето на човековите тела и ткива, Ковид-19 ја споделува истата тенденција. Сепак целта на дишењето е внес на кислород и испуштање на јаглерод диоксид во една динамична размена меѓу крвта и ткивата. Но со оглед на животот на Земјата и штуриот остаток од богатствата на планетата, дали сме толку далеку од моментот кога ќе остане повеќе јаглерод диоксид за дишење од кислород?
Дури и пред вирусот, човештвото веќе се наоѓаше под закана од задушување. Доколку мора да се случи војна, не смее да се одвива во толкава мера против одреден вирус, колку што треба да биде против сè она што го осудува поголемиот дел од човештвото на предвремен прекин на дишење, сè она што фундаментално го напаѓа респираторниот тракт, сè што, во текот на долгата власт на капитализмот принуди разни сегменти од светската популација, раси, на потешкотии во дишењето и угнетуван живот. Потешкотиите ќе се надминат доколку дишењето го поимаме пошироко од биолошкиот аспект, како нешто заедничко за сите, нешто што, по дефиниција, не може да се пресмета. Под тоа мислам на универзалното право на дишење.
Како нешто неосновано, но истовремено и заедничка основа за сите, универзалното право на дишење е немерливо и не може да се присвои. Од универзална перспектива, не само што е право на сите припадници на човековиот род, туку и на сè живо. Следствено мора да се разбере како фундаментално право на постоење. Одовде истото не може да се одземе, со што постои надвор од границите на суверенитетот, и го симболизира апсолутниот принцип пар екселанс. Правото на дишење е оригинарно право на живот на Земјата, право на универзалната заедница на популацијата на планетата, човекова и друга.
Кода
Случајот е познат. Обвинението го рецитираме напамет. Без разлика дали се работи за уништувањето на биосферата, преземањето на умовите од страна на технонауката, криминализацијата на отпорот, постојаните напади на здравиот разум, генерализираната кретенизација или подемот на детерминизми (генетички, невронски, биолошки, еколошки), опасностите со кои се соочува човештвото сè повеќе се егзистенцијални.
Најголема од сите постоечки опасности е тоа што ќе бидат оневозможени сите форми на живот. Речиси и да не постои разлика меѓу оние што сонуваат да ја пренесат човековата свест врз машина и уверените дека следната мутација на човековиот род лежи во ослободувањето од нашата биолошка корупка. Евгеничкото искушение не замира. Токму напротив, затоа што лежи во коренот на неодамнешниот напредок во науката и технологијата.
Во оваа точка се јавува ненадеен застој, прекин не само на историјата туку и на нешто сè уште недофатно. А бидејќи ни е наметнат, прекинот не се случува како резултат на нашата волја. Од повеќе аспекти истовремено е неочекуван и непредвиден. А сепак всушност потребен нѝ е доброволен застој, свесен и одобрен прекин. Без него не постои утре. Без него ништо нема да постои освен бескрајна серија на непредвидени настани.
Доколку навистина Ковид-19 претставува спектакуларен израз на планетарниот ќор сокак во кој се најде човештвото денес, тогаш единствената опција е да се реконструира Земјата на погоден начин со цел сите да го добиеме здивот на животот. Мора да ги повратиме белите дробови на светот, и да се изгради нова основа. Човековиот вид и биосферата се едно. За човештвото не постои иднина доколку остане само. Способни ли сме да откриеме дека секој од нас припаѓа на истиот род, дека меѓу нас постои нераскинлива врска со сиот живот на планетата? Можеби токму тоа е вистинското прашање – последното прашање – пред да вдишиме за крај.
13 април, 2020 година.
Ашил Мембе е автор на Brutalisme (Брутализам, Париз, 2020). Еден од основачите, заедно со Фелвин Сар на Ateliers de la pensée во Дакар.