Коронавирусот ги става жените во првите редови

Коронавирусот ги става жените во првите редови

Во Европа, сите ние се прилагодуваме на новите начини на живеење заради ефектите на коронавирусот. Учиме што значи да се самоизолираме, да работиме од дома, да спроведуваме домашна настава за децата, да ја изгубиме работата или дури и некој близок. Ситуацијата на секое лице е различна, но со сигурност, коронавирусот ќе ги открие различните реалности кај жените и мажите.

Во првите редови на оваа пандемија на коронавирус се здравствените работници кои работат деноноќно и се ставаат во опасност за да се грижат за пациентите. Повеќето медицински сестри и здравствени работници во ЕУ се жени. Нивниот обем на работа е многу напорен, честопати наплаќајќи емотивна цена. Сепак, нивната професија е една од најпотценетите и недоволно платениво ЕУ.

Стапката на смртност кај мажите е поголема

Прелиминарните бројки покажуваат дека жените и мажите се заразени од коронавирусот во приближно еднаков број, но стапката на смртност е поголема кај мажите отколку кај жените. Светската здравствена организација препорачува здрава исхрана и одржување на навиките за вежбање за зајакнување на имунолошкиот систем и избегнување на нездравите навики, како што се пушењето и прекумерното консумирање на алкохол. Повеќе мажи се пушачи отколку жени и затоа се со поголема веројатност да развијат сериозна болест ако се заразат со вирусот.

Дополнителни предизвици за корисниците на јавниот превоз

Нашите наоди за индексот на родова еднаквост покажуваат дека жените се потпираат многу повеќе на јавниот превоз отколку мажите. Ова ги става жените во поголем ризик да стапат во контакт со вирусот, кога треба да одат на работа, да посетат лекар или да купуваат намирници. Ова е особено случај кај самохрани родители, кои помалку веројатно имаат автомобил поради финансиски причини. 18% од нив велат дека јавниот превоз е единствениот метод на превоз што им е достапен. Во земји каде ограничувањата за движење се засилени, јавниот превоз е намален, па дури и затворен. Ова го отежнува животот за луѓето кои се потпираат на овие услуги, а сè уште треба да одат на работа, да посетуваат лекар или да набават намирници.

Загриженост за големи загуби на работни места во професиите во кои доминираат жени

Затворањето на многу бизниси може да има сериозен ефект врз многу професии во кои доминираат жени. Стјуардесите, тур-операторките, продавачките, хотелските чистачки и фризерките веќе се со несигурна работа и веројатно нема да бидат платени, ниту ќе имаат право на платено боледување. Овие луѓе веројатно ќе имаат потешкотии да платат за основните потреби, како намирници, кирија и сметки во наредните денови и месеци. Истражувањето на EIGE покажува дека четвртина од вработените жени во ЕУ се со несигурна работа. За мигрантите ситуацијата е уште полоша. Скоро една од три жени кои не се родени во ЕУ (35%) и еден од четворица мажи кои не се родени во ЕУ (24%) работат на несигурни работни места.

Ќе има пораст во неплатената работа за грижа

Дури и без криза, одговорноста за грижа обично паѓа многу повеќе врз жените. Со затворањето на училиштата и работните места, нивниот неплатен обем на работа веројатно ќе се зголеми уште повеќе. Доколку се разболат постарите роднини, ќе им биде потребна нега. Ситуацијата со самохраните родители може да биде уште потешка, особено кога опциите за неформална грижа за децата не се достапни.

Физичкото дистанцирање не е опција за секого

Во ЕУ, скоро една четвртина од домаќинствата зависат од неформалната грижа од роднини или пријатели. Бидејќи мерките за физичко дистанцирање стануваат норма, ќе стане покомплицирано за семејствата, пријателите и соседите да обезбедат или да добијат таква грижа.

Исто така, постојат многу луѓе во нашето општество, за кои физичкото дистанцирање не е опција. Постојат 61 милион жени и 47 милиони мажи со попреченост во ЕУ. Многу од нив зависат од помошта од другите за да јадат, да се облекуваат или да се истушираат, што го прави физичкото дистанцирање скоро невозможно. Во цела ЕУ, повеќето професионални негуватели кои работат со лица со попреченост или постари лица се жени (83%).

Семејното насилство се зголемува во време на криза

Периодот на социјална изолација го зголемува ризикот од семејно насилство. Жените во насилни врски се заглавени дома и се изложени на насилникот подолг временски период. Ова им го отежнува повикувањето на линии за помош бидејќи сторителот е секогаш наоколу. Исто така, може да биде потешко за жените да го напуштат насилникот откако ќе заврши кризата, поради финансиската несигурност што може да следи.

Соседите или роднините можат да имаат важна улога во контактирањето на полицијата ако се сомневаат дека се случува насилство, особено кога жртвата не е во можност да повика помош.

Каде се жените на одлучувачки позиции?

Додека медицинските сестри работат нон стоп зад сцената во болниците за да се грижат за пациентите, мажите најчесто ги гледаме во јавниот домен, во насловите на вестите. Тие се оние кои имаат најголем дел од позициите на моќ во нашето општество. Во оваа криза, обично мажите ги донесуваат сите важни одлуки, кои влијаат на секојдневниот живот на граѓаните. Оваа нерамнотежа на моќта на донесување одлуки значи дека жените се изоставени од обликувањето на одлуките што влијаат на нивниот живот.

Политичките мерки мора да ги земат предвид различните потреби на жените и мажите

Одговорот на креаторите на политиките мора да ги земе предвид различните искуства со кои се соочуваат жените и мажите за време на пандемија со цел секој да добие помош каква што му е потребна. Постои голема потреба од полово распределени податоци за целосно да се разбере како жените и мажите се засегнати од вирусот. Не само за стапките на инфекција, туку и економските влијанија, дистрибуцијата на работата за нега и обемот на семејното насилство. Исто така, време е лидерите да ја препознаат и да и’ дадат поголема вредност на работа на оние коишто се во првите редови на здравствената криза, како што се здравствените работници, домашните негуватели и домашните работници.

ИЗВОР