07 Apr COVID-19 и транс-луѓето
Во време на криза, оние што живеат на маргините најмногу страдаат. Со причина веруваме дека транс-заедниците се, и ќе бидат несразмерно погодени од COVID-19. Ова влијание најсилно го чувствуваат транс-лицата кои се бездомници, сексуални работници, лица со попреченост, мигранти, бегалци, баратели на азил, сиромашни и/или стари лица, на кои негативно влијае:
- Самиот вирус.
Знаеме дека транс луѓето имаат поголема веројатност да страдаат од постоечки здравствени состојби и економска нестабилност од општата популација заради дискриминацијата со која се соочуваат. Оваа состојба ги става во поголем ризик да бидат изложени на вирусот и да развијат сериозни симптоми. Ја охрабруваме транс заедницата и нивните сојузници да ги идентификуваат оние кои се најранливи и редовно да ги проверуваат. - Здравствениот систем и давателите на здравствени услуги.
Знаеме дека транс-луѓето ширум светот се соочуваат со бариери кога пристапуваат до здравствена заштита (негирање на грижа, кршење на човековите права, недостаток на осигурување…). Овие бариери, во комбинација со дискриминацијата со која се соочуваат повеќето транс луѓе додека се обидуваат да пристапат до здравствената заштита, создава отпор кон барање на медицинска помош кога се болни. Покрај тоа, обезбедувањето на општа и транс-специфична грижа е сериозно намалена во тековната криза. Ја повикуваме транс заедницата и нивните сојузници да обезбедат меѓусебна поддршка за оние на кои можеби им е потребно охрабрување или поддршка за пристап до здравствена заштита за време на кризата и да се залагаат за продолжување на транс-специфичната нега по завршувањето на акутната криза. - Социоекономското влијание на оваа криза.
Знаеме дека социоекономското влијание на пандемијата особено ќе ги погоди оние во нај маргинализираните заедници. Транс-луѓето честопати работат во неформална економија, се потпираат на сексуална работа, имаат несигурни работни места и ниски приходи. Оние кои се бездомници, мигранти, баратели на азил и/или со попреченост, веројатно ќе останат незаштитени во оваа криза.
Се солидаризираме со транс-луѓето ширум светот погодени од пандемијата на COVID-19 и сакаме тие и нивните најблиски да бидат безбедни колку што дозволуваат овие времиња. Во овие тешки времиња, останете безбедни, покажете љубов, грижете се едни за други и поддржувајте ги оние што се уште повеќе изолирани.
Транс-луѓе: Кој е изложен на ризик?
Поради дискриминацијата со која се соочуваат, некои транс-луѓе се повеќе склони да развијат сериозни симптоми, поподложни се на COVID-19, и/или имаат поголема веројатност да страдаат од несразмерни социјални и економски влијанија. Ова вклучува:
- Хронични пушачи.
ЛГБТК+ луѓето, вклучително и транс-луѓето, користат тутун по повисоки стапки од општата популација (во некои региони во светот и до 50% повеќе.) - Глуви и лица со попреченост.
За повеќе информации, кои не се специфични за транс-луѓето, и кои се само на европско ниво, можете да ги проверите податоците што ги објави Европскиот форум за попреченост, нивното отворено писмо во врска со дискриминацијата врз лицата со попреченост во рамки на медицинските упатства за COVID-19, како и заедничката изјава што тие ја напишаа со Европската мрежа за независно живеење и Европската унија на глуви и слепи лица. - Постари лица над 60 години.
- Принудени мигранти, баратели на азил и бегалци.
Оние кои живеат во пренаселени услови, кампови или несигурно домување се изложени на зголемен ризик. За повеќе информации, кои не се специфични за транс-луѓето, проверете ја веб-страницата на Високиот комесар за бегалци на Обединетите нации (УНХЦР), како и страницата со извори на Платформата за меѓународна соработка на недокументирани мигранти (ПИКУМ) која собира изјави и ресурси за пандемијата COVID-19 и нејзиното влијание врз мигрантските заедници и врз граѓанското општество кое работи со мигрантите. - Луѓе кои живеат со ХИВ.
Досега, нема доволно податоци кои докажуваат дека луѓето кои живеат со ХИВ се поподложни на COVID-19 или дека развиваат потешки симптоми. Сепак, луѓето кои живеат со ХИВ се повеќе склони кон развој на здравствени состојби (кардиоваскуларни или белодробни заболувања) кои ги ставаат во опасност да развијат потешки симптоми. Понатаму, за време на оваа погубна здравствена и економска криза е уште посуштинско, а сепак предизвикувачко, луѓето што живеат со ХИВ да бидат редовни со своите терапии и вакцини. За дополнителни информации, проверете ги препораките на UNAIDS. - Сексуални работници.
Од избувнувањето на COVID-19 и различните превентивни мерки што се применуваат на национално ниво (социјално дистанцирање, самоизолација, карантин), клиентите и можноста за работа драматично се намалуваат во повеќето контексти низ целиот свет. Бидејќи повеќето сексуални работници не можат да се потпрат на професионална безбедност (платено боледување, месечни плати, синдикати и сл.), нивната егзистенција и благосостојба се загрозени.
За повеќе информации, не специфични за транс-луѓето и само на европско ниво, проверете ја Комуникацијата на Меѓународниот комитет за права на сексуалните работници во Европа (ИЦРСЕ) и нивната кампања за воспоставување итни средства за финансирање за обезбедување храна и засолниште за засегнатите во заедницата од COVID-19, како и блогот на Движењето за застапување и отпор на сексуалниот работник (SWARM). - Бездомни лица или лица со нестабилно домување.
Транс-луѓето искусуваат бездомност и несигурност во домувањето со повисоки од просечните стапки. Особено е ранлив секој кој нема дом за да се изолира или има ограничен пристап до средства за миење раце.
За повеќе информации, на ниво на САД и не специфични за транс-луѓето, проверете ги следниве ресурси за поддршка на бездомни лица или следната статија. - Сиромашни, лица од работничка класа, и лица кои се професионално и/или финансиски несигурни.
За повеќе информации, не специфични за транс-луѓето и само на европско ниво, проверете ги препораките и изјавата на Европската мрежа за борба против сиромаштијата (ЕАПН). - Лица кои живеат со дијабетес, хипертензија, карцином, астма, кардиоваскуларни заболувања или белодробни заболувања.
Транс луѓето имаат повисоки стапки на карцином, кардиоваскуларни заболувања и белодробни заболувања и оттука имаат поголема веројатност да имаат компромитиран имунолошки систем. - Оние што се наоѓаат во притвор.
За повеќе информации, на ниво на САД и не специфични за транс-луѓето, проверете ги следниве ресурси за казнено поправни и притворни институции. - Транс и небинарни луѓе кои домуваат со семејство кое не ги прифаќа или злоставува.
Планови за солидарност: препораки
Градовите и државите веројатно ќе доживеат бран на појави и наредби за седење дома сè додека не е достапен третман или вакцина за COVID-19. Важно е да делуваме заедно како транс-луѓе и сојузници за да ја поминеме оваа пандемија заедно.
Ние ја охрабруваме транс заедницата и нејзините сојузници заеднички да создадат „планови за солидарност“ за да останат поврзани и да обезбедат взаемна поддршка во оваа светска криза. Овие планови треба да бидат прилагодени на потребите и контекстите на оние кои се најранливи, и да имаат планови за редовно проверување на членовите на заедницата кои се под ризик, за да бидеме сигурни дека се во најбезбедна и најудобна ситуација. Постојат многу начини да се развијат овие планови дури и ако не можете лично да се сретнете:
- Направете онлајн групи за разговори за да останете во контакт со вашиот систем за поддршка (пријатели, избрано семејство, соработници, цимери, соседи…). Едуцирајте ги пријателите за тоа кои групи може да бидат најранливи на COVID-19 и работете заедно за да ги идентификуваат најранливите луѓе во вашата заедница. Направете план за да бидете сигурни дека секое од тие лица редовно контактира со вас и вашиот систем за поддршка.
- Направете список со контакти за итни случаи на даватели на здравствени услуги (доколку е можно, даватели на здравствени услуги кои се пријателски наклонети кон ЛГБТКИ луѓе; ако не, даватели на здравствени услуги кај коишто обично одите или со кои се чувствувате удобно) и важни броеви надвор од вашиот систем за поддршка. Споделете го списокот со луѓе со кои редовно контактирате.
- Доколку е можно и ако е потребно, обратете се на транс или ЛГБТКИ+ група со седиште во вашиот град, земја или регион. TGEU има 141 организации-членки во 44 земји во Европа и Централна Азија. Повеќе од половината се транс групи, а некои од нив се предводени и насочени кон транс сексуални работници, транс присилни мигранти, баратели на азил или бегалци, транс глуви и попречени лица… Групите или организациите кои се најблиску до вас можеби ќе можат да ве поддржат или да понудат услуги специфични за COVID за транс луѓе. Повеќе информации за секоја организација (веб-страница, Фејсбук или Твитер) може да се најдат на нашата веб-страница и интерактивната мапа.
- Што се однесува до сојузниците, подигнете ја свеста за ефектот на кризата врз оние од заедницата кои се најранливи. Користете ги вашите социјални и врснички мрежи за да споделите иницијативи и кампањи водени од транс-луѓе кои се најмногу изложени на ризик, поддржете ги нивните активности и донирајте за нивните кампањи. За повеќе информации за овие иницијативи, можете да ја проверите нашата веб-страница за ресурси поврзани со COVID-19.
Препораки за здравствена заштита
Пандемијата COVID-19 во моментот ги преплавува здравствените системи ширум светот. На многу места, здравствените услуги се ограничени на давање приоритет на оние кои се директно засегнати од вирусот. Ова влијае на пристапот до здравствената заштита на многу луѓе , вклучително и транс-заедницата.
Ние внимателно ја следиме ситуацијата за подобро да разбереме како пандемијата влијае на пристапот до здравствената заштита и што може да се стори за да се подобри. Свесни сме дека пристапот до здравствена заштита во моментот претставува проблем за повеќето транс-луѓе, како во поглед на општата здравствена заштита, така и за транс-специфичните услуги.
1. Општа здравствена заштита
Многу транс-луѓе избегнуваат или го одложуваат одењето на лекар, од страв дека ќе бидат дискриминирани. Ова е поверојатно за оние кои имаат (голема) потешкотија да сврзат крај со крај, припаѓаат на малцинска група врз база на сексуална ориентација или попреченост, или оние кои имаат лошо здравје. Дискриминацијата во здравствените установи е вообичаена и, особено сега, ова може да ги обесхрабри транс-луѓето во обидот да пристапат до нега и да им биде дополнителен товар кога го прават тоа.
2. Транс-специфична нега
Транс-специфичната нега е во голема мера погодена од COVID-19 и забраните поврзани со физичко дистанцирање. Личните состаноци поврзани со хормонска терапија, операции и психотерапија или советување се откажани или одложени. Ова влијае на физичкото и менталното здравје на транс-луѓето. Покрај тоа, ставањето во застој на физичките промени на транс-луѓето, исто така, ги става во опасност да се соочат со поголема дискриминација и насилство. Ограничувања за патување исто така може да ја ограничат можноста на некои луѓе за пристап до нега.
Примерите на добра пракса ни’ ја покажуваат големата придобивка од теле-здравје (телефонска или онлајн здравствена заштита) и ги охрабруваме давателите на услуги да го искористат тоа. Оваа практика се’ повеќе се користи. Светското професионално здружение за трансродово здравје (WPATH) исто така активно го промовира и поддржува.
Препораки:
- Бидете свесни за вашите здравствени потреби во моментот, но исто така, однапред размислете за вашите среднорочни и долгорочни потреби (на пр. хормони, поддршка за ментално здравје, операции, медицински и немедицински помагала, како што се вагиналните проширувачи или биндерите). Можеби ќе потрае подолго од вообичаеното да добиете лекови или медицински помагала, така што можеби ќе треба претходно да нарачате или да направите залиха на рецепти кога тоа е возможно.
- Направете список на ресурси и мрежи за поддршка за да изготвите план заснован на вашите индивидуални потреби. Ова може да вклучува телефонски повици или e-mail комуникација со вашиот медицински добавувач за да разјасните како да управувате со вашите состаноци, како да ги примате вашите рецепти, како да добиете инјекција, дали да ги менувате хормоните или да разговарате за опциите за теле-здравје. Доколку е потребно, побарајте поддршка и ресурси од организации за транс или ЛГБТИКИ+ права кои се блиски до вас, бидејќи тие веројатно се соодветно подготвени да ви помогнат. Да се биде во контакт со другите членови на заедницата може да биде исклучиво важно за дознавање на ресурси и поддршка на менталното здравје. Силно ве охрабруваме да побарате помош кога ви е потребна. Ова се тешки времиња и од суштинско значење е да се грижиме за себе и за другите околу нас.
- Спакувајте торба со предмети што можеби ќе ви требаат доколку одеднаш треба да одите во болница. Додадете нешто за јадење и пиење во случај да треба да чекате да се сретнете со лекар, полнач за вашиот телефон, контакти за итни случаи, четка за заби и сè друго што би направило да с чувствувате поудобно.
Свесни сме дека социоекономските последици од оваа криза и мерките што се преземаат како одговор на тоа, влијаат на здравјето на транс-луѓето. Да се биде лишен од основните права и потреби, како храна, приход или засолниште, несомнено влијае на физичкото и менталното здравје. Посебни потешкотии можат да се појават кај некои транс-луѓе со оглед на преземените мерки. Некои може да се соочат со изолација или осаменост, може да бидат принудени да живеат заедно со луѓе кои не го почитуваат нивниот родов идентитет, можеби ќе треба да го сокријат својот родов идентитет, да бидат оттргнати од нивните мрежи на поддршка или дури и да се соочат со насилство во нивните домови. Општо, употребата на одделени објекти (на пр. бањи, болнички оддели) ги изложува транс-луѓето на дискриминација и насилство. Оваа состојба може да се влоши бидејќи пристапот до нив е почест и на луѓето не им е дозволена никаква придружба или поддршка. Сите овие предизвици треба да бидат земени предвид кога размислуваме за потребите на транс-луѓето и стратегиите за поддршка.
Активно го анализираме влијанието на оваа криза врз здравјето на транс-луѓето и соработувавме со Универзитетскиот медицински центар Хамбург-Епендорф за подобро да разбереме што се случува и како најдобро да се реши оваа проблематика. Информациите што се резултат на студијата ќе ги користиме ние и другите транс организации и даватели на здравствени услуги за подобрување на пристапот до грижа за транс заедниците. Би ценеле ако го пополните овој прашалник.