30 May SKOPJE PRIDE WEEKEND 2019 – GLITTERING WOUNDS
Викендот на гордоста Скопје 2019 се одржува по седми пат, во организација на Коалицијата МАРГИНИ и ЛГБТИ Центарот за поддршка при Хелсиншкиот комитет на РМ. Целта на серијата настани во рамките на Викендот на гордоста е да создадат простор за, и да промовираат, ненормативни форми на светоградење, односно релации, афекти, идентитетски позиции, телесни стилови и сензибилитети, што во рамките на хетеронормативното, националистичко и неолиберално капиталистичко опкружување се означени како настрани, изопачени, неуспешни, патолошки, чудни итн.
Со носечката идеја зад Викендот на гордоста 2019 сакаме да ги истражиме и да ги проблематизираме современите хегемониски политички имагинации и практики на изолираниот, посесивен, децизионистички, приватизиран, рационален и самодостатен субјект, и нивната испреплетеност и конститутивна зависност од нормативните рамки и репрезентации на родот, сексуалноста, расата, класата и неолибералната капиталистичка идеологија. Од друга страна, целта ни е да презентираме и да ги промовираме различни нехегемониски светоградечки проекти и историските, социјални и политички проживеани искуства на настраните и жените, како извори на алтернативни социјални и демократски хоризонти засновани на релационоста, солидарноста, грижата, афективноста и трансформативноста, отаде идентитетската препознатливост.
Годинашната фестивалска тема произлегува од погледот кон историјата на квир (настраните) животи како историја на солзи. Квир историјата е историја на загуби. Историја на срам, исклучување, хомофобија, трасфобија, оплакувања, страдање, болка, депресија, меланхолија, страв и загуба. Сето ова е впишано во името – настрани (queer). Она што е означено кога реферираме на историјата на загуба е телесната изложеност и лишувањето од она што претставува најсвојствен извор на бивствувањето – релациите. Историјата на загуба е и поништувањето, бришењето и прекинувањето на квир релациите од историографијата. Загубата е загуба на еднаквиот пристап до релации со и на сопственото тело, на телото со светот што го споделува и чијшто дел е, на телото со целиот спектар на културни означители, комодитети и производи на човековиот труд. Загубата е загуба на можностите за изненадувачко изложување и влегување во релации и учество во споделениот и заеднички свет. Она што овие загуби го изложуваат е нееднаквата експлоатација и насилството врз телесната изложеност, што е конститутивна за сите нас еднакво, односно како врз нечија телесна отвореност е впишана средината во која живее. Идентитетот е, одовде, ретроспективна рекуперација на телесните и психички штети и можности што ја рефлектираат цената на општествената исклученост или, пак, вклученост, знак на неуспешните и остварени релации смрзнати во рамките на препознатливоста. Следствено, и квир идентитетот не го гледаме како израз на вистинско сепство и суштина, туку како слика на релациските траги, генеалогија на контакти, средби, допири и граничења со другите тела и како отворена можност за нови и идни средби и настанувања.
Одовде, настраноста го означува и превртувањето на условите на страдање и срам, гордото превредување на негативните атрибути и искуства во дискурсите и практиките на хомофобија и насилство, како и политичкото преземање на истите дискурзивни оружја за целите на отпор, борба и радикално преозначување и одново превоспоставување на нормативните хоризонти. Структурната позиција на настраните во постојната организација на знаење и моќ ги лишува од привилегираните модели на релациските системи и ги принудува настраните да наоѓаат и да создаваат нови начини на средби, формирање врски, интензивирање на телесни зони што вклучуваат изненадувачки пробиви на задоволства, организирање средби што не се стерилизирани од хетеропатријархалните релации на моќ и улогите и моделите на конвенционалните хетеронормативни и родови релации.
Токму овие историски, општествено и политички условени искуства на настраните сакаме да ги тематизираме и да ги изнесеме како извори за откривање на нови политички инвентари и форми на субјективитет и грижа, наспроти натпреварувачкиот, приватизирачки и претприемачки дух и субјективитет на неолибералниот маскулинистички капитализам и опустошувањето на социјалните инфраструктури на поддршка и заемна грижа.
Нашите рани светкаат гламурозно, како атмосфера на дрег шоу, како празнење на електрицитет во допирот на (навидум) непремостливи дистанци, како молњи на отпорот!
Ајде да си признаеме! Се разглобуваме и разоткриваме едни со други. А ако не, мора да сме пропуштиле нешто. (Џудит Батлер – „Precarious Lives“)
Славчо Димитров
Куратор на фестивалот
Целосната програма/каталог е достапна на овој линк.
Ви ги претставуваме:
Ron Athey:
David M.Halperin:
boychild:
Del LaGrce Volcano:
Rachael Young & marikiscrycrycry:
PANSY & The House of presents:
Официјален постер (design by Igor Delov)