Пансексуална револуција: како сексуалната флуидност стана меинстрим

Пансексуална револуција: како сексуалната флуидност стана меинстрим

Превод: Јулија Мицова

Ригидните дефиниции за сексуалноста полека се исфрлаат како резултат на поинаков пристап кон полот и родот наречен „никогаш не вели никогаш“, прифатен од младите генерации

Ник Медоукрофт-Лун има девојка со која се гледа веќе три години. Џез Палмер исто така има девојка, заедно се веќе пет години. Можеби би рекле дека Ник е стрејт додека Џез е геј; или пак дека се бисексуалци. Но ќе погрешите.

„Мојата сексуалност ја објаснувам на следниот начин: Ме привлекуваат убава коса и убави очи“, објаснува Џез, 26 години, уредничка во издаваштво за историски публикации. „Не е дека родот не е важен, секако има улога, но не е првото нешто на што ми текнува. Само си помислувам: аха, така значи“. На почетокот не била сигурна како да го нарече ова, но пред осум години го прифатила поимот „пансексуалец“ како поим со најблиско значење. „Ми требаше време дури да смислам термин. Дотогаш имав чуено единствено за  телевизиската серија Торчвуд. Еднаш спомнав дека можеби сум пансексуалка и некој рече: Да, како Капетан Џек во Торчвуд.“

Ник, 22 години, студент на магистерски студии по физика и филозофија на Универзитетот во Јорк, како тинејџер мислел дека е бисексуалец, но денес вели дека поимот  „пансексуалец“ подобро се совпаѓа со неговата перцепција дека привлечноста не е сосем врзана за родот. „Едноставно кај луѓето ми се привлечни одредени карактеристики. Полесно е да се сфати значењето на зборот пан и многу повеќе ја отсликува вистината за мене. Не се врзува конкретно за ниту еден род“. Тоа го објаснува со конкретен пример за висината: за бисексуалец може попривлечни се високи мажи и ниски девојки. Но сепак повеќе му се допаѓаат високи луѓе, без разлика дали се мажи или жени.

Минатата година, „пансексуалец“ за момент беше најбараниот збор на денот на електронскиот речник Меријам-Вебстер откако пејачката Џанел Моне за себеси рече дека е пансексуалка и „квир“. Фронтменот на бендот The Panic at the Disco, Брендон Ури и пејачката Мајли Сајрус се идентификуваат како пан, при што Ури објаснува како го сфаќа ова: „Навистина не ми е грижа… кога една личност е добра, секогаш е добра. Ми се допаѓаат добри луѓе, кога срцето ти дава сигнали“. Пејачката Деми Ловато, во  меѓувреме, се идентификува како „сексуално флуидна“, односно вели дека „има променлива родова наклонетост“. Етикети со кои се означува ниту ексклузивно стрејт ниту геј се „хетерофлексибилен“ и „љубопитен“.

За бисексуалните активисти, кои се чувствуваат одамна заборавени, голем дел од новите идентитети наликуваат на нови начини да се избегне зборот „бисексуалец“. Но Мег-Џон Баркер, предавач по психологија и автор на книгата со наслов „Психологија на сексот“, тврди дека иако поимот „бисексуалец“ може да послужи како корисен поим со поширок опсег, разбирлив за сите, со значење привлечност кон двата рода, етикетите како „пансексуалец“ опишуваат специфичен момент дека привлечноста кон луѓето не е строго поврзана со родот. Но доколку ова ви звучи збунувачко, универзалниот поим „квир“ се почесто се користи со значење се друго освен ванила 100% стрејт, категорија што видно се проширува.

Пансексуалната пејачка Деми Ловато (лево) во живо во Лисабон.

Кога компанијата за истражување на пазарот ЈуГов (YouGov) побара Британците да се посочат себеси на скала каде нула значи ексклузивно стрејст, додека шест значи ексклузивно геј, повеќе од една четвртина од испитаниците се идентификувале како друго, не 100% хетеросексуални. Но забележително е дека 54% на возраст од 18 до 24 години се идентификувале како такви, што значи дека оваа група е сексуално најослободена, односно општествено најмалку потисната во британската историја.

Во времето на генерациите родени меѓу 1946 – 1964 години, хомосексуалноста беше декриминализирана, па дури и дестигматизирана. Децата растеа гледајќи лезбиски бакнежи на телевизија. Но токму нивните внуци ги поимаат човековите права на геј луѓето како дадени отсекогаш. „Тоа се должи на прогресот во општеството во последните 30 години. Луѓето денес полесно прифаќаат, со што се дозволи поголема слобода за експериментирање со сексуалноста“, вели Пол Твикок од групата за ЛГБТ права Стоунвол.

Сепак, и покрај сето тоа, хетеросексуалноста не е исчезната сé уште. Според Канцеларијата за национална статистика, 93,2% од Британците сé уште се нарекуваат хетеросексуалци, иако тој процент е помал од 94,4% во 2012 година. Од каде тогаш ЈуГов ги доби изненадувачките статистички податоци? Како резултат се промени прашањето, што значи и одговорот се промени значително.

Пред повеќе од половина век Алфред Кинсли, самиот бисексуалец, го даде заклучокот: „Мажите не се претставници на две засебни категории, хетеросексуалци и хомосексуалци… Светот не е поделен на овци и кози“. Неговите наследници сé уште дискутираат дали кумот на истражувањето во човековата сексуалност со право ја објаснува сексуалноста како скала со бројни точки, или дека ваквото гледиште е премногу упростено. Но со популаризирањето на идејата дека истополовата привлечност е многу почеста отколку што луѓето признаваат, работата на Кинси сепак претставува пресвртница за геј правата.

На прашањето на ЈуГов дали испитаниците се стрејт, геј, бисексуални или нешто друго, 89% се идентификувале како хетеросексуалци, а 6% како геј. Но на прашањето да се посочат на скалата на Кинси, се покажало дека 72% се чувствувале како стрејт, а 4% како геј. Колку што се зголемуваат опциите, толку повеќе нијанси се откриваат. Но дали тоа значи дека хетеросексуалноста всушност е поретка отколку што мислиме или пак сексуалноста има повеќе слоеви отколку што претходно се признавало?

Според една американско истражување, половина од универзитетските студенти и 8 од 10 студентки фантазираат за личност од истиот пол. (сé уште се дебатира дали жените се посексуално флуидни од мажите или полесно признаваат дека е така.) Повеќе од една четвртина Британци на возраст од 25 до 39 години изјавиле дека имале истополово искуство. Но тоа не значи дека овие генерации имаат поавантуристички секс од сите други; поверојатно е дека се наклонети кон пристапот „никогаш не вели никогаш“, при што четвртина од испитаницте што се идентификувале како стрејт посочиле дека нема да одбијат геј врска доколку ја сретнат вистинската личност.

„Тоа значи дека привлечноста не само кон еден род станува мнозинска, не малцинска позиција“ вели Бекер. „Но пошироката култура многу бавно го препознава тој факт, и сé уште се претпоставува дека луѓето се или стрејт или геј, и не-бинарната привлечност е збунувачка, само фаза или на некој начин сомнителна“. Постепеното истиснување на ваквите претпоставки, сепак, повлекува импликации за повеќе од една генерација.

Андреа Хјуит знае дека ја привлекуваат девојки од школските денови. Но бидејќи пораснала на југот во САД во 1970тите години, не се трудела премногу да разбере што значи тоа. „Првите геј луѓе ги запознав дури како возрасна личност. Не можев да разберам што точно чувствував, па не се ни потрудив“, се присеќа таа. „Едноставно тоа не беше можност. Никој не зборуваше за тоа“.

Така, се омажила и родила две деца; кога бракот се распаднал, таа се премажила. Дури откако постарата ќерка се запишала на факултет конечно собрала храброст да признае јавно дека е лезбијка и да побара развод.

Нејзините деца и поширокото семејство ја поддржало, но сепак во тој период се чувствувала изолирано. „На интернет побарав за јавното признавање на хомосексуалноста, но резултатите повеќе се однесуваа на тинејџери што сакаат да признаат на родителите, додека од друга страна јас бев 40 години со две деца. Навистина верував дека сум единствената личност што некогаш го направила ова. „Дури откако почнала да го пишува блогот, Лезбиска приказна во подоцнежни години, сфатила дека не е единствената.

Авторката Елизабет Гилберт со партнерката Раја Елиас.

Пред две години, авторката Елизабет Гилберт изјави дека го оставила сопругот Хозе Њунес – човекот за кого пропатува половина свет да го запознае, како што опишува во хитот „Јади, моли се, уживај“ –  за пријателката Раја Елиас. Познато е дека британската експертка за малопродажба Мери Портас се вљуби во модната писателка Мелани Рики по пријателскиот развод со таткото на нејзините две деца. Хјуит денес е администратор на Фејсбук група за жени кои подоцна во животот откриваат дека се геј, а која брои повеќе од 1.100 членови во цел свет; додека некои се идентификуваат како лезбијки, други не сакаат да ја дефинираат сопствената сексуалност или се колнат дека биле стрејт се додека не се заљубиле во жена. Заедничкото во сето ова, вели Хјуит, е дека сопствениот живот го ставиле на пауза за да ги израснат децата. „Би рекла дека голем дел од луѓето во мојата група се со сличен карактер. Сите сме мајки, се обидуваме да решиме сé, да ги решиме сите проблеми, се фокусираме на сé освен на себеси. Дури кога ќе најдеш време да размислиш за себеси си велиш: „Почекај малку, а што е со мене“?

Хјуит денес живее во Нешвил, Тенеси, со партнерката Рејчел и вели дека не е сигурна дали би се идентификувала како лезбијка од самиот почеток доколку се родила две декади подоцна. Иако дел од членовите на нејзината Фејсбук група посакуваат да имале храброст да се идентификуваат години порано, таа предупредува дека браковите на жените што ја откриле својата хомосексуалност подоцна не се измама. „Ќе воочиш што знаеш единствено кога ќе дознаеш. Не можеш да се вратиш во минатото и да се прекориш за мисли што тогаш не си ги помислил“.

Промената во општествените мислења очигледно им доволи на постарите да ги истражат долго репресираните чувства. Но јавното признавање на хомосексуалноста кога човек е средновечен не значи и цел живот поминат во тајност, според Баркер, при што таа посочува на значајната студија, со траење од 10 години, на американскиот психолог Лиза Дајмонд во која учествувале 79 не-хетеросексуални жени. Жените првично се идентификувале како лезбијки, бисексуалки или одбиле да ја етикетираат сопствената сексуалност. Со текот на времето, кај две третини сексуалниот идентитет се променил, додека кај една третина се променил повеќе од еднаш; најчестиот идентитет е „без етикета“, додека повеќето жени повеќе тежнееле да се идентификуваат како би или без етикета.

Сепак, како што посочува Хјуит, идејата дека сексуалноста може да се промени во текот на животот за некого е застрашувачка. „Доколку е можно да се менува сексуаноста, кој тогаш може да ти гарантира дека и жена ти нема да ја промени, или пак дури и ти“? Пријателка што подоцна открила дека е лезбијка ја запрашале кога повторно „ќе се врати назад“, додека друга пријателка искоментирала дека можеби сé уште не го сретнала вистинскиот маж.

Доколку за навидум стрејт луѓето е тешко да признаат дека се би, тогаш веројатно е многу поконтроверзно за геј луѓето. Доколку сексуалноста е флуидна, тогаш логички може да се очекува дека ќе тече во двете насоки; сепак, во пракса, некој што припаѓа на историски угнетувана група не може толку лесно да признае дека спиел со воочениот непријател.

Идејата дека сексуалниот идентитет е непроменлив во одредена смисла била од корист за геј заедницата, особено од аспект на навредливата идеја дека хомосексуалноста може да се „излечи“. Кога родителите имаат потешкотии при соочувањето со хомосексуалноста на своите деца ги охрабруваат да си признаат дека сите се раѓаме со нашиот сексуален избор, дека тој е непроменлив како расата или возраста и треба исто така да се штити од дискриминација. Но, можеби не е толку фиксиран како што мислевме во минатото.

Во САД, работата на Дајмонд се користи во кампањите против истополовиот брак, каде се тврди дека понекогаш геј луѓето може да се предомислат – иако Дајмонд истакнува дека промените кои ги посведочила не биле доброволни, а понекогаш дури и против волјата на жената. Во меѓувреме, тврдењето дека би примерите во јавниот живот можат да им помогне на тинејџерите да ја прифатат сопствената бисексуалност може да се злоупотреби како аргумент дека децата ја избираат единствено затоа што е во мода.

Но сепак според Баркер притисокот битката за геј правата да се води на темелот на фиксирани идентитети потисна во позадина одредени вистини со кои не сакаме да се соочиме. „Бисексуалноста и сексуалната флуидност се избришани и отфрлени затоа што предизвикуваат проблем“. Кога Ентони Поровски од телевизиското шоу „Квир око“, каде група на геј мажи оправаат беспомошен стрејт маж, јавно кажа дека е сексуално флуиден, на социјалните медиуми беше обвинет дека е предавник и измамник, и покрај седумгодишната врска со неговото момче.

Кејт Харад е би активист и уредник на книгата „Пурпурна проза: бисексуалноста во Британија“, збирка есеи во кои се истражуваат сите форми на бисексуалност. Честа тема во книгата е првата посета на ЛГБ група или бар „и кога за прв пат те одбиваат геј луѓе или лезбијки со изговор дека „не си навистина квир“ или „дека сé уште немаш избрано“ или затоа што сметаат дека си веројатно лојален на првата определба па одовде и несигурен. Замислете си конечно да соберете храброст да посетите место каде мислите дека ќе бидете прифатени и наместо тоа наидувате на непријателство или прекор, недоверба дека вашата сексуалност воопшто постои. Не е ни чудо што менталното здравје кај би луѓето е полошо отколку кај другите ориентации“.

Бисексуалците почесто не можат да најдат вработување од геј луѓето, што воопшто не изненадува според Харад: „Бисексуалноста во суштина се поврзува со експлицитна сексуалност, повеќе отколку кај геј луѓето. Затоа почесто се поставуваат чудни и интимни прашања, како на пример со колку луѓе спиеш, или претпоставуваат дека сте заинтересирани сексуално за нив“.

Тоа уште повеќе важи за пансексуалците. Како што тврди Палмер, постои очекувана претпоставка дека висат од лустери по журки, додека „најчесто седат дома во сабота навечер и гледаат документарци во пижами“. Кога би или пан луѓето влегуваат во долги врски се прават навредливи претпоставки дека конечно „одбрале страна“ или потајно го посакуваат родот со кој во моментот не се. „Сето тоа произлегува од ЛГБТ заедницата: Се гледаш со девојка, значи си геј“, вели Палмер. „Но се случило и родителите на партнерот да ми речат: Не се плашиш дека Џез ќе избега со друг маж?, затоа што нели постојано го посакуваш тоа што не можеш да го добиеш, а всушност не е така“.

Сепак, како што генерацијата родена во 1990тите години старее, и се здобива со доминантно културно влијание, мислењето дека, како што вели Мидоукрофт-Лин, „секој има право да се идентификува како што ќе избере“, се очекува да стане меинстрим. Дали во иднина ќе достигнеме точка во која хетеросексуалноста, или барем бескомпромисната верзија на истата што стои на едниот крај на скалата на Кинси, нема повеќе да важи за норма и дека „излегувањето од плакар“ ќе биде излишно? Харад вели: „Точно е дека над 90% од Британците се идентификуваат како стрејт,  па не сакам да претерам. Но кревањето на свесност претпоставува доблесен круг – колку повеќе се дознава за малцинските сексуалности, колку запознаваме повеќе луѓе што им припаѓаат на истите, толку повеќе станува секојдневие. И зошто да не биде така во еден идеален свет“?

Извор