Русија смета дека не постојат геј права

Русија смета дека не постојат геј права

Во заедничко соопштение на министрите на Г8, Русија формално се дистацираше од прифаќањето на ЛГБТ правата, одејќи дотаму да смета дека такви права не постојат.

 

Соопштението во кое се потврдуваат основните права на луѓето од целиот свет, беше објавено по состанокот на министрите во Вашингтон минатиот четврток.

 

Во соопштението, претседавачот на состанокот рече: „Министрите потврдија дека човековите права и основните слободи се основни права на сите индивидуи, мажи и жени, вклучувајќи ги и лезбејките, гејовите, бисексуалците и трансродовите лица. Во многу земји во светот, овие лица често биваат убивани, се предмет на насилство, злоставување и дискриминација само поради својата сексуална ориентација“.

 

Меѓутоа, во фуснота на соопштението се вели: „Руската Федерација се оградува од овој јазик поради недостатокот на каква било експлицитна дефиниција која ја поврзува таквата група на луѓе или индивидуи како посебни носители на права според меѓународното право за човекови права“.

 

Сергеј Рјабков, рускиот заменик-министер за надворешни работи, беше уште поексплицитен. Тој рече дека според претекстот на заштитата на таканаречените сексуални малцинства, постои агресивна пропаганда и наметување на одредено однесување и вредности кои можат да го навредат мнозинството во општеството. Според него, во меѓународното право не постојат одвоени норми за заштита на лица со различна сексуална ориентација или родов идентитет.

 

Порано годинава, Санкт Петерсбург усвои закон со кој се забранува „хомосексуална пропаганда“ наменета кон малолетници. Против две лица се покренати обвиненија за покажување на парола на која пишувало „геј е нормално“ во близина на младински клуб. Други руски региони го следеа примерот на Санкт Петерсбург, а постојат и повици за усвојување на законот на национално ниво.