21 Apr Ректорот на УКИМ се обврза да стави крај на дискриминаторските содржини во учебниците и учебните помагала
По поднесени претставки до Народниот правобранител од страна на Коалицијата СЗПМЗ во врска со дискриминаторски и вознемирувачки содржини кон ЛГБТ лицата, лицата кои употребуваат дроги и лицата кои живеат со ХИВ, во учебниците: „Социјална патологија“ од авторите Зоран Сулејманов и Нелко Стојановски; „Психологија на детството и адолесценцијата – развојна психологија I“; „Психологија на возрасните и стареењето – развојна психологја II“ и „Психологија на родот: родовиот идентитет и родовите улоги“ на авторката Олга Мурџева-Шкариќ, Народниот правобранител утврди дека „спорните текстови не се во склад и не соодветствуваат на сегашната домашна и меѓународна регулатива, односно дека истите се застарени, полни со предрасуди и стереотипи кои се неприфатливи за едно модерно и демократско општество“.
Во препораката кон Универзитетот Св. Кирил и Методиј, Народниот правобранител побара, а ректоратот на УКИМ прифати во Правилникот за организирање на издавачка дејност да биде внесена одредба со која се предвидува забрана за употреба на учебници доколку истите не се издадени во согласност со Уставот на РМ, законите и меѓународните договори и доколку истите содржат делови кои би можеле да предизвикаат повреда на еднаквоста и правата на сите граѓани врз сите основи.
Прифаќањето на оваа одредба во Правилникот воедно значи и обврска за УКИМ да ги повлече од употреба сите учебници кои содржат дискриминација на која било основа, вклучително и сексуална ориентација, родов идентитет и здравствен статус, но и обврска понатаму да не се издаваат учебици со ваква содржина.
Коалицијата СЗПМЗ ја поздравува заложбата на Народниот правобранител и одлуката на Ректоратот на УКИМ за промена на Правилникот за организирање на издавачката дејност, кој ќе инсистираме доследно да се спроведува. Воедно, бараме од Ректоратот на УКИМ, деканатите на факултетите на УКИМ и професорите во најскор можен рок да постапат согласно промените во Правилникот и да ги повлечат од употреба учебниците кои содржат дискриминација по која било основа, со што конечно ќе стават крај на дискриминаторските содржини во високото образование и ќе придонесат кон поквалитетно образование кое ќе промовира почитување на различностите и на човековите права, наместо истите да ги загрозува.
Лице за контакт: Драгана Дрндаревска 078 200-675