Пристапноста на судските одлуки од областа на заштита од дискриминација во Република Северна Македонија

Мрежа за заштита од дискриминација и Коалиција МАРГИНИ го објавуваат вториот документот за јавни политики „Пристапноста на судските одлуки од областа на заштита од дискриминација во Република Северна Македонија“.

Авторка на истражувањето е Александра Цветановска, проектна координаторка и правна советничка од Македонското здружение на млади правници.

Уредничка на публикацијата е Билјана Котевска, истражувачка координаторка од Институтот за европска политика.

Овој документ ја истражува функционалноста на системот за пребарување на судските одлуки во областа на заштита на правото на еднаквост во државата, анализирајќи ја притоа и законската рамка за евидентирање и упис на предметите во судовите. Документот ќе се осврне на неможноста судските одлуки за заштита од дискриминација да се пребаруваат по дискриминаторски основ, облиците и видовите на дискриминација и други податоци, што е исклучително важно во ваквите предмети и претставува пречка во можноста за обработка на податоците и за анализа на судската пракса.

Првиот дел од документот се осврнува на правната регулираност за упис на судските предмети за заштита од дискриминација и досегашната практика на судовите во државата. Во вториот дел, пак, преку тестирање на порталот sud.mk, се дава приказ на практичната достапност на судските одлуки. Во процесот се користи истражување на законската регулатива за заведување на предметите, а преку описниот метод се опишуваат состојбите со заведувањето на предметите за заштита на правото на еднаквост во различните судови.

Документот е достапен на македонски јазик ТУКА.
Документот е достапен на албански јазик ТУКА.