Повеќе работа за помалку пари: Како да се намали родовиот јаз во платите во Република Северна Македонија?

Мрежата за заштита од дискриминација објавува нов документ за јавни политики со наслов „Повеќе работа за помалку пари: Како да се намали родовиот јаз во платите во Република Северна Македонија?“ кој содржи анализа и препораки за унапредувањето на законската рамка и практиките за унапредување на правото на еднаква плата за еднаква работа.

Документот во електронска верзија може да се преземе на македонски и на албански јазик.

Целта на овој текст е да прикаже дека родовата нееднаквост и родовиот јаз во платите опстојуваат и покрај големиот напредок во степенот на образование на жените, работното искуство и стручноста на пазарот на труд.

Родовиот јаз во платите постои кога жените се платени помалку од мажите за иста или слична работа, во исти или слични услови, или за вршење на работа што е различна, но сепак има еднаква вредност во поглед на потребните вештини, одговорност и залагање, како и при исти работни услови.

Овој документ придонесува за намалување на родовиот јаз на платите во Северна Македонија, преку давање предлози за подобрување на усогласувањето на домашното трудово законодавство со директивите на Европската Унија и со конвенциите на Меѓународната организација на трудот, во насока на подобрување на ефективноста на судската и на административната заштита на институтите, еднакво плаќање за еднаква работа и еднакво плаќање за работа со еднаква вредност.

Документот ги резимира стандардите што ги воспоставува Директивата 2006/54/Е39 на Европската Унија, преку презентација на националната регулатива го оценува степенот на усогласеност со правото на ЕУ и преку анализа дава оцена на институционалните практики поврзани со промовирањето на принципот на еднакви можности и заштита на еднаквиот третман на жените и мажите во областа на вработувањето и професиите.

Преку прегледот на судската практика во оваа област на СПЕУ и добрите практики од други земји, документот дава заклучоци, предлози и препораки за унапредување на постојната легислатива и судска практика во однос на еднаквите можности и заштитата од дискриминација врз основа на род и пол во областа на вработувањето во Северна Македонија, а со цел да се намали родовиот јаз во платите и родовите разлики во економската сфера.

Автор на документот е Игор Јадровски, проектен координатор и правен советник во Хелсиншкиот комитет за човекови права.

Главна уредничка е Наташа Бошкова, адвокатка и правна советничка во Коалиција МАРГИНИ.

***

Документот е подготвен во рамки на проектот „ЗСЗД под лупа: Следење на спроведувањето на новиот Закон за спречување и заштита од дискриминација“ кој е поддржан од Фондација Отворено општество – Македонија.

Содржината е единствена одговорност на авторите и на грантистот и на ниту еден начин не може да се смета дека ги изразува гледиштата и ставовите на Фондацијата Отворено општество – Македонија.