Декриминализација на дрогите како основа за хумана и ефективна политика за дроги

Анализата е достапна ТУКА.

Брифот од анализата е достапен на македонски, албански и англиски јазик.

Во текот на последните неколку децении употребата на дрогите постојано се зголемува во целиот свет, и покрај рестриктивните политики на прохибицијата. Тој традиционален пристап на забрана и казнување поради поседување и употреба на дроги создава социјална неправда на индивидуално ниво, јавно-здравствени проблеми и високи социјални трошоци на макрониво.

Република Северна Македонија не отстапува од овој начин на третирање на прашањето за употреба на дроги. Имено, Кривичниот законик забранува организирање, производство, преработка и продажба на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори.1 Исто така, забрането е поседувањето на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори заради нивна понатамошна продажба, пренесување или посредување во продажбата. Одредбите не забрануваат поседување за лична употреба, но воспоставена е значајна пракса на институциите, како, на пример, на Министерство за внатрешни работи, Јавното обвинителство и судовите, преку која најчесто осудени лица за поседување на недозволена супстанција се токму оние лица кои супстанцијата ја поседувале за лична употреба (Бошкова, Тупанчевски 2014).

Ваквиот однос на кривично-правниот систем кон луѓето кои употребуваат дроги влијае врз нивно дополнително маргинализирање, повреда на нивните права и ограничување во можноста да добијат соодветна заштита на правата пред надлежните институции. Останатите документи и активности со кои се спроведува политиката за дроги на национално ниво се неконтинуирани (проектно засновани) и неконзистентни, со што се создава хаос во нивното спроведување и ефектите од неа. На пример, Националната стратегија за дроги2 2014 – 2020 не предвидува легализација на канабис за медицински цели, но тоа е направено врз основа на политичка одлука, а не е спроведено дефинирањето на минимални количини на дроги за лична употреба планирано со Националната стратегија за дроги 2006 – 20123. Намерата на оваа мерка беше да се почитуваат правата на луѓето кои употребуваат дроги, да не се лишуваат од слобода поради поседување на која било дрога за лична употреба и да се намалат трошоците поврзани со полициските акции и судските процеси. Напротив, праксата на лишување од слобода на луѓе кои поседуваат дроги за лична употреба и нивно казнување продолжува да се спроведува до денес.

Повеќе држави во светот одлучуваат да применат нови решенија, односно да создадат сопствени модели за декриминализација на сите видови дроги, како Португалија, или пак само за некои од нив, како Холандија, Уругвај итн. Во овој документ даваме осврт на политиките за декриминализација на дрогите кои ги спроведуваат Португалија и Холандија. Овие модели се основа за идентификување на предлог- решенија за подобрување на политиките и праксата на надлежните институции кон луѓето кои употребуваат дроги во Република Северна Македонија, а кои не се ограничени само на укинување на кривично- правниот прогон, туку даваат поширока перспектива за реформа на целокупниот систем поврзан со дрогите.