КД Македонија

Концептот на намалување на штети во Македонија почнува да се применува во почетокот на 80-тите години на ХХ век, со примена на метадонот при третман на мала група лица зависни од опијатни дроги, во ЈЗО Психијатриска болница “Скопје”, Скопје. Овој третман како организирана програма почнува да работи во 1994 година, како Центар за превентива и третман на злоупотреба и зависност од дроги во Кисела Вода, во рамките на ЈЗО Психијатриска болница “Скопје”, Скопје.
Како надополнување на работата на Центарот во Кисела Вода, во 1995 година се формира здружението на граѓани Доверба чија мисија е унапредување на лекувањето, рехабилитацијата и ресоцијализацијата на лицата зависни од дроги и други психоактивни супстанции.

Првата програма за размена на прибор за инјектирање е отворена како проект на Фондацијата Институт отворено општество - Македонија, инициран од самите лица кои употребуваат дроги, под името М.А.С.К.А. Веќе од следната 1997 година овие активности ги продолжува
ХОПС - Опции за здрав живот од Скопје. Во 2000 и 2001 година се отвораат нови програми за размена на прибор за инјектирање, Избор во Струмица и Виа Вита во Битола. Во текот на 2005 година се отворени уште пет програми за размена на прибор за инјектирање: ХОПС - Куманово во Куманово, Младински клуб во Штип, Зона-Кавадарци во Кавадарци, Опција - Охрид во Охрид и Хелп во Гостивар.

Како резултат на многубројните и разновидни активности наменети за целните групи, програмите за намалување на штетите успеваат да остварат поширока соработка со други институции и организации, во национални и регионални размери и да ја промовираат политиката на намалување на штети. Во 2003 година програмите за намалување на штети се вклучуваат во Националната стратегија за ХИВ/СИДА на Република Македонија. Во јуни 2005 година е формирана Македонската мрежа за намалување на штети во која членуваат повеќе организации, институции и стручни лица кои се занимаваат со намалување на штети, превенција на ХИВ/СИДА и човекови права.