Како геј културата го преживеа источноевропскиот комунизам

Како геј културата го преживеа источноевропскиот комунизам

Превод: Јулија Мицова

Од Кристоф Мартет

Метју Лерик е еден од ко-организаторите на конференција со оригинална тема која се одржa во Париз минатата недела под наслов „Комунистичка хомосексуалност 1945-1989 година“. На конференцијата се сретнаа истражувачи од Источна и Западна Европа и на истата се дискутираа прашања поврзани со хомосексуалноста во ерата на комунизмот. Покрај симпозиумот, се организираа и настани како што се изложби, проекции на филмови и перформанси изведени во живо.

Конференцијата го покри периодот кој завршува токму пред паѓањето на Берлинскиот ѕид, кренат по Втората светска војна. Со неговата изградба Германија беше поделена на Источна и Западна Германија, но ѕидот го обележа и воспоставувањето на комунистичкиот режим под водство на С.С.С.Р.

Лерик е докторанд на Универзитетот „Екс-Марсеј“ и во главно се занимава со антрополошка и политичка анализа на филмот, поточно го истражува присуството на „не-стандардни тела“ (хомосексуалци и други политички оутсајдери) во филмовите. По првото истражување во Краков, во 2012 година тој реши да се врати во Полска во за да живее и работи таму.

Лерик вели дека искуството во Полска било од пресудно значење. Во неговата работа, како и во претстојната конференција се преиспитува, без лоши намери, начинот на кој историјата ги соединила концептите „хомосексуалност“ и „комунизам“, два збора оптоварени со историја, значење и афект во текот на изминатите декади.

Зошто престојот во Полска беше толку значаен за вас?

Тој престој претставуваше клучен момент: не само што ја прифатив мојата хомосексуалност, туку истовремено постепено открив еден хомосексуален живот за кој не знаев дека постои. Тој дел од хомосексуалноста е релативно непознат во Западна Европа. Исто така претставува ново поле на истражување кое во моите очи се здоби со легитимност преку средбите со неколку полски академици, како и уметници. По неколку истражувања решив да го посветам докторатот на присуството на невообичаените тела, особено на телата на хомосексуалните, во полската конематографија пред 1989 година.

(слика од филмот „Недоразбирање“ (Nieporazumienie) на Пјотр Мајдрович од 1978 година)

Како би ги опишале телата кои не „ги следат нормите“?

 Во времето на комунизмот општествениот поредок теоретски бил претопен со Државата, што во Сталинизмот станува особено проблематично, па повторно се воспоставени казни за одредени видови на однесување, вклучително и хомосексуалните чинови во С.С.С.Р. уште во 1934 година. По Втората светска војна, лидерите од „народните демократски републики“ и понатаму дефинираат што е политички (одовде и општествно) „нормално“ а што не е. Нормално било основното семејство. Тешко е основната семејна единица да се согледа поинаку од класичното, хетеросексуално семејство, дури и кога самиот модел бил неопходно дестабилизиран.

Мојот фокус е насочен кон точката во 1960тите години, а особено по 1968 година, кога дел од телата кои не се потчинувале на стандардите се појавиле со изјави за нивното постоење во списанија и преку уметноста. Во Полска прашањето за хомосексуалноста се кристализира во 1980тите години, особено во времето на „Операцијата Хијасинт“. Се работи за операција на полската полиција за правење на список со сите хомосексуалци во земјата со објаснување дека на тој начин ќе се спречи вирусот СИДА кој бил прилично актуелен во тие години. Со акцијата всушност бил создаден корисен инструмент за уцена употребуван од страна на политичката полиција против хомосексуалците. Така, хомосексуалците, желни за еманципација преку издавањето на списанија и сосема хомосексуални активности, ќе останат во сенка. Сепак, 1980тите години се години на промени, не само во Варшава.

Дали постои хомогеност во земјите на бившиот Советски блок во поглед на законите или некои земји биле повеќе пријателски настроени кон геј популацијата од други?

 Прашањето е тесно поврзано со самата историја на комунизмот. Во комунизмот се случил пресврт во 1934 година, кога Сталин решил повторно да го нормализира советското општество. Во тој период се преиспитуваат сите придобивки, на пример еманципацијата на жените, како и сексуалната слобода. Далеку од тоа дека работите целосно се промениле по 1917 година, но одредени права биле одобрени, и донекаде се наметнала родовата еднаквост.

Кога во 1945 година комунизмот како политичка форма била применета низ Источна Европа се јавиле одредени прашања, како на пример како да се одговори на ликвидацијата, или барем на криминализацијата, на одредени малцинства кои биле стигматизирани во текот на Втората светска војна. Очигледно, прогонот на хомосексуалците продолжил и понатаму, додека законите почнале бавно да се менуваат во текот на 1960тите години.

Но доколку сакаме да го мапираме присуството и легитимноста на хомосексуалците во различни контексти, би рекол дека, на законско ниво, одредени земји ги декриминализирале сексуалните чинови меѓу лица од истиот пол порано од другите. Во Унгарија декриминализацијата е усвоена во 1961 година. Во Источна Германија декриминализацијата се случила во 1967 година, една година пред Западна Германија!

А во Полска?

Полска е донекаде специфичен случај, бидејќи од 1932 година во кривичниот законик хомосексуалноста повеќе не се вбројува. Тоа не значи дека на општествено ниво хомосексуалноста била прифатена целосно. Сепак, хомосексуалците не биле праќани во затвор или логори заради тоа. Во С.С.С.Р. од друга страна, постоеле тешки казни, до 5 години затвор, на основа на хомосексуалност.

(фотографија – спортот во Русија во 1930тите години)

Дали меѓу хомосексуалците од Истокот се одржувала некаква комуникација во деновите на комунизмот?

Интересно е што во тоа време источните земјите формираа блок, а во тој блок се развиле плодни односи меѓу хомосексуалните граѓани од неколку земји. Одредена доза на солидарност која се развила меѓу маргинализираните понекогаш дозволувала спротивставување, односно барем мало заобиколување на официјалните забрани.

Постојат еден вид на хомосексуални легенди кои сведочат дека Унгарија и Бугарија биле обожувани од страна на источноевропските хомосексуалци. Постоело чувство на слобода, малку понаметлива на одредени места, барем за време на празниците. Во Прага е познат барот Теко, забележан од властите.

По 1981 година било откриено дека голем број на хомосексуалци под закана биле врбувани како шпиони од страна на чешката тајна полиција да набљудуваат и пренесуваат што се случува во тој бар. Но во Прага геј мажите и лезбејките се дружеле заедно, особено на приватни забави, што не е случајот во други контексти.

Во текот на денот, социјализацијата се одвивала во главно околу јавните тоалети. Ваквите места биле стигматизирани и биле постојана мета на полициските рации. Различни аспекти од овие реалности можат да се најдат во последното издание на списанието DIK Fagazine број 11, издадено на англиски и француски јазик специјално за конференцијата.

Дали во Полска и општо во социјалистичкиот блок постојат истакнати личности во хомосексуалноста во периодот од 1945 до 1989 година?

 Голем број уметници оставиле белег во полската култура со хомоеротски дела. Поконкретно може да се издвои Јержи Анджејевски, автор на „Портите на рајот“ (Bramy Raju, 1960 god.). Исто така треба да се спомне Јарослав Иваскиевич. Во своите дела овие автори позајмуваат во голема мера од зачетоците на геј културата и се обележани со силна сексуална тензија меѓу мажите, која денес се нарекува хомоеротска.   

Кога во 1968 година, Анджеј Вајда ја адаптираше книгата на Анджејевски за екранот, и инвестираше многу во еротската тензија. Витолд Гомбрович, автор на романот „Транс-Атлантик“ (1957), атипична книга во која се раскажува за прилично халуциногените талкања на еден Аргентинец, испишани во маргинализираниот живот кој го живеел и кој е посветен на хомосексуалните практики. Неодамна, благодарение на неговиот дневник беше потврдено дека Гомбрович ги направил првите хомосексуални „почетоци“ веќе во 1934 година во Полска, пред да живее како хомосексуалец во Аргентина, а подоцна и кога се вратил во Европа.

Исто така морам да ги спомнам славните изведувачи од тој период: Криштов Јунг и Криштов Ниемцик. Тие инвестирале во хомосексуалните корпореалности, вклучувајќи ги во игра голотијата и физичката пластичност, во провокативен, суптилен и посветен дух.

Фотографија – „Поинаков начин“ од Кароли Мак (1982 год.)

Но да се осврнеме и кон други контексти. Така на пример, лицето на хомосексуалноста во Унгарија е хетеросексуалец. Тоа е режисерот Кароли Мак. кој за прв пат снимал филм за љубовта меѓу две жени во 1982 година: „Поинаков начин“. Кароли Мак беше заинтересиран за општествениот „симптом“ на хомосексуалноста во тој период. Филмот е адаптиран од романот на Ершбет Галгози.

Што е со руските хомосексуалци во времето на комунизмот?

Голем број познати хомосексуалци живееле во времето на Советскиот режим, како на пример Слава Могутин, кој во 1990тие години беше првиот хомосексуалец од Русија кој доби азил во Соединетите Американски Држави врз основа на хомофобичен прогон. Негови се првите текстови за историјата на насилството претрпено од страна на хомосексуалците во повоениот период во С.С.С.Р.

Си спомнувам и за личност од источно германската кинематографија кој многу доцна во животот ја прифати сопствената хомосексуалност, по неговиот брак и децата родени во истиот. Тој ја прифати сопствената хомосексуалност со филмот насловен Coming Out, чија премиера беше на 9.11.1989 година во источен Берлин, денот кога падна Берлинскиот ѕид. Одовде, понекогаш се вели дека Источна Германија никогаш не го доживеа нејзиниот каминг оут.

Од друга страна, според нечие мислење, филмот докажува дека веројатно се одвивало вистинско истражување на хомосексуалната желба како таква во Германската Демократска Република (Источна Германија), а не само спомнување на хомосоцијалноста на новинарско ниво. Според мене, овој филм носи нешто скапоцено во себе. Во контексти каде законската и општествената дискриминација била применувана повеќе или помалку насилно во различни контексти, киното било едно од првите места на препознавање на хомосексуалноста во Централна и Источна Европа.

Дали се развиле некакви врски меѓу хомосексуалците од Западот и Истокот во овој период?

Врските се развивале во главно преку списанијата. Би сакал да го споменам Ризард Кисиел кој го создаде првото хомосексуално списание, „Фило“, списание кое претставуваше информативна платформа за хомосексуалците од Полска, но исто така содржеше бројни натписи од ширум светот, беше дистрибуирано преку пристаништето во Гданск, каде Ризард бил роден и каде што работел. Тој имал пристап до бројни хомосексуални списанија од западните земји.

Од друга страна, во списанијата како „Гаи Пиед“ во Франција се забележува интерес за хомосексуалците во Источна Европа. Во текот на 1980тите години, новинарите како Кетрин Дуран патуваа до Прага и Варшава. Исто така, нашата конференција претставува начин да се промени архетипот за животот зад Железната Завеса во одреден историски момент каде постоела тенденција да се заборави значајноста на ЛГБТ културите на Истокот и нивното влијание во Западна Европа.

Источно-западните односи може да се разгледуваат и на ниво на кинематографска култура. На пример, презентацијата на унгарскиот филм „Друг начин“ на Филмскиот фестивал во Кан во 1982 година, каде ја доби наградата за Женска интерпретација, овозможи да се посочи на состојбата со хомосексуалците во западноевропски контекст, а особено состојбата со лезбејките на Истокот. Не треба да се заборави ниту значајноста на Радио Слободна Европа, на кое често се зборува за дисидентските и малцински групи; понекогаш сексуалните слободи биле проучувани таму.

Бар во Источна Германија, 1989 година (фотографија: Матијас Китлиц)

Дали 1989 година претставува пресвртница за хомосексуалците во (пост)комунистички контекст?

Истражувачите сé уште се прашуваат дали можеби 1989 година претставува прекин кој соодветствува со крајот на нешто, односно почетокот на нешто сосема друго. Во Западна Европа постои тенденција 1989 година да се гледа како почеток на демократијата, додека академската фела, како историчарот Криштов Помијан, верува дека е крај на битка почната многу порано. Може да се рече дека 1989 година повеќе претставува пресвртница отколку реален повик за слобода.   

Понатаму, да се рече дека во 1989 година ситуацијата со хомосексуалците во Западна Европа потполно стивнала би било карикирање, и дека во споредба со целосната слобода во која уживале хомосексуалците од Западот, на оние од Истокот им биле потребни 30 години за да го добијат истото. Неопходно е да се преиспитаат ваквите ставови и напротив, да се истражи до кој степен проблематиката на хомосексуалноста останала проблематична во Западна Европа во 1980тите години. Работите одат во нагорна линија постепено во поглед на стекнати права и во капиталистичкиот и во комунистичкиот контекст.

По 1989 година, хомосексуалците добиле слобода да формираат независни организации, што било невозможно претходно. Ова станува поочигледно во периодот на интеграција на земјите од Источна Европа во Европската Унија. На тема на општествените прашања се дебатирало во голема мера, понекогаш и на насилен начин. Ситуацијата била особено безмилосна во Романија каде криминализацијата на хомосексуалноста е укината многу доцна.

Комплексно е тоа што историјата на хомосексуалноста не може да се увиди на едно ниво: доколку се разгледува само на политичко ниво или на законско, или само на уметничко или на културно ниво лесно е да не се забележи комплексноста на присутноста и вредноста на хомосексуалноста. Во одредени контексти, културното ниво може да го доведе во прашање законското ниво. Во други контексти, напротив, законското ниво може да го доведе во прашање политичкото ниво. Една од темите кои ќе се обработува на конференцијата е да се поврзат меѓусебно различните нивоа на разгледување. На тој начин може да се согледа комплексноста опфатена со самиот поим хомосексуалност, да се дефинира како желба, како општественост, па дури и како нов идентитет.

На крај, би сакал да кажам дека 1989 година навистина донесе промена во поглед на свесноста за СИДА. Претходно употребата или производството на кондоми беше забранета во одредени контексти. Од денешна перспектива тоа изгледа апсурдно. Во овој поглед значи може да се согледа значаен напредок. Од друга страна, хомофобијата се враќа на политичката сцена, но ова не треба да остави последици врз социјалното и медицинското справување со СИДА.

Како започна Вашиот проект?

Конференцијата се роди од мојот состанок со Џером Базин, предавач на Универзитетот „Париз Е-Кретељ, пред неколку години за време на едно предавање во Берлин. Можеби звучи малку чудно, или дури вознемирува тоа што конференцијата во Париз ја насловивме „Комунистичка хомосексуалност“, но сепак за нас, отаде полемичкиот карактер, звучи поттикнувачки.

Зошто ја организирате конференцијата во Париз?

Како истражувачи од Франција, ни изгледаше интересно да ги интегрираме овие прашања во француски контекст. На тој начин се јавува одредена потешкотија, дури и скептицизам, едно истражување во Франција да го обработува прашањето за сексуалноста воопшто, посебно хомосексуалноста. Во француските академски кругови денес постои страв дека да се размислува за хомосексуалноста значи секоја тема да се минимизира на прашањето за родот. Родот останува проблематичен за француското општество како и за академскиот свет.

Научната култура насочена кон хомосексуалноста мора повторно да се врати во центарот, со поддршка од хомосексуалците и хетеросексуалците. Би сакал оваа област на истражување да се значајност, токму како кога Андре Бодри, Роџер Пејрефит и Жан Кокто го основаа списанието „Аркади“ во 1954 година. Општествената вредност на хомосексуалноста во тој период претставуваше плодна област на истражување.

За жал мора да заклучиме дека освен значајниот придонес на геј списанијата и неколку книги (особено книгите на Флоренс Тамањ и Ерик Фасин), истражувањето во Франција не ја проучува европската хомосексуалност во целина. За да се врати оваа тема во Париз неопходно е градот и француското академско милје да ја врати пионерската улога во проислувањето на европската хомосексуалност.

Дали Вашиот пристап претставува еден вид на активизам?

Не, не се работи за борбеност. Се трудам да пронајдам дел од загубена приказна. Од моја гледна точка, неопходно е вниманието да се насочи кон симптомите на нашата актуелност, а еден од тие симптоми е непознавањето на хомосексуалните популации во источноевропскиот контекст. Сепак, како што инсистираше Мишел Фуко, истражувањето неопходно треба да претставува анализа на „денешницата“. Доколку ги погледнеме истражувачите кои работат со хомосексуалноста денес во Франција, во сите дисциплини, и покрај постоењето на одделни катедри и институции кои се фокусираат на сексуалната проблематика, научниот интерес за овие прашања е многу спорадичен и испрекинат.

Идејата на конференцијата во Париз е да се поканат сите овие истражувачи да се сретнат и да работат заедно. Така, дури и доколку пристапот не е милитантен, ќе придонесе да се насочи интересот кон ова прилично потценето поле на истражување, и на тој начин да им се даде политичка вредност на ставовите кои ќе се разменат во текот на конференцијата.

Извор