„Ги кријам солзите – „Момчињата не плачат“ – завештание“

„Ги кријам солзите – „Момчињата не плачат“ – завештание“

Џек Халберстам

Превод: Јулија Мицова

„Момчињата не плачат“, 1999 година

Во 1999 година, само 6 години по силувањето и убиството на младата родово поинаква личност, Брендон Тина, и двајца пријатели во едно гратче во Небраска, Ким Пирс го сними првиот филм, драматичен приказ на инцидентот. Премиерата на филмот, „Момчињата не плачат“, за кој беа потребни две години во истражување, пишување, доделување на улогите и снимање, помина со блескави критики, освои бројни награди и пофалби за главната актерка, Хилари Свенк, и младата режисерка, Ким Пирс, како и за тимот одговорен за филмската продукција предводен од Кристин Вејкон. Филмот беше остар, визуелно иновативен и прифатен како огромен пробив за репрезентацијата на родово поинаквите тела. Неизбежни беа дискусиите за одредени одлуки на Пирс во рамките на филмскиот наратив (неприкажувањето на убиството на афро-американски пријател, Филип Де Вајн, кога бил убиен Брендон), во тој период „Момчињата не плачат“ беше примен од публиката како прекрасен филм со кој се оддава почит за животот на родово-квир млада личност и преку кој ни беше претставен дел од опасноста со која се соочуваат родово поинаквите луѓе. За публиката тоа беше сензитивен приказ  на животот во едно гратче во САД. Ким Пирс опширно говореше за филмот, при што ја појасни нејзината лична врска со проблематиката на родовата варијација, животот на работничката класа и родовото насилство.

При неодамнешните прикажувања на филмот, на дел од кои Пирс учествуваше како говорник, а други во рамките на училишните часови или филмски ревии, помладата публика се навреди од филмот и ја обвини режисерката дека заработува пари од претставувањето на насилството против транс луѓето. Токму за ова беше обвинета Ким Пирс при нејзиното гостување на специјалното прикажување на филмот во колеџот Рид во Орегон, еден ден пред претседателските избори. Протестанти од страна на студентското тело без знаење на организаторите ги отстраниле постерите на кои се најавува прикажувањето и предавањето низ целиот кампус и формирале протесна група, по што се појавиле пред прикажувањето во киното за да закачат сопствени постери.

Постери во колеџот Рид со кои се протестира против проекцијата на филмот, ноември 2016 година

На постерите беа содржани секакви реакции на филот, почнувајќи од: „Никако да сфатите“!, „Еби се со твојата трансфобија“! како и „Транс животите не се еднакви на $$“ и како шлаг на тортата, еден од знаците закачен над подиумот гласеше: „Еби се бела цисродова кучко“!! На барање на Пирс, протестантите почекаа да заврши проекцијата на филмот, а потоа влегоа во салата со извици како „Еби се ти и твојата политика на респектабилност“ и не и дозволија на Пирс да одговори, по што таа замина од просторијата. Откако се спогодија на основни правила за дискутирање, Пирс се врати но разговорот повторно излезе од контрола и конечно еден од студентите ѝ се развика на Пирс: „Еби се исплашена кучко“! по што протестантите се придвижија во марш а Пирс го напушти кампусот.

Настанот го счудоневиди делот од публиката што се сеќава на настаните околу убиството на Брендон Тина, дебатите за идентитетот на Брендон Тина во текот на следните месеци, а подоцна и реакциите за филмот. Зачетоците на трансродовиот активизам се должат на убиството на Брендон Тина, при што на судењето на неговите убијци беа присутни бројни активисти. Во тој период опсежнот се дебатираше дали Брендон е „буч“ или „трансродов“, но квир и трансродовата публика беа во главно задоволни од претставата на Брендон Тина во филмот „Момчињата не плачат“. Филмот привлече многубројна публика, квир и стрејт, и сѐ уште се прикажува ширум светот.

Кимберли Пирс, режисер

Известувањата за неодамнешните протести во колеџот Ридс сведочат за огромна огорченост, претежно бесрамно мизогинистичка (постојаната употреба на зборот „кучка“, на пример) насочена кон квир, буч режисерката, а секако поттикна и бројни прашања за динамиката на претставување, судири меѓу различните историски парадигми на квир и трансродовиот живот и изразување на квир лутината која, наместо да се упати кон крволочните непријатели во основниот американскиот политички живот, се пренасочува кон независните режисери во рамките на квир и ЛГБТ заедницата. По инцидентите во колеџот Рид, голем број студенти излегоа со изјави дека не се чувствуваат „удобно“ со претставувањето на трансродовиот живот и смрт во „Момчињата не плачат“. Студентите ги покренаа следните прашања, 15 години по премиерата на филмот:

  • Прво, младата транс ориентирана публика сака да знае дали самата Пирс е транс. Оваа публика ја гледа Пирс како не-трансродова личност која заработува од претставувањето на насилството против трансродовите тела.
  • Второ, коментираат за иборот на нетрансродово лице за улогата на Брендон Тина и прашуваат зошто трансродов маж не бил избран за улогата на Брендон.
  • Трето, самите студенти имаат проблем со графичкиот приказ на чинот на силување во филмот и мислат дека сцената е лошо испланирана и дека филмот е преплавен со патологизацијата, повредите и казните на трансродовите тела.

Сами по себе, ваквите критики и прашања заслужуваат да бидат продискутирани, а неопходно е и подобро разбирање на визуелната граматика и репрезентативните стратегии на филмот. Сепак истото не го заслужува активистичката цел да се забрани филмот, да се осуди како трансфобичен, а самата Ким Пирс да се нападне како личност која заработила со експлоатацијата на трансродовите наративи. Филмот чинел 2 милиони долари, а Пирс речиси не заработила ништо од неговото прикажување.

Како да се одговори на замерките од овој тип а притоа да се земат во предвид чувствата на студентите туку да се воспостават поинакви релации кон протестите, кон читањето на комплексните текстови и кон насочувањето на гневот за трансфобичните и хомофобичните текстови врз квир продуцентите?

Еве неколку идеи:

  1. Филмот мора да се смести соодветно во историјата на репрезентацијата на трансродовите ликови. Во периодот кога Пирс го режираше филмот, повеќето трансродови луѓе во филмовите беа чудовишта, убијци, социопати или неадаптирани лица.

„Облечена да убие“, 1980 година

Во мал дел од филмовите се покажа минимално разбирање за трансродовите луѓе, а во уште помал број се обработуваше трансфобичната средина која беше дел од хетеронормативниот семеен живот. Малку филмови снимени пред „Момчињата не плачат“ се фокусираа на трансродовата машкост, а кога трансродовите машки ликови се појавија во филмовите, често се работеше за жени кои можат да поминат како мажи од прагматични причини (на пример, „Баладата за Литл Џо“, од 1993 година) или ексцентрични андрогини фигури (на пример, „Орландо“, 1992 год.).

„Момчињата не плачат“ е буквално првиот филм во историјата во кој се изгради кредибилна приказна околу кредибилната машкост на кредибилна транс-машка фигура. Точка.

  1. Не може секогаш да се инсистира на совршен погодок меѓу режисерите, актерите и материјалот во еден наратив. Режисерката Пирс се идентификува целосно со животот и борбата на Брендон Тина бидејќи и самата била мажествена, потекнува од работничка класа и била сексуално злоупотребувана. Пирс не е трансродов маж, но сепак е родово поинаква. Во нејзиниот филм постои разбирање за социјалната околина на Брендон Тина, неговиот родов идентитет, тешкото детство и борбата да се разбере себеси и да се биде разберен од другите. Приказната за казнувањето на трансродовото тело не беше раскажана од страна на Пирс со цел самата таа да учествува во казната, таа ја раскажа затоа што тоа всушност му се случи на Брендон Тина и би било нечесно приказната да се раскаже поинаку. Претрпеното насилство, во тоа време, беше симбол за повеќе видови на насилство со кое се соочуваа трансродовите луѓе и ја повикува публиката да го прекорат светот во кој таквото насилство претставува секојдневие.

Хилари Свенк во улогата со која се проби во филмот „Момчињата не плачат“

  1. Трансродовите актери треба да играат трансродови ликови но тоа сепак не е секогаш возможно, а во времето кога Пирс го снимаше филмот беше скоро и невозможно. Понатаму стои тврдењето дека трансродовите актери не треба да се ограничуваат на трансродови улоги. Пирс спровела национална потрага по транс мажествен актер за улогата во филмот. Направила проби за екранот со бројни транс луѓе, и на крај се решила улогата да ја даде на најдобрата актерка со женско тело која кредибилно можела да се претстави како маж. Таа актерка беше Хилари Свенк, позната во одредени кругови во тоа време по улогата во филмот „Карате Кид“ и повремените настапи во серијата „Вампирот Бафи“. Со оглед на подреденоста на успехот на филмот на способноста на актерот кој го глуми главниот лик, добар изведувач бил од клучно значење, па доделувањето на улогата на Хилари е соодветно. Понатаму, зошто трансродовите актери треба да играат единствено трансродови улоги – не треба ли да бараме од цис-родовите режисери да доделуваат улоги на романтичари, протагонисти или супер херои на трансродовите мажи и жени?

  1. Не треба да се бара во филмовите да не се прикажуваат сцени на сексуално насилство, напротив треба да се прашаме што поточно сакаме да кажеме со насилство во кој било контекст. Во филмот „Момчињата не плачат“ сцената со чинот на силување е брутална, тешка за снимање и за глумење, и општо гледано претставува тежок и емотивно напорен дел од снимањето филмови. Но истовремено претставува значаен дел од филмот и начин доследно да се претстави распространетото брутално насилство во тој период врз родово не-конформитистичките тела, како во конкретниот случај со Брендон Тина. Бруталноста на силувањето исто така се насетува и во сцените во полициската станица кога Брендон Тина го пријавува чинот. Полицијата се однесува кон Брендон како кон „девојка“ која веројатно била задоволна од вниманието што го добила од момчињата, кои за нив претставуваат нормални, сексуални субјекти.

Следствено, со сцената на силувањето се проколнува полицијата, се истакнува улогата на насилството во наметнувањето на нормативноста и ја прави публиката сочувствителна со тоа што трансфобијата е прикажана како морално неприфатлива. При нападот на сцени на силување и сексуално насилство во независните филмови за историски ликови, всушност се отежнува соочувањето со историски материјали во кои постои систематско насилство и опресија.

Но исто така го ограничуваме значењето на зборот „насилство“ на физички напад. А како што многумина теоретичари веќе истакнаа, насилството може да се појави во форма на пристојност, сочувствување, отсуство, рамнодушност и непојавување. Насилството е клучната состојка во современото претставување – често гледаме филмови во кои експлодираат коли (филмови со потери), се уриваат авиони (голем дел од филмовите со Том Круз или Џејмс Бонд), супер хероите прават чистки убивајќи по стотина злобници одеднаш (во филмовите „Железниот човек“ или „Истерувачи на духови“), бранови рушат цели градови пред себе („Петиот бран“), ајкули во напад јадат цели јата риби („Барајќи го Немо“), ловците убиваат срна пред нејзиното дете („Бамби“), слетуваат вонземјани и уништуваат згради („Војна на световите“), толпа на зомби бркаат луѓе и бавно ги јадат („Живи мртовци“) и така натаму. Исклучивото фокусирање кон сексуалното насилство и игнорирањето на генералниот контекст на кинематографското насилство и нападот на квир режисери кои се борат во филмовите да го претстават живото на квир луѓето, наместо да се напаѓаат стрејт режисери кои ги игнорираат квир и транс луѓето претставува ограничена визија за репрезентативните системи и идеологии и на крај ги остава таквите системи и предрасудите кои ги шират недопрени.

Во време на политички терор, во време кога на видни позиции во земјата се назначуваат фашисти, кога белите мажи се подготвени и се на позиција да распределуваат казни за жените, квир и работниците без виза, мора внимателно да ги одбереме непријателите. Трошењето на време и енергија во организирање на протести за работата на екстремно значајни квир режисери/ки не е само штетно, туку претставува морален банкрот и нѐ спречува да ја воочиме вистинската опасност во овој историски момент.

Извор