Итна ревизија на Педагогија за трета година

Итна ревизија на Педагогија за трета година

Комисијата за заштита од дискриминација утврди дека содржината на учебникот „Педагогија за трета година“, „претставува вознемирување, предизвикува чувство на пониженост, повреда на достоинството на група луѓе, кое произлегува од дискриминаторска основа сторено од страна на Министерството за образование и наука и авторите на учебникот проф. Д-р Марија Костова, проф. Д-р Анета Баракоска, м-р Ели Маказлиева“.

Од Коалицијата „Сексуалните и здравствените права на маргинализираните заедници“ соопштија дека Комисијата за антидискриминација му препорачува на Министерството за образование и наука да изврши ревидирање на содржината на учебникот и ревидираната содржина да не содржи елементи на вознемирување врз дискриминаторска основа.

Во спорниот учебник под точката Сексуални определби во поднаслов „Опачините на сексуалниот живот“ стои: „Хомосексуалноста и лезбејството се варијанти на полов нагон и секако како опачини, се манифестираат со свртеноста на индивидуата кон сексуален партер од ист пол. Тоа може да биде присутно кај мажите и кај жените, но сепак кај жените е поретка појава. Меѓу така ориентираните лица и во двата пола има многу невротични и психотични личности.“

Препораката  е задолжителна и Министерството за образование и наука треба да постапи по истата и да ја отстрани повредата на правото во рок од 30 дена и за тоа да ја извести Комисијата.

Од Коалицијата „Сексуалните и здравствените права на маргинализираните заедници“ ја поздравија одлуката на Комисијата за заштита од дискриминација (Извор: Макфакс)