Реакција на прилогот на Бекстејџ

Реакција на прилогот на Бекстејџ

Предмет: Реакција на прилогот ’Татко му на Рики Мартин: горд на геј синот’, емисија Backstage (http://backstage.com.mk/mk/articles/svetska-scena/tatko-mu-na-riki-martin-gord-na-gej-sinot)
До: Упредничкиот тим на емисијата Backstage и остантите медиуми во Р.М

Почитувани,
Коалицијата Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници најостро реагира и го осудува прилогот на Backstage, објавен и на нивната веб страна, а со наслов ’Татко му на Рики Мартин: Горд на геј синот’, потпишан од Снеже Велков. Имено, Коалицијата смета дека погоренаведениот текст претставува уште еден од серијата новинарски текстови и прилози кои учествуваат во креирањето и одржувањето на дискриминаторската и хомофобичната атмосфера, зацврстувањето на хетеронормативната матрица и популизмот, како и подривањето на плуралниот и демократски простор  во Република Македонија.

Под маската на забавен говор, кој има за цел да ја развесели и насмее македонската публика, сметаме дека прилогот е загрижувачки од неколку аспекти. Креирањето на хумористичниот и забавен тон на прилогот е овозможен со посредство на манипулацијата на најзакоравените стеротипи и патологизирачки репрезентации на хомосексуалците, како во традиционалните психијатриски, така и во популарните, односно народните дискурси.



Термините ’обратен’ и ’вози во риквец’, употребени со сексуална конотација, се само едни од патологизарачките и деградирачките термини со кои ненормативните сексуални идентитети и практики во македонскиот контекст се конструираат и исклучуваат од доменот на секојдневието и матрицата на она што претставува нормално, исправно и човечки легитимно однесување и изразување на љубовта и сопствената сексуалност. Стигматизирачкиот, подбивниот и девалвирачкиот потсмев и иронија кои во себе ги носи употребата на овие термини кога се именуваат нехетеросексуалците, може да бидат забавни и хумористични единствено доколку се земе предвид дека истите мобилизираат цела историја на опресија, насилство и исклучување, односно, историја на политика на посмевање и деградирање и  генерален негативен став кон нехетеросексуалците.  Во тој контекст се поставува прашањето зошто новинарката не одлучила да се подзабавува и поднасмее на сметка на хомофобичните реакции на јавноста по однос сексуалноста на Рики Мартин?

Во овој контекст загрижувачки е и принципот на забава и хумор во пристап кон прашањата кои длабоко се вкорените во социјалната нееднаквост, неправда и насилство. Како што не учеше Адорно, овој пристап на мас продукциите и културните индустрии единственото што го прави е што ги оневозможува нашите капацитети за критичко промислување и афективно реагирање на политичките и социјалните неправди, а во името на разонодата и диктираната насмевка. Конечно, загрижувачки е дека овој прилог се наоѓа на една од најгледаните телевизии во Македонија, со што далекусежноста на последиците не може ни од далеку да се предвиди.

Посебно застрашувачки е последниот исказ од прилогот: ’Море ќотек за тебе Мартине’, кој доаѓа како своевидна реплика и неодобрување дури и на реакцијата на неговиот родител која би требало да биде пример за сите родители во Македонија. Овој исказ изнудува единствено две интерпретации. Или авторката на прилогот сака да ни укаже каков треба да биде односот кон и нормализирањето на хомосексуалците (Ќотекот е излезен од рајот?, Газот и носот не се за чест?, Седи мадро да не биде модро?) или сака да ни го соголи пред очи, и притоа самата подривајќи се, механизмот на дисциплинирање, нормализација и фабрикување на сексуалноста на децата уште од мали во рамки на семејството (со што ни потврдува дека приватното е политичко) како насилна стратегија на исклучување, поништување и казнување на серија други можности на сакање и практикување на љубов  и сексуалност.

Имајќи предви дека медиумите несомнено денес се главните креатори на јавното мислење и основниот извор на информации, ние сметаме дека да се почне со промена на јазикот и општеството денес значи да се почне со таа промена токму во медиумите. Не мислиме притоа на продуцирање демократски говори единствено во името на апстрактната демократија, а без притоа да се менува и политичкото и општественото постоење на  мислата, уверувањата и ставовите. Да се говори коректно значи да се мисли коректно. Единствено низ таквото еднинство јазикот има смисла, а нашето постоење се стекнува со димензијата на човечност и етичност. Да се говори демократски значи и да се дејствува демократски, да се живее и создава демократски, да се креира недискриминаторско општество кое подеднакво го вреднува животот на секое човечко суштество и кое обезбедува простор и услови за реализација на секоја индивидуа.

Врз основа погоренаведеното, Коалицијата бара тимот на емисијата и водителката да им се извинат јавно на сите нехетросексуалци и демократски граѓани на оваа држава, а со тоа и да застанат зад одбраната на отворено, плурално и демократско општество и во борбата против дискриминацијата и говорот на омраза.