Одлука на Комисијата за жалби при СЕММ: „Жалбата е основана“

Одлука на Комисијата за жалби при СЕММ: „Жалбата е основана“

Коалицијата СЕКСУАЛНИ И ЗДРАВСТВЕНИ ПРАВА НА МАРГИНАЛИЗИРАНИТЕ ЗАЕДНИЦИ НА 11.03.2015 поднесе жалба до Комисијата за жалби при Советот за етика во медиумите во Македонија за емисијата „Јади Бурек“ на ТВ Сител 3.

Во емисијата од 25.02.2015 се јави гледач кој вели „…за педерите што се јавуваат треба да им се набута кол таму…“, на што водителот Јанко Илковски одговори „Немојте, слушаат и мали деца, лоши асоцијации да не им даваме. Ај, нешто покултурно што можеш да кажеш. Не мора толку вулгарно да биде, иако јас се согласувам, би те пуштил да си кажеш се што сакаш“.

Во жалбата Коалицијата наведе дека во емисијата се користеше говор на омраза кон припадниците на ЛГБТИ заедницата.

Со задоволство ја информираме јавноста дека Комисијата за жалби најде дека жалбата во однос на емисијата „Јади бурек“ е ОСНОВАНА!

Untitled

Коалицијата на оваа одлука гледа како на значаен напредок во саморегулацијата на медиумската сфера во Македонија, и како мал, но важен исчекор на неколкугодишниот молк на медиумите и другите институции во Македонија по однос на континуираниот говор на омраза и дискриминација кон ЛГБТИ лицата. И покрај тоа што Советот нема ингеренции да санкционира, се надеваме дека оваа одлука ќе претставува недвосмислен показател за нужноста од афирмацијата на недискриминациските и демократски принципи во медиумите.

Со одлуката, Советот, во согласност член 18 од Деловникот за работа, го обврзува медиумот, односно Сител 3, да ја објави одлуката на Комисијата.

Да потсетиме, Сител ТВ за прилог од 18 мај 2012 година, еден ден по Меѓународниот ден за борба против хомофобијата и против трансфобијата, во централниот дневник на телевизијата „Сител“ емитуваше прилог „Со кампања хомосексуалците бараат истополови бракови“, за кој, после претставка од страна на Колаицијата, бешеутврдена дискриминација и од тогашниот Совет за радиодифузија (СРД) и од Комисијата за заштита од дискриминација (КЗД). За жал, иако одлуката на КЗД дојде со задоцнување (декември 2014), и по донесувањето на овие одлуки не се спречи ширењето на говор на омраза кон ЛГБТИ луѓето во овој медиум. Се надеваме дека оваа одлука ќе успее да направи исчекор.

Деталното образложение во Одлуката на Комисијата за жалби при Советот за етика во Медиумите во Македонија преземете го тука.