Покана за проекција и дискусија

Покана за проекција и дискусија

Коалиција СЕКСУАЛНИ И ЗДРАВСТВЕНИ ПРАВА НА МАРГИНАЛИЗИРАНИ ЗАЕДНИЦИ Ве поканува, во вторник, 22.03, во 19.30, во клубот ГЕМ на:

Проекција на филмот ПАРИЗ ГОРИ и
Дискусија на тема: Како да го запалиш својот идентитет?
Воведничар: Станимир Панајотов
Фасцилитатор: Славчо Димитров

Вашето присуство и придонес кон дискусијата ќе ни претставува посебно задоволство и огромна чест.

Париз гори е документарен филм од 1990 година во режија на Џени Ливингстон. Сниман во втората половина од 80те години на минатиот век, овој филм претставува хроника на т.н. ball култура (култура на балови) во Њујорк и различните етницитети вклучувајќи ги Афроамериканците, Латино геј луѓето и трансродовата заедница во нивни рамки.

Џени Ливингстон посветува 7 години на создавање на овој филм во кој е сконцентрирана на интервјуа со клучните фигури од светот на баловите кои фрлаат различни светла врз културата на баловите, но и врз нивните личности. Во филмот, насловите (куќа, мајка, читање и други) покажуваат како субкултурата која филмот ја отсликува ги извлекува зборовите од белиот и хетеронормативен свет и ги исполнува со алтернативни значења. Филмот, исто така, истражува како субјектите во него се справуваат со расизмот, хомофобијата, сидата и сиромаштијата. Drag е презентиран како комплексен перформанс на родот, класата и расата, во кој може да се оствари идентитетот и желбата низ мноштво од димензии.
Париз гори е непроценлив документарец за крајот на „златната ера“ на баловите во Њујорк, но и промислено истражување на концептот за раса, класа и род во Америка.

По филмот следува дискусија на тема „Како да го запалиш својот идентитет?“ на која воведничар ќе биде Станимир Панајотов, а фасцилитатор Славчо Димитров.

Станимир Панајотов е роден 1982 година во Сливен, Бугарија. Во 2004 година дипломира Филозофија на Универзитетот во Софија, Бугарија. Своето образование го продолжува во Македонија кадешто запишува последипломски студии по Филозофија и род на Институтот Евро Балкан. Од 2003 година публикува научни текстови и рецензии во својата земја, но и во странство. Работи и како преведувач (од англиски, македонски и бугарски јазик) на книги и научни текстови од областа на хуманистичките и општествените науки, родовите студии и квир теоријата (вклучувајќи ги и делата на автори како Венди Браун, Адриен Рич, Ив Сеџвик, Дајана Фас и Дејвид Халперин). Во моментов работи на превод на бугарски на книгата „Санитарна енигма“ од Јасна Котеска. Исто така тој е активист за правата на ЛГБТ популацијата во Бугарија и член на Организациониот комитет на Sofia Pride.

Славчо Димитров дипломирал Општа и компаративна книжевност на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и е магистер по Родови студии и филозофија на Институтот Евро Балкан. Во моментов тој е студент на докторските студии на одделот за Род и Филозофија на Институтот Евро Балкан кадешто работи како истражувач, асистент и координатор на проекти. Во последниве години тој координирал неколку проекти кои се занимаваат со човековите права и не-дискриминација на малцински заедници во Македонија. Во моментов тој е директор на Коалицијата „Сексулани и здравствени права на маргинализирани заедници“. Публикувал неколку текстови на теми од книжевната и филмска теорија и интерпретација, род, сексуалност и идентитет и современа уметност во Македонија, во различни публикации од академска и уметничка област во земјата и надвор. Неговите главни теоретски и авторски интереси се поврзани со прашањата за родот, културната теорија, политичката филозофија, идентитетот и нарациите, деконструкција на субјектот и квир теоријата.