Бугарија: Насилствата врз ЛГБТИ луѓето не се сметаат за злосторства мотивирани од омраза

Бугарија: Насилствата врз ЛГБТИ луѓето не се сметаат за злосторства мотивирани од омраза

Напорите на бугарските власти да ги истражат случаите на злосторства мотивирани од омраза и да ги казнат злосторниците беа прогласени за неуспешни во новиот извештај на Амнести Интернешенал.

 

Според извештајот, недостатокот на соодветна истрага и гонење во земјата создало клима на дискриминација, страв и насилство. Некои од жртвите на злосторствата мотивирани од омраза немаат храброст да ги пријават своите случаи во полиција затоа што се плашат од понатамошна дискриминација.

 

„Стотици луѓе од малцинските групи се соочиле со злосторства мотивитани од омраза и голем број други не веруваат дека властите ќе ги заштитат“ – рече Марко Перолини, истражувачот за дискриминација во Европа на Амнести Интернешенал“.

 

Во Бугарија постои закон за злосторства мотивирани од расизам и ксенофобија, но властите не успеваат да идентификуваат такви кривични дела.

 

Злосторствата мотивирани од омраза врз ЛГБТИ луѓето не се санкционирани со ниту еден закон, туку се сметаат за кривични дела поврзани со хулиганство.

 

Во истражувањето од 2013-та, 86 насто од бугарските ЛГБТИ жртви на насилство или закани за насилство рекле дека не ги пријавиле случаите во полиција затоа што имаат недоверба во институциите.

 

Во јануари минатата година бугарската влада дискутираше за нов крвичен закон во кој сексуалноста требаше да биде внесена како мотив за омраза.

 

Во очекувањето на парламентарните избори во октомври 2014-та, законот беше ставен во фиока.

 

Еден од најпознатите случаи на неуспешност на институциите да поднесат обвинение за злосторство мотивирано од омраза врз ЛГБТИ лица е случајот на дваесет и пет годишниот студент по медицина Михаил Стојанов кој беше брутално убиен во Борисовата градина во Софија во 2008-та.

 

Неговото тело беше пронајдено од главата до петици покриено со модринки. Тој бил тепан се додека душникот не му се скршил по што се задушил.

 

Двете млади осомничени лица, Александар Георгиев и Радослав Кирчев, рекле дека биле дел од група која имала цел да го „исчисти паркот од гејеви“

 

За време на истрагата хомофобичаната природа на делото не била земена предвид. Три сведока кои припаѓале на истата група признале дека ги виделе двајцата осомничени како го убиваат Стојанов.

 

Судењето за случајот постојано било одложувано. Тоа започнало на 28-ми ноември 2014 но по тој датум нема никакви информации за разврската за случајот.

 

Хулиганизмот и бруталноста во случајот можат да допринесат за построга казна, но на осомничените нема да им се суди за злосторство мотивирано од омраза.

 

Ставовите на полицијата исто така предизвикуваат загриженост. Една третина од ЛГБТИ луѓето кои изјавиле дека не ги пријавиле случаите на злоупотреба во полиција рекле дека не го сториле тоа поради страв од хомофобични и трансфобични реакции.

 

Во меѓувреме усвојувањето на новиот закон во кој сексуалната ориентација ќе се сметаат за мотив за злостортсвата мотивирани од омраза е се уште суспендиран.

 

Извор: Gay star news