Повик за протест

Повик за протест

Во македонскиот образовен систем веќе подолг временски период се употребуваат учебници во кои се презентираат хомофобични ставови и сознанија. Голем дел од информациите за сексуалноста и сексуалната ориентација се научно незасновани, застарени и идеолошки обоени. Во учебниците се патологизира хомосексуалноста, а нехетеросексуалците се стигматизираат и квалификуваат со деградирачки и дехуманизирачки дефиниции.

Ваквите содржини не претставуваат само пример на научна игнорантност и слепило. Тие шират хомофобија, говор на омраза и поттикнуваат негативни предрасуди и социјално исклучување на хомосексуалците и другите сексуални малцинства. Наместо да се санкционираат одговорните кои дозволиле хомофобични и дискриминаторски учебници, сведоци сме на обид за замолчување на критичарите на хомофобичните учебници кои генерираат и поддржуваат нееднаквост, нетолеранција, неправда и насилство.

Имено, против Ирена Цветковиќ, истакната активистка за човекови права,колумнистка, блогерка и магистерка по родови студии и социологија, се води кривична судска постапка за навреда и клевета поради јавното критикување на хомофобичните учебници. Да биде иронијата уште поголема, како навредени се најдоа авторките на учебникот по „Педагогија“ за трета година средно оразование, кои ги дискриминираа хомосексуалците опишувајќи ги како “невротични и психотични личности“, “учесницина изопачен, неприроден и ненормален сексуален живот“ и “личности со психички потешкотии и пречки“.

Ваквите обиди за замолчување на критичката мисла се показател дека слободата на говор е доведена под сериозна закана. Со цел да се спречи обидот за помрачување на демократскиот разум, ве повикуваме сите, на 02.02.2011, среда, во 13.00 часот, пред Основен суд Скопје 1, да ни се придружите на мирен протест против хомофобијата во образованието и заштитата на критичкото мислење и активистите за човекови права.

НЕ на хомофобијата во образованието!

СЛОБОДА НА ГОВОРОТ И КРИТИЧКОТО МИСЛЕЊЕ!