Реакција по повод текстот „Знамиња“ објавен во Вечер

Реакција по повод текстот „Знамиња“ објавен во Вечер

Реакција против хомофобичниот говор на омраза на г-нот Драган Павловиќ – Латас

Почитувани,
Коалицијата за сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници најостро реагира на колумнистичкиот текст објавен на 18.10.2010 во Вечер со наслов Знамиња, а потпишан од Драган Павловиќ Латас. Коалицијата го осудува хомофобичниот говор на омраза со кој се стигматизираат нехетеросексуалците преку негативно стереотипизирање и креирање на ирационален страв кај општата јавност од истата група луѓе.

Додека Советот на Европа ја слави годишнината од усвојувањето на Европската конвенција за правата на човекот, ние во Македонија со жалење можеме да утврдиме дека принципите на човекови права, еднаквост и недискриминација се сеуште под сериозен удар и закана. Погорепосочениот текст сметаме дека претставува парадигматичен удар врз правото на еднаквост на луѓето со нехетеросексуална ориентација. Во текстот се експлоатираат негативни стереотипи и предрасуди кон хомосексуалците и се поттикнува страв и нетрпеливост кон оваа група на луѓе како „закана“ и „опасност“, не само за граѓаните на Република Македонија, туку и за целиот човечки род. Со ваквиот говор се загрозува  нивната безбедност и право на достоен живот ослободен и заштитен од дискриминација.
Она што посебно загрижува во последниов од низата хомофобични написи на Д.П.Латас е имплицитното одобрување на насилниците кои на најбрутален начин се обидоа да ја попречат Парадата на гордоста во Белград, кои ја нападнаа полицијата, го демолираа центарот на Белград, при што беа повредени стотина полицајци и граѓани.

Конечно, истиов текст не само што ја поттикнува нетрпеливоста и стигматизацијата кон луѓето со поинаква сексуалност – неосновано претставени како преносители на ХИВ и опасност за наталитетот – туку, во исто време го поттикнува и стравот и стигмата кон луѓето кои живеат со ХИВ/СИДА и кон сите индивидуи кои не учествуваат во репродуктивната национална и биолошка матрица.

Коалицијата ги повикува сите државни институции, медиумите и општата јавност одлучно да застанат и да го осудат хомофобичниот говор со кој се подриваат основните демократски принципи, еднаквоста, правдата и недискриминацијата.
Коалицијата бара од Владата да изготви посебна програма за борба против хомофобијата и социјалното исклучување на лицата со поинаква сексуалност, која ќе содржи конкретни активности за борба против хомофобичниот говор на омраза, вклучително и законски измени кои ќе овозможат негово препознавање и санкционирање.