Дискриминаторска студиска програма на Институтот за семејни студии по основ на род, сексуална ориентација, брачен статус и здравствен статус

Дискриминаторска студиска програма на Институтот за семејни студии по основ на род, сексуална ориентација, брачен статус и здравствен статус

Семејните студии се отвараат на Филозофскиот Факултет паралелно со ставањето во мирување на родовите студии, агресивни владини кампањи за традиционални семејни вредности, кампањи за трето дете, вознемирувачки владини кампањи против абортус и секако самото носење на новиот Закон за прекинување на бременоста со кој се ограничи пристапот до легален и безбеден абортус.

 

Судејќи според контекстот, отварањето на семејните студии и суспендирањето на родовите претставува индикатор дека најстариот универзитет – „СВ.Кирил и Методиј„ ги поддржува владините конзервативни политики, иако улогата на Универзитетот е да гради автономна, современа и критична научна мисла.

 

Мрежата за заштита од дискриминација смета дека објавената програма на семејните студии е дискриминаторска по повеќе основи и тоа брачен и здравствен статус, сексуална ориентација и род. Уште во самата студиска програма, во описот на целите и содржините на некои од наставните предмети видливи се хомофобични ставови, истакнување на улогата на жената (но не и на мажот) во семејството и приватната сфера, третман на „хомосексуализмот“ и разводот на брак како социо-патолошки појави, нееднаков третман на хомосексуалноста и хетеросексуалноста, третирањето на зависноста од дроги како девијација, а не како здравствен проблем итн. Литературата која е задолжителна во два од наставите предмети (Развој на децата и адолесцентите во семејството и Развој на возрасните и стареење во семејството) е предмет на претставка пред Комисијата за заштита од дискриминација поради хомофобичните содржини, хетеросексизмот и пропагирањето на религиозни догми.

 

Потенцираме дека Комисијата за заштита од дискриминација веќе ги има препознаено како дискриминација и вознемирување ваквите содржини во учбниците Педагогија, Медицинска Психологија и Психијатрија Том 1 и Том 2 и истите содржини се повлечени од употреба. Според досегашната пракса на Комисијата за заштита од дискриминација и на Мрежата за заштита од дискриминација сметаме дека креирање на студиски програми и употреба на литература со дискриминаторска содржина е во спротивност со досегашните напори да се отстранат ваквите содржини и дискриминацијата од образованието.

 

Бараме до надлежните органи, особено Одборот за соработка и доверба со јавноста и Одборот за акредитација и евалуација на високото образование, но и Комисијата за заштита од дискриминација, да реагираат во рамките на сопствените надлежности, да направат анализа на програмата и да препорачаат/наложат отстранување од содржини кои се дискриминациски кон жената, ЛГБТИ лицата и останатите маргинализирани заедници