Почнува петтиот ФРИК фестивал

Почнува петтиот ФРИК фестивал

Петтото издание на ФРИК фестивалот, годинава со слоганот „Јас не сум луд, само мојата реалност е поинаква од твојата“, почнува утре и до 8 ноември ќе се одржува во Младинскиот културен центар, во новоотворениот Автономен културно социјален центар и кафе-барот „Камарите“ во Дебар маало.

 

Отворањето е утре во 20 часот, во МКЦ со звучна инсталација насловена „Тома Димовски и неговите пријатели“. Настанот е своевиден перформанс, jam session каде учество ќе земат Јордан Костов-хармоника, Бојан Иванов-гитара, Костас Теодору-перкусии и Тома Димовски.

 

Истиот ден во фоајето на кино „Фросина“ во 21 часот ќе биде отворена изложбата на фотографии на Ема Сабо од Србија, насловена „Hide.Me.Somewhere.Safe“. Во својата работа Ема се занимава со поимите на идентитет, припадност и конечност. Од 21.30 часот ќе се оддржи концертен настап на три македонски бенда, „Еклектик“, „Фуснота“ и „Проџект 2501“.

 

На 7 ноември, во 20 часот, во новоотворениот Автономен културно социјален центар ќе биде отворена изложбата на Лука Донини од Италија и проекција на неговиот филм „Walking“. Во истиот центар ќе биде поставена интерактивната амбиентална инсталација „Персонална утопија“ на Тони Димитров.

 

Последниот ден, 8 ноември, ќе започне со работилница во Колективот Ветерница во 18 часот, насловена „Погледни си ја маската“, чии маски ќе бидат употребени за концептуалната забава под маски „No Gender No Stress“ во „Камарите“.

 

Програмата започнува во 20.30 часот со селекција на видео-арт МИКРОАРТ (Белград) и FRIK DARK ROOMS, настап на „Пост глобал трио“ – Тони Димитров, Димитар Додовски, Мартин Георгиевски, Дабнотик и Соња Исмаил.

 

Извор: A1on