Црногорскиот ЛГБТ Форум Прогрес ги осудува нападите врз ЛГБТ активистите во Македонија

Црногорскиот ЛГБТ Форум Прогрес ги осудува нападите врз ЛГБТ активистите во Македонија

ЛГБТ Форум Прогрес од Црна Гора строго ја осудува неодамнешната појава на злосторства мотивирани од омраза и говор на омраза сторени врз ЛГБТ активистите во Македонија. Неодамнешното зголемување на бројот на напади и закани се јасен резултат на кампањите за видливост на ЛГБТ активистите кои во моментот се спроведуваат во Македонија. Јасно е дека во Македонија, слично како и во повеќето балкански земји, поголемиот дел од населението е хомофобично и трансфобично што може јасно да се забележи преку случаите на нападите и заканите врз ЛГБТ активистите и генерално целата ЛГБТ популација.

 

ЛГБТ Форум Прогрес ги осудува нападите врз ЛГБТ активистите од ЛГБТ Јунајтед и Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“ за време на нивната улична акција со која се промовираа ЛГБТ правата во Битола.

 

Активистите беа брутално нападнати и нивните постери за промоција на сексуална разноличност беа уништени. Активистите инволвирани во кампањата за видливост беа брутално претепани. Случајот бил пријавен во полиција, но сега на истите активисти им пристигнуваат закани. Хомофобичните индивидуи имаат фотографии од ЛГБТ активистите кои јавно ги поставиле на социјалните мрежи повикувајќи на линч и велејќи дека на активистите нема да им биде дозволено повторно да стапнат во Битола.

 

Ваквиот однос спрема граѓаните во Македонија е неприфатлив и ние го повикуваме Министерството за внатрешни работи да преземе мерки за легитимирање и казнување на сторителите.