Проекција на филмот „Мutantes“ и дискусија на тема „Феминизам, сексуалност и отпор“

Проекција на филмот „Мutantes“ и дискусија на тема „Феминизам, сексуалност и отпор“

ЛезФем, Бори се женски и Коалиција „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“ ве канат на проекција на филмот Mutantes на Virginie Despentes кој се фокусира на панк-порно феминистичкото движење. За разлика од други феминистички движења кои гледаат на порнографијата како експлоатирачка и понижувачка, панк порно феминизмот ги гледа сексот и порнографијата како алатки на ослободувањето, каде што жените избираат и контролираат како да се изразат себеси сексуално, верувајќи дека тоа го отелотворува феминизмот. Филмот опфаќа теми како што се кампањата за легализирање на проституцијата во САД, феминистичка S & M порнографија, трансродова еротика, и квир активизам.

 

Документарецот содржи околу 20 интервјуа со уметници, активисти и теоретичарки кои биле и се во движењето, како и снимки од перформанси и продукции кои ги работеле.

 

По проекцијата на филмот, ќе следува дискусија на тема „Феминизам, сексуалност и отпор“ со Катерина Колозова и Славчо Димитров.

 

Ве очекуваме во четврток, 7-ми март во ЛГБТ Центарот за поддршка, од 18.30 часот.

 

Катерина Колозова е директорка и постар истражувач во Институтот за општествени и хуманистички науки- Скопје, професорка по филозофија и родови студии во Универзитетот „American College“- Скопје. Покрај ангажманот во својот институт, таа исто така предава во неколку универзитети во Поранешна Југославија и Бугарија. Таа е авторка на “The Lived Revolution: Solidarity with the Body in Pain as the New Political Universal” (2010; in English), “The Real and ‘I’: On the Limit and the Self” (2006; in English), „Разговори со Џудит Батлер: криза на субјектот“ со Џудит Батлер и Жарко Трајаноски, и уредничка на повеќе книги од областа на родовите студии и феминистичката теорија.

 

Славчо Димитров дипломирал Општа и компаративна книжевност на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и е магистер по Родови студии и филозофија на Институтот Евро Балкан. Во моментов тој е студент на докторските студии на одделот за Род и Филозофија на Институтот Евро Балкан кадешто работи како истражувач, асистент и координатор на проекти. Во последниве години тој координирал неколку проекти кои се занимаваат со човековите права и не-дискриминација на малцински заедници во Македонија. Во моментов тој е директор на Коалицијата „Сексулани и здравствени права на маргинализирани заедници“. Публикувал неколку текстови на теми од книжевната и филмска теорија и интерпретација, род, сексуалност и идентитет и современа уметност во Македонија, во различни публикации од академска и уметничка област во земјата и надвор. Неговите главни теоретски и авторски интереси се поврзани со прашањата за родот, културната теорија, политичката филозофија, идентитетот и нарациите, деконструкција на субјектот и квир теоријата.