Нова публикација на Коалицијата и ХОПС

Нова публикација на Коалицијата и ХОПС

Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“ и здружението ХОПС – Опции за здрав живот Скопје објавија ново истражување со наслов „Подобрување на квалитетот на програмите за лекување зависности од дроги во Скопје: Проценка на квалитетот на програмите за лекување зависности од дроги заснована на мониторингот спроведен од/во заедницата на лицата што се лекуваат од зависност од дроги“.

 

Истражувањето треба да послужи како сведоштво за слабостите на програмите за лекување зависности од дроги и поттик за интензивирање на напорите за унапредување на квалитетот на лекувањето, како услов за успешна рехабилитација и ресоцијализација на лицата што употребуваат дроги, а преку тоа и за унапредување на благосостојбата на пошироката општествена заедница.

 

Докуметот е заснован на две меѓусебно поврзани истражувања што укажуваат на потребата за унапредување на квалитетот на програмите за лекување зависности од дроги во Скопје што се финансирани од буџетот на Република Македонија. Со првото истражувања беше направена анализа на закони и други документи со кои правно се регулира лекувањето на лицата зависни од дроги во Македонија. Второто истражување, всушност, претставува мониторинг од/во заедницата на лицата што се лекуваат од зависност од дроги и преку него се овозможува увид во начинот на кој во Скопје во практика се спроведуваат законските одредби за лекување на лицата зависни од дроги.

 

Република Македонија е потписник на бројни меѓународни документи со кои се обврзува да спроведува ефикасна политика за лекување на зависноста од дроги кај лицата зависни од дроги. Но, и покрај тоа што одредбите од меѓународните документи се дел од правниот систем на Република Македонија, програмите за лекување зависности од дроги во Скопје се во расчекор со усвоените мерки за успешно лекување и заради тоа не се доволно ефикасни во спроведувањето на зацртаните политики.

 

Публикацијата е резултат на иницијативата на Здружението ХОПС-Опции за здрав живот Скопје и Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“, а реализиран е со поддршка од Фондацијата Отворено општество Македонија и Фондацијата Отворено општество од Њујорк.

 

Документот во ПДФ формат можете да го преземете овде.