Утрински: Исповед – Водам двоен живот за да не ме отфрлат

Утрински: Исповед – Водам двоен живот за да не ме отфрлат

Автор: Ј. Ј. В.

Извор: http://www.utrinski.com.mk/

 

За да не ја открие болеста која ја добил од незаштитен сексуален однос, 28-годишното момче вели дека дури и земањето терапија го приспособува кога не е на работа

 

Лицата инфицирани со ХИВ-вирусот мора да водат двоен живот. Вака ја почнува својата исповед 28-годишно момче кое пред седум месеци дознало дека се заразило со ХИВ-инфекција кога за вработување му требало да направи здравствена контрола.

 

„Моите колеги и претпоставени не знаат за мојата состојба. Мислам дека во блиска иднина не би ни кажал дека сум ХИВ-заразен поради тоа што ги знам нивните ставови за позитивните ХИВ-лица“, раскажува ова момче, кое верува дека засега неговите колеги не ни насетуваат за неговиот здравствен статус.

 

„Максимално се трудам да прикријам од што боледувам, што ми претставува искрено голем проблем, бидејќи морам да внимавам што зборувам, случајно нешто да не ми се испушти“, раскажува ова момче вработено во јавната администрација. За да не ја открие болеста, која ја добил од незаштитен сексуален однос, ова момче од Скопје вели дека дури и времето за земање терапија го приспособува да биде кога не е на работното место.

 

Колкава е стигмата во земјава кон ХИВ-болните тој вели дека доволно покажува како нашиот здравствен систем во земјава ги прифаќа лицата како него.

 

„Најмногу ме повреди односот на докторка, која иако би требала да биде обучена и свесна за начинот на пренесување на ХИВ-инфекцијата, не ми дозволуваше да влезам во нејзината ординација. Дури и не сакаше да се ракува со мене, ниту, пак, да ми објасни како мојот статус ќе влијае на мојот понатамошен живот“, го објаснува момчето своето лошо искуство со лекарите. Тој морал дури да го смени и матичниот лекар за да може да се лекува.

 

За среќа, неговото семејство и пријатели го прифатиле таков каков што е. „ХИВ-статусот им го имам откриено на моите родители и на сестра ми, кои во ниту еден момент не ме отфрлија. Од нив добивам огромна морална поддршка. Исто така, и моите најблиски пријатели знаат за мојата состојба“, вели ова момче, кое додава дека за разлика од мнозинството луѓе кои мислат дека доколку си ХИВ позитивен, тука завршува живот, за него со болеста почнал да живее нов живот. „Дознавањето на мојата состојба за мене беше повик за разбудување. Ми тежи фактот зашто лицата кои живеат со ХИВ се отфрлени и дискриминирани од општеството“, револтирано додава.

 

Како член на групата за поддршка на лицата кои живеат со ХИВ, ќе се труди да се разбие стигмата кон нив. „ХИВ не’ засега сите, без разлика на верата, националноста, а уште помалку степенот на образование“, вели ова момче и од бара државните институции поголема заложба за подостоен живот на ХИВ-лицата.