Уганда: Петиција против антигеј закон

Уганда: Петиција против антигеј закон

Активистите за правата на ЛГБТ луѓето се надеваат дека ќе соберат доволно потписи за да побараат од претседателот на Уганда, Јовери Мусевени, да одбие да го потпише предложениот антигеј закон.

Во сегашната форма, со законот се предвидуваат построги казни за хомосексуалноста како кривично дело. За “крајните” случаи, во кои се вклучени лица со посебни потреби, лица инфицирани со ХИВ или малолетни лица, се предвидува смртна казна.

Со законот се предвидува и можност од кривично гонење на членови на семејството, професори во училишта па и самите соседи доколку не ги пријават геј луѓето во полиција.

Самиот статус на законот веќе со месеци е нејасен, и постојат конфликтни извештаи за неговиот напредок во законодавната власт.

Кон крајот на минатата година, се веруваше дека овој закон е укинат. Меѓутоа, активистите велат дека парламентот би можело оваа недела да го изгласа законот и бараат од луѓето да ја потпишат петицијата против усвојувањето на овој закон.

Во петицијата се вели : “Нашата најдобра шанса да се спречи овој законот е да се вклучиме во што поголем број – ако илјадници од нас ја рашират веста дека целиот свет ја набљудува ситуацијата во Уганда, ние нема да дозволиме законот да биде усвоен.”

Претседателот Мусевени не дал мислење за предлог-законот, но министерот за етика Џејмс Н’саба Бутуро во јануари минатата година рече дека лидерот не се согласува со убивањата на хомосексуалците и лезбејките.