Каменуван центарот на ЛГБТ заедницата во Скопје

Каменуван центарот на ЛГБТ заедницата во Скопје

Преземено од Плусинфо

 

Осум часа по отварањето на центарот за поддршка на ЛГБТ популација отворен во Скопската Старата чаршија кој е поддржан и од Холандската амбасада е каменуван утрово, а напаѓачи биле три непознати маскирани лица, објави Канал 5.

 

Уранија Пировска, од Хелсиншкиот комитет за човекови права вели дека не се откажуваат од намерата во Центарот да даваат помош на хомосексуалците и трансродовите поединци и покрај нападот и претходните закани за локацијата на центарот и неговата мисија. Центарот беше отворен вчера вечер во 19 часот со цел да им помогне на ЛГБТ популацијата во Македонија, а во текот на ноќта веќе беше искршен.

 

Главната цел на Центарот за поддршка ќе биде застапување на LGBTI заедницата, но исто така ќе биде посветен и на организирање на групи за самопомош, а ќе понуди помош и на останати формални и неформални здруженија и организации кои работат во доменот на човековите права.

 

– Ова е суштински проект за LGBTI луѓето во Македонија, на кој работам неколку години и сега конечно се остварува. Последните настани со нагласена институционална хомофобија, проследена со хомофобија од некои медиуми, уште повеќе ја нагласува потребата од еден ваков Центар, а омразата која вештачки некои ја наметнуваат не може да се одржи на долг рок. Токму затоа, длабоко сум уверен во успехот на Центарот и постигнувањето на еднаквоста за сите луѓе кои живеат овде – изјави Кочо Андоновски, програмски директор на LGBTI Центарот за поддршка.

 

Фотографија Канал 5 и Хелсиншки комитет