Љубовта краси, омразата гнаси

Љубовта краси, омразата гнаси

Автор: Лора Фер, активистка за правата на трансродните лица.

Преземено од Окно.мк

 

Уште од многу рана возраст учиме за пријателството и љубовта, за тоа колку е важно да се почитуваме, разбираме и да си помагаме меѓусебно. Сето тоа има една цел, а тоа е да создадеме толерантно и хумано општество. Општество каде што сите сме еднакви и заштитени со закон и каде што сите граѓани имаат еднакви можности.

 

Македонија, за жал, покажува дека сето она шта се смета за современи научни истражувања од областа на ЛГБТ (правни, општествени, медицински итн.) се доживува и перцепира како девијантност, отстапка, грешка. Уште пострашна е тенденцијата овие хомофобични и трансфобични ставови, за жал етаблирани како научна неприкосновена вистина, да се пренесуваат на најголем дел од популацијата, а особено на младите, преку образованието, медиумите и други канали.

 

Како личност која е дел од ЛГБТ заедницата и поради горе наведеното се обидувам да ве информирам и да ве запознаам со различностите барем во нашата држава, но и пошироко. ЛГБТ луѓето (лезбејки, геј, бисексуалци и трансродни лица) ги има насекаде во Македонија. Ние, борците за правата на ЛГБТ луѓето во Македонија сме биле и сме под постојан притисок, често ни било скратено правото на мисла и изразување, а постојано сме сведени на маргинализирана или невидлива група на луѓе, најчесто неприфатени од околината, семејството и најблиските, а неретко и соочени со физичко и психолошко насилство.

 

Ние се бориме за нашите човекови права, права кои ни следуваат со самото раѓање, правото да постоиме, да бидеме видливи. Се бориме за прифаќање, вклученост и еднаквост. Се бориме за правда, а против малтретирањето, насилството, исклучувањето и самоубиствата на младите ЛГБТ лица. Целта е една, да се подобри квалитетот на живот на ЛГБТ луѓето во Македонија. Важно ми е да им пренесам на сите ЛГБТ лица, особено на оние кои живеат во состојба на срам и страв дека не се сами, дека постои ЛГБТ заедница која е тука за нив, да ги поддржи, да ги сака и прифати, да им помогне и да ги сослуша.

 

Видливоста на ЛГБТ заедницата е од посебна важност, особено за младите ЛГБТ луѓе, кои се во процес на пронаоѓање на својот идентитет и своето место во општеството. Често збунети, осудувани и неприфатени од семејствата, овие луѓе се наоѓаат на маргините на општеството. Во овој контекст најлоша е ситуацијата со трансродните лица во Македонија.

 

Едукацијата е моќ, за нас самите, но и за луѓето околу нас. Видливоста на нашата заедница, особено на трансродните лица е еден чекор во вразумувањето на општеството, но и важен аспект на охрабрување и зајакнување на останатите трансродни лица. Ние сме спремни да го споделиме нашето искуство, да се советуваме меѓусебе и да покажеме солидарност со другите ЛГБТ луѓе, со транс луѓето. Ние немаме систем за нас, ние сме исклучени од системот, се имаме меѓусебе и преку овие пријателски канали споделуваме важни информации за достапноста на медицинските услуги, хормонските терапии и сл. Неправедно е кога нè гледаат однадвор и ни судат, погледнете нè одвнатре, онаму каде што сме вистинските ние. Ние не сме луѓе само со гениталии. Ние имаме дух и душа, чувства, вера и соништа…исто како и сите останати и поради тоа бараме почит и право на достоинствен живот.

 

Пред да осудите или стигматизирате некој кој е поразличен од вас, најпрво запрашајте се зошто и кого судите, дали нè познавате навистина доволно добро, дали располагате со информации за трансродните лица. Не пример: дали знаете дека трансродните лица често се хетеросексуални? Дали знаете дека постојат луѓе кои поседуваат машки и женски родов идентитет? Дали знаете дека машките кои имаат женски манири и обратно не секогаш се геј? Дали знаете дека хомосексуалноста е една од трите главни сексуални ориентации? Дали знаете дека парадата на гордоста на ЛГБТ лицата е мерка по која се мери толерантноста на едно општество и држава? Дали знаете дека мерка за добра политика и грижа за населението во една држава е нејзиниот однос кон малцинските групи?

 

Ова е едно лично видување кое има за цел да поттикне на размислување и да ни помогне да овозможиме отворен пат за различностите во Македонија, како и во секое развиено демократско општество да овозможиме подобар живот за нас без разлика дали сме поразлични од мнозинството.

 

Добрата намера со добро се враќа. Љубовта и разбирањето треба да ја победат неправдата и насилството.

 

Со љубов,

Лора Фер