Собранието ниту декларативно не може да го осуди говорот на омразата

Собранието ниту декларативно не може да го осуди говорот на омразата

Во услови на доминација на вербалното насилство, обидите преку декларации да ја повикате анестезираната совест на политичката класа, делуваат како донкихотовски поход на ветерниците.

 

Ова се потврдува и со судбината на предложената нацрт-декларација за осуда на говорот на омразата од страна на пратеникот и лидер на Либералната партија Ивон Величковски изготвена во соработка соКоалицијата за сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници. И покрај сиот оптимизам на предлагачот дека веќе во септември Собранието ќе расправа на оваа тема, факт е дека, иако влезена во собраниска процедура, декларацијата не е ставена на дневен ред. Не помогнаа ни апелите на предлагачот Величковски којпобаратаа дополнително да се стави на агенда. Пратениците на ВМРО ДПМНЕ гласаа против тоа воопшто да се расправа за можноста да се осуди говорот на омразата.

 

Не постои краен рок што го обврзува парламентарниот спикер Вељаноски да ја стави декларацијата на дневен ред. Величковски може да предлага таа да биде дополнително додадена на секоја идна седница, но со оглед на синхронизираноста на Вељаноски со владејачкото мнозинство, голема е веројатноста дека Декларацијата нема да дојде на ред за дискусија. Поддршката што декларативно му ја дадоа на предлогот пратеничката група на СДСМ и лидерката на ДОМ Лилјана Поповска не е доволна, и се чини дека не е со таков ентузијазам што би можел драматично да го смени однапред познатиот однос на силите.

 

Во меѓувреме, со константна пропаганда, со поттикнување на стравовите и предрасудите кон маргинализираните и чувствителните групи, како што се припадниците на ЛГБТ заедницата, корисниците на наркотици, сексуалните работници, другите етнички заедници, но и кон новосоздадените стереотипизирани „заедници“, најчесто именувани како предавници, јавниот „говор“ е доведен во состојба на тотална непресметливост, па и самото повикување на декларации делува како премногу блага терапија. Но ете, и за таква – пратениците немаат време

 

Преземено од http://aktiv.org.mk/mk/resources/sodrzini-aktiv/176-sobranieto-nitu-deklarativno-ne-moze-da-go-osudi-govorot-na-omrazata