Отвoрање на изложбата „Нацистичкиот терор врз хомосексуалците од 1933 до 1945 г.“

Отвoрање на изложбата „Нацистичкиот терор врз хомосексуалците од 1933 до 1945 г.“

Чест ни е да го најавиме отварањето на архивската изложба Нацистичкиот терор врз хомосексуалците од 1933 до 1945 г., во организација на Коалицијата ’Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници’ во партнерство со КВИР Загреб, Меморијалниот центар на Холокаустот на Евреите од Македонија, Холокауст музејот во Вашингтон и Швулц музејот од Берлин. Отварањето на изложбата е на 10.09, понеделник, 20.00ч, во Меморијалниот центар на Холокаустот на Евреите од Македонија.

 

Изложбата ќе биде проследена со еднодневна конференција на тема ’Остатоци од Холокаустот: биополитика, национaлизам и сексуалност’, на која учество ќе земат реномирани експерти од Македонија, регионот и Европа. Конференцијата ќе се одржува на истата локација, 12.09 (среда), со почеток во 17.00ч.

 

Документите, фотографиите и текстовите во рамките на изложбата „Нацистичкиот терор врз хомосексуалците од 1933 до 1945 г.“ зборуваат за еден специфичен историски момент, во кој доминантната идеологија, меѓу другото, ја препознала сексуалноста како едно од важните полиња за контрола на општеството. Препознавањето на сексуалноста како елемент што треба да се контролира и да се уништи не е непознато во историјата, но нацистичката идеологија на „владеење“ тесно ја поврзувала сексуалноста со наталитетот и со просперитетот на државата и, со тоа, таа добила значење на државен инструмент за опстанок. Понатаму, со идејата за „зачувување и потенцирање“ на ариевската раса, нацистичките злосторници креирале јасни критериуми за регулирање на сексуалноста, со цел да се постигне саканата идна чистота на германското општество. Сексуалноста била само една од компонентите за креирање на државниот терор, кој се кршел преку грбот и преку судбините на голем број луѓе – а, во врска со хомосексуалните лица, нивната сексуалност била дефинирана преку осудување, прогон и преку казнување.

 

Со доаѓањето на нацистичкиот режим на власт хомосексуалноста станува составен дел од биополитиката на нацистичката држава, на тој начин што идеолошки се прикажува како потенцијална опасност за сигурноста на општеството, воопшто, бидејќи, последиците од неконтролираната хомосексуалност можат да ги загрозат самите темели на државата. Така, човековата сексуалност станува важна компонента за зачувувањето и за одбраната на националната сигурност. Сфаќајќи ги крајно сериозно овој проблем и потенцијалното деструктивно влијание на хомосексуалноста, покрај вообичаните институции од тоа време што се обидувале да ја „коригираат“ хомосексуалноста, нацистичката политика, во 1936 г., основа и Централна канцеларија на Рајхот за борба против хомосексуалноста и против абортусот. На тој начин сè било подготвено. Биле развиени политики, биле изградени институции и процедури, биле издадени наредби, а и првите концентрациони логори, само што не биле пуштени во погон.

 

Оваа изложба има за цел да покаже дека жртви на нацистичката политика, заедно со Евреите, Ромите, лицата со посебни потреби, лицата со душевни пречки, политичките неистомисленици и со останатите непријатели на Рајхот, биле и хомосексуалците. Долго време тие биле премолчувана и занемарена група на нацистички жртви, иако истражувањата, кои сè уште се изведуваат, зборуваат за тоа дека повеќе од 100.000 лица биле уапсени поради хомосексуална ориентација и дека околу 50.000 уапсени лица завршиле во затворите или во институциите за лица со душевни пречки, а меѓу 5.000 и 15.000 и во концентрационите логори. Со своите методи за ликвидација на непријателите на Рајхот, нацизмот не само што успеал да зафати застрашувачки голем број жртви, туку и човековите судбини ги лишил од секаква трага на хуманост. Токму затоа оваа изложба прикажува што е можно повеќе човекови лица, кои, пред гестаповските фотоапарати (десен профил, однапред, благ лев профил) за време на сликањето за казненичките картони, се престрашени, тажни, збунети, но некои од нив (оптимистички се тешиме) и горди, пркосни, па дури и иронични.

 

Историјата на нацистичкиот терор траела предолги 12 години (1933-1945) и, несомнено, оставила длабока траума кај своите бројни жртви. Специфичноста на хомосексуалните жртви е тоа што, по завршувањето на војната, нивниот прогон не запира, а некои од нив морале да продолжат да ги отслужуваат доделените затворски казни и по ослободувањето од логорите. Имено, законската основа што го овозможила нацистичкиот терор врз хомосексуалците стапила во сила во 1987 г., односно, долго пред појавата на нацистичката идеологија, додека нацистичката ревизија на Кривичниот закон, во делот што се однесува на хомосексуалните мажи, останала актуелна уште дваесетина години по војната. Дури со будењето на хомосексуалното движење, кон крајот на 1960-тите години, почнува да се создава клима за историјата посистемски да се позанимава и со хомосексуалните жртви на нацистичкиот режим.

 

Денес, сакаме да веруваме дека овие моменти на колективно лудило, омраза и на страв веќе не се возможни. Со развојот на демократиите на територијата на Европа, и ставовите за хомосексуалноста наголемо се менуваат од 1945 г. наваму. Правниот дискурс, од позицијата на казнување преминува во позиција на заштита на припадниците на сексуалните и на родовите малцинства. Германската влада, во 2008 г., со подигнувањето на споменик во Берлин, им оддава почит ха хомосексуалните жртви на нацизмот, а Парламентот, во 2002 г., сите нив ги амнестира. Некои земји создаваат не само темелни рамки за толеранција на различноста, туку и развиваат политики што се залагаат за потполно прифаќање на хомосексуалниот идентитет како рамноправен со сите останати во широкиот спектар на човековата сексуалност. Сакаме да веруваме дека сеќавањата што ги оживуваме со оваа изложба придонесуваат за намалување на хомофобијата и за хумано прифаќање на сите наши разликувачки идентитетски карактеристики, кои мора да станат предност, а не опасност, при воспоставувањето на квалитетен живот во современото општество.