Соопштение до јавноста

Соопштение до јавноста

По повод забраната на Парадата на гордоста во Белград

Коалицијата за заштита и промоција на сексуалните и здравствените права на маргинализираните заедници најостро реагира на одлуката на Министерствотот за внатрешни работи, Државната безбедност и Владата на Република Србија за повлекување на првичната одлука за заштита и подршка на Парадата на гордоста во Белград, којашто требаше да се одржи на 20.09.2009 на Плато пред Философскиот Факултет во Белград.

Имено, ваквата одлука донесена и објавена еден ден пред одржувањето на Парадата претставува сериозен индикатор за колапсот на принципите на недискриминација, човекови права и уставноста на државата пред заканите на клерофашистичките групи и нео-нацистичките формациии во земјата. Сметаме дека ваквата одлука претставува своевиден чин на летимизација на насилството и демонстрација на немоќ на државата пред групи од ваков тип, како и целосно демотивирање и нарушување на вербата во институциите на системот и државата кај веќе маргинализираните, исклучените и ранливите групи како што е ЛГБТИК популацијата.

Уште позагрижувачки е фактот дека одговорните Владини инстанци не презедоа никаква одговорност после забраната на Парадата на гордоста. Изјавите на Министерот за човекови права на националната ТВ Б92 со кои говорот на омраза кој циркулираше насекаде низ јавниот простор во Белград неколку дена пред одржувањето на Парадата беше окарактеризиран како прашање на слобода на говор, а не како повик на насилство, говор на омраза и ширење на нетрпеливост кон одредени групи укажува на опасноста од натамошна летимизација и несанкционирање на изкази од ваков вид, а со тоа и перпетуирање на насилствотот врз ЛГБТ популацијата.




Коалицијата би сакала да упати посебно внимание кон начинот на кој целокупниот настан беше пренесен од страна на дел од македонските медиуми, односно како недоразбирање помеѓу организациониот одбор на Парадата и МВР на РС и како основа за откажување на настанот. Одлуката на МВР претствува, не откажување туку, забрана на самата Парада на Гордоста со самиот факт што одржувањето на Парадата на предвиденото место ќе беше формално законски третирано како нелегално. Понудените опции за замена на локацијата, како што потенцираше и самиот организационен одбор на Парадата, не соодветсвуваат воопшто со вредностите и идеите коишто парада од ваков тип има за цел да ги промовира, а тоа е видливост и инклузија на исклучените и маргинализирани групи во актуелните политички текови и јавната и социјална сфера. 

Врз основа на сето гореспоменато, Коалицијата упатува апел и барање до сите релевантни јавни чинители во Македонија, вклучително со медиумите и Владата на РМ, јавно да ја осудат ваквата одлука на Владата на Србија и да застанат на страната на демократијата и човековите права. Во исто време, целокупниов настан претставува апел за сериозно доведување под прашање и ургентно делување и во Македонија по однос постоечките насилни националистички тенденции на одредени формации кои во неколку наврати беа промотори и агенси на насилство врз основните човекови права и сексуалните права на маргинализираните заедници во Македонија, што од друга страна ја потенцита уште еднаш одговорноста која Владата на РМ мора да ја преземе околу донесувањето на законот за недискриминација, неговото промовирање и активното преземање на афирмативни мерки со кои би се застапувале и заштитувале правата на маргинализираните заедници и би се промовирале вредностите за човекови права, еднаквост и недискриминација, а паралелно би се осудиле, попречиле и санкционирале  сите тенденции на насилство и говор на омраза.