Промоција на “Предлог-Декларација за осуда на говорот на омраза“

Промоција на “Предлог-Декларација за осуда на говорот на омраза“

Коалицијата ’Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници’ денес, петок, 20.07, во 11.00 часот, во просториите на ГЕМ Клубот оддржа прес конференција по  повод поднесувањето на Предлог-Декларацијата за осуда на говорот на омраза во Собранието на Р. Македонија од страна на пратеникот Ивон Величковски од Либералната Партија, во соработка со Коалицијата СЗПМЗ.

 

Предлог-Декларацијата ја промовираа пратеникот Ивон Величковски, Жарко Трајаноски (консултант за човекови права во Коалицијата), Мирјана Најчевска (експерт за човекови права) и Ирена Цветковиќ (проект координаторка во Коалицијата).

 

Жарко Трајаноски изјави дека маргинализираните заедници, особено ЛГБТ лицата и корисниците на дроги се најмногу изложени на говор на омраза во медиумите, на интернет, но и во политичките дебати. Токму затоа, Трајаноски побара Собранието да усвои Декларација во која експлицитно ќе бидат споменати групите кои се најчесто изложени на говор на омраза, а не се издвоени и именувани во законот. Трајаноски истакна дека во неодамнешната пресуда на Европскиот суд за човекови права, говорот на омраза врз основа на сексуална ориентација е окарактеризиран  како  проблем кој е исто толку сериозен колку и говорот на омраза врз основа на раса или боја на кожа.

 

Проф. Најчевска даде поддршка на Предлог-декларацијата за осуда на говор на омраза истакнувајќи дека говорот на омраза не претставува слобода на изразување. Сите документи за заштита на човековите права имаат одредба со која што се ограничува начинот на употреба на правата со цел да не се повреди туѓо човеково право.

 

Пратеникот Ивон Величковски, рече дека ќе се залага Декларацијата да биде консензуално усвоена од страна на Собранието, бидејќи токму Собранието е институција од која треба да тргне осудата на говорот на омразата.

 

На промоцијата на Предлог-декларацијата, пратеничката Лилјана Поповска даде јавна поддршка на оваа иницијатива истакнувајќи дека потпишувањето на Декларацијата ќе придонесе за унапредување на законодавството и приближување на македонското законодавство до законодавството на Европската Унија.

 

Предлог-Декларацијата за осуда на говор на омраза од денес е достапна на веб стајтот на Собранието на Р. Македонија.