27-ми Јуни, интернационален Ден на гордоста

27-ми Јуни, интернационален Ден на гордоста

Коалицијата ’Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници’ со огромно задоволство и гордост им го честита интернационалниот ден на гордоста на ЛГБТ и сите сексуално и родово ненормативни поединци, како и на сите граѓани на Република Македонија.

 

Саботното утро на 28-ми јуни 1969 година, Кристофер стрит во Њу Јорк беше спонтано преплавена од огромна растечка група на разгневени луѓе со различен социјален статус, возраст, етничка и национална позадина, род, професија и здравствен статус, мобилизирани како резултат на неподносливата практика на неправедните рации, континуирани малтертирања и насилство во Стоунвол ин и серија други геј клубови во Њу Јорк како израз на структурното, историски одржувано и политички потпомогнато насилство, дискриминација и нееднаквост над сексуално и родово ненормативните луѓе.

 

Повеќе од 40 години после овој настан ширум светот ЛГБТ луѓето, но и сите останати сексуаллни малцинства и родово ненормативни луѓе гордо го прославуваат овој ден како потсетник на колективните напори и историскиот удар на темелите на борбата за сексуална еднаквост и слобода. Четириесет години откако гневот и незадоволството беа организирани во колективна акција устремена кон демократијата и еднаквоста, ЛГБТ луѓето потсетуваат дека историјата на сексуалните и родовите малцинства е историја на загубата, историја на срамот и стигмата, историја на нееднаквата дистрибуција на моќта и нееднаквото споделување и учествување во заедничкиот социјален простор и соживот.

 

Повеќе од 40 години, демократските сили насекаде низ светот ја потсетуваат светската јавност дека историјата на нашата цивилизација е историја на неподносливата хегемонија на хетеронормативната и патријархална матрица која се прогласува самата за единствено легитимната рамка според која е замислив човековиот живот и според која се овозможени човечки препознатливите форми на интимност, релација, заедници, љубов, сексуалност и емоции. Денес, потсетуваме дека таканаречениот прогрес на западната цивилизација на своите плеќи го носи и товарот на сите негативни емоции и уништени животи, како и историјата на насилство, исклучување и опресија како услов за одржувањето на единствено легитимната нормативна рамка на човештвото – хетеронормативноста.

 

Но, денес е и денот кој претставува потсетник дека човековите заложби за еднаквост и демократија, дека политичкиот порив за слобода и колективните организации на солидарност се суштинскиот знак на една поинаква прогресивна историја на цивилизацијата. Денес е денот кој не потсетува дека историите на срам преку колективниот напор и солидарност можат да се претворат во иднина обележана со гордост, љубов, соживот и еднаквост. Денот на гордоста не потсетува дека различноста е, не само индивидуална, туку и, колективна гордост и основа за славење на сиот диверзитет и шареноликост кои постојат помеѓу луѓето на планетата земја која еднакво ја населуваме и споделуваме одговорно сите.
Гордо стоиме зад заложбите, денес, за креирање на услови за менување на режимите на видливост, признавање и препознавање на човечки легитимното, и креирање на алтернативни модели на сексуалност, идентитет, поврзување, интимност и чувствување.

 

Денес, сите ние кои сме исклучени од доминантните рамки на хетеропатријархалниот поредок потсетуваме дека нашите емоции обоени со страдање се сведоштва за насилната опресија на еден систем. Но, и, гордо извикуваме дека нашите радости, задоволства и пријателства се бунтовништва и оружја за преживување во и против ситемот на сексуалност кој се смета за единствено вреден, за единствено можен, дека нашите историските и политичките рани стануваат место кое се отвара кон колективно креирање и споделување на алтернативен свет кој се пробива и го предизвикува постоечкиот.

 

Затоа, Коалицијата ’Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници’ упатува апел до сите релевантни политички субјекти во Македонија, денес, но и секој ден понатаму, да застанат во одбраната и афирмацијата на принципите на еднаквост и недискриминација, да ги устремат сите свои заложби кон почитувањето на човековите права и да ги подржат барањата кои се однесуваат на осудата на говорот на омраза и хомофобијата и трансфобијата. Коалицијата потсетува дека демократијата е единствено можна доколку истата се отвара постојано кон инклузивноста и проширувањето на заедничкиот простор на живеење и споделување, доколку секој поредок кој претендира на сопствената демократичност е свесен за сопствените граници и настојува да го почитива и уважува спектарот разлики помеѓу луѓето.

 

Скопје, 27.06.12

 

Тимот на
Коалицијата ’Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници’