Медицинска транзиција во време на ковид-19

Медицинска транзиција во време на ковид-19

Што е медицинска транзиција?

Медицинска транзиција или терминот медицинско потврдување на род кој што се користи како замена на застарениот израз промена на пол, е процес во кој трансродовите лица го менуваат своето тело согласно својот родов идентитет со помош на хормонска терапија и хируршки интервенции. Транзицијата како процес е долг и комплексен, но и субјективен затоа што пред сѐ се заснова на личните потреби, очекувања и желби. Може да вклучува само хормонска терапија, хормонска терапија и една операција или пак се’.

Некои трансродови луѓе не сакаат хируршка интервенција за медицинско потврдување на родот, односно, не сакаат да ги менуваат своите тела. За луѓето кои сакаат да подлегнат на такви интервенции, здравственото осигурување (приватно или социјално) не ги покрива ваквите хируршки зафати. Овие хируршки интервенции се исто така многу скапи и нема хирурзи во Македонија кои се обучени да ги изведат нив.

Медицинската транзиција не е лесна,ниту едноставна. За едно трансродово лице да започне со хормонска терапија треба да помине низ процес кој и не е така лесен. За да ја добие терапијата треба да се направат неколку чекори за кои ти треба медицински тим кој е сензибилизиран и е запознаен со потребите и проблемите од медицински аспект со кои се соочуваат дел од трансродовата заедница. Тимот треба да се состои од матичен лекар, психијатар/психолог, ендокринолог, интернист (за транс жени), гинеколог (за транс мажи) и уролог. За жал, кај нас многу тешко можеш да најдеш целосен тим кој синхронизирано работи, за кој ТрансФормА – Иницијативата за заштита и унапредувања на правата на трансродовите лица во Северна Македонија се залага за олеснување на целата оваа процедура.  Давателите на здравствени услуги мора де се обучени во смисла на културолошка и медицинска компетенција кога даваат услуги на трансродовите пациенти и локалните потреби на трансродовите луѓе треба да се оценат и да се имаат предвид во процесот на овозможување подостапни здравствени услуги, кои би биле прифатливи и пристапни за трансродовите луѓе.

За жал, искуството покажува дека трансродовите луѓе често се изложени на стигма и дискриминација во здравствените институции во Северна Македонија. Кога бараат здравствена услуга, тие се често вербално малтретирани, исмејувани, дури и не им се дава услуга. Ова прави тие често да немаат пристап до услуги, што повратно негативно се одразува на нивното здравје и благосостојба.

Првиот чекор кој треба да го нарави трансродовото лице е да посети матичен лекар и да побара закажување кај психијатар/психолог. По остварена средба со психијатар/психолог лицето добива наод и мислење. Со наодот и мислењето лицето се враќа кај матичниот лекар и бара закажување доколку сте транс жена, ви дава упат за на интернист, па тој ве упатува кај ендокринолог, а доколку сте транс маж, ви дава упат и за ендокринолог и дополнително одите на гинеколошки преглед. Од тука ендокринологот ве праќа да направите крвна слика, генетско потврдување и хормонален статус. По завршените испитувања со сите резултати се враќате кај ендокринологот по извештај за одредување на терапијата и со тој извештај се враќате кај матичниот лекар по рецепти.  На почетокот се прават контроли на 1 месец подоцна на 3 и по 1 година се оди еднаш на 6 месеци на контрола да се следи состојбата на лицето кое отпочнало со транзиција.

За време на пандемијата предизвикана од ковид-19 што го зафати целиот свет, па и нас, сите хируршки интервенции беа откажани, како и прегледи и контролите кои служат за следење на состојбата на лицето кое е во транзиција, со што ги става во ризик и неизвесност сите кои се во овој процес. На дел од трансродовите лица кои што се обратиле во ТрансФормА, им биле откажани веќе закажаните прегледи и со тоа ги ставаат во уште по комплицирана ситуација од здравствен аспект, но и финансиски затоа што се принудени потребните хормони да ги купуваат на приватно кои не се така евтини.

Со оглед  на тоа дека пандемијата ги затвори границите на државата, а со тоа го отежна и увозот на лекови, дел од транс мажите останаа без потребната терапија и беа принудени да ги нарачуваат преку интернет, каде цената е превисока, а за производот не ти даваат никаква гаранција, или пак да ја паузираат транзицијата, што има лоши последици по здравјето.

Доколку кај нас се достапни сите хормони кои се користат за транзитирање и доколку постои таков медицински тим кој синхронизирано работи, трансродовите лица ќе имаат далеку по достапна, но и побезбедна транзиција без разлика на тоа што пандемијата направи колапс на здравствениот систем.

 

Пишува Предраг Јовановски.

Текстот е оригинално објавен објавен на http://www.lgbti.mk/