Тркалезна маса за правно признавање на родот во Собранието на Република Северна Македонија

Тркалезна маса за правно признавање на родот во Собранието на Република Северна Македонија

Вчера, во Собранието на Република Северна Македонија во организација на Интерпартиската парламентарна група за правата на ЛГБТИ лицата, а со поддршка на Советот на Европа и Коалиција Маргини, се одржа тркалезна маса на тема ,,Правното признавање на родот во Северна Македонија”. Целта на тркалезната маса беше да се презентира Прелиминарната анализа за правното признавање на родот во Северна Македонија и наодите од истата да се дискутираат со пратениците, претставниците на институциите, граѓанските организации и транс заедницата.

Анализата е дел од пилот проект што има за цел да обезбеди тематска анализа на имплементацијата на Препораката CM/Rec (2010)5 на Комитетот на министри за борба против дискриминацијата врз основа на сексуалната ориентација и родовиот идентитет во земјите членки на Советот на Европа. Република Северна Македонија, заедно со три други земји како Кипар, Литванија и Шпанија се согласи да учествуваат во овој проект на Совет на Европа.

Тркалезната маса ја отворија пратеничката Маја Морачанин, воедно и координаторка на Интерпартиската парламентарна група за правата на ЛГБТИ лицата, Елени Цецеку, раководителка на одделението за сексуална ориентација и родов идентитет при Советот на Европа и Светлана Цветковска, раководителка на сектор за еднакви можности, МТСП и контакт лице на Европската мрежа на Владини претставници за ЛГБТИ прашања.

По воведните зборови, авторката на анализата Наташа Бошкова ги презентираше клучните наоди кои укажуваат на отсуство на јасна законска рамка за правно признавање на родот што резултира со проблеми на трансродовите луѓе да можат да си ги остварат основните права на образование, здравствена заштита, вработување и користење на добра и услуги во секојдневниот живот.

Предлог законот за измена и дополнување на законот за матичната евиденција што се наоѓа во собраниска процедура делумно ги коригира недостатоците на постоечката законска рамка и доколку се усвои, ќе се пополни правната празнина поради која се прекршуваат правата на трансродовите луѓе. Во таа насока Бојана Николин, правничка во одделот за извршување на пресуди на ЕСЧП ја потенцираше обврската на државата да ја спроведе пресудата на начин што во најбрз рок ќе усвои закон што ќе овозможи брза, транспарентна и пристапна постапка за правно признавање на родот.

Во дискусијата што следеше се вклучија пратениците претставниците на институциите, граѓанските организации и транс заедницата и сите се согласија дека е потребно усвојување на предлог законот во форма во која е предложен, а потоа да се работи на негова доследна имплементација.

Наодите и заклучоците од дискусијата ќе се интегрираат во анализата, а препораките од истата ќе послужат на доносителите на одлуки да ја унапредат законската рамка и праксата со што ќе се овозможи правно признавање на родот во сите сфери на живеењето.