Живеење заедно

Живеење заедно

Авторка: Јелисавета Благојевиќ

ИЗВОР: https://pescanik.net/ziveti-zajedno-2/?fbclid=IwAR0IapIWd2tIw5c2b5OCZit4ScAPBYftJy_Sakm2a0Gi-OTaOlvv9uJOsM0

Се ближи периодот кога ќе се расправа за законот за истополови заедници во српскиот парламент. Има такви кои се преплавени со исчекување дека некои работи конечно ќе бидат законски регулирани во Србија, а други се лути и очајни, и најавуваат дека овој закон нема да помине; но повеќето молчат. Таа тишина на мнозинството е причината што го пишувам овој текст. Таа тишина во која можеби понекогаш ќе се чуе – нека им е, само да не побараат посвојување деца, сè друго може, или – имам пријатели хомосексуалци, ОК се луѓето.

Во моментов не се занимавам со добри правни аргументи, ниту со европски политики, демократија, човекови права и слично. Јас дури и не пишувам за тоа, колку е и дали е важно дали воопшто сакаме да стапиме во брак или не. Тоа им го оставам на другите, се надевам дека ќе ги има.

Додека тоа не се случи, сакам да оставам трага, сеќавање на овој момент на тишина и отсуство на каков било јавен разговор на таа тема, и сакам да ви кажам – без оглед на тоа како вие од властите замислувате да ни’ давате права како на некои натрапници, во тишина, за никој да не забележи како го правите тоа, да не се побуни, загрижи и морализира за нас и нашите животи – овие права на еден друг начин веќе се наши затоа што ги живееме и затоа што сме тука, во вашето соседство, работиме со вас, пазариме со вас, ние сме насекаде, но не се познаваме. Вие не сакате да знаете, ние молчиме. Зборуваме некои неми јазици. Ретко пиеме кафе заедно затоа што ни недостасува јазик за разговор.

А ние имаме свои животи исто како вас, свои љубови, свои заедници, деца и ништо нема да го промени тоа. Да не живееме во тишина и незнаење, да се плашиме од секој што е различен од нас, ајде да се запознаеме. Ќе мора да се погледнеме во очи и да сфатиме дека единствената реалност е дека живееме заедно. Не мора да се сакаме, не мора да се согласуваме, но мора да се почитуваме и да живееме заедно.

Никогаш нема да заборавам како лежев во болница со 8 жени во соба и молчев со денови бидејќи тие најмногу зборуваа за своите семејства, а јас ја избегнував таа тема. И тогаш еден ден, Боса од Лесковац ме праша кого имам за семејство, а јас одговорив жена и син. Во собата завладеа тишина. А, Боса (која ми подари влечки со туфни за да изгледам подобро) рече, почекај, не кажувај ништо, ќе ги викнам жените од другата соба за и тие да го слушнат ова. И така, со часови седев со групата жени и одговарав на нивните прашања … Исто така, не смеам да заборавам кажам, некои од тие жени ме гледаа право во очи и сите знаевме дека ни’ се случи нешто важно.

Или кога продавачката на цвеќиња на аголот од Страхињиќ Бан и Рига од Фера ми пријде едно утро додека го возев детето во количка и ми рече дека целото соседство прашува чие е детето и дека ете, таа имала храброст да праша. Ме праша што сум му, а јас и’ одговорив дека сум му мајка, и веднаш потоа следуваше прашање што му е тогаш другата жена со која исто така го гледаат во маалото, па јас повторно, кратко одговорив – мајка. Чекај, се запраша на глас, па како тој има две мајки? Долго молчевме и се гледавме, таа немаше повеќе прашања, но оттогаш, секогаш кога ќе го видеше мојот рус син, ќе викнеше – кај си бе Белчо, и му даваше цвет.

Ви ги раскажувам овие лични приказни затоа што тогаш научив нешто важно; во општество во кое не се зборува за ненормативните сексуалности и во кое се премолчуваат, не постои јазик на кој може да се зборува за тоа. Тој јазик допрва треба да го создадеме и е неопходен за секој закон што ќе се донесе во парламентот да има смисла.

Секоја влада треба да престане да зборува за тоа како не чиниме, како тие да се подобри, понормални и поисправни. Исправувањето на повеќевековната неправда (а ги има многу) што ги направи животите на многумина неживливи, во која понижувањето, срамот и насилството се најчести искуства, и конечно, во која се одеше во концентрациони логори заради своите верувања – за почеток бара признавање и извинување. Нема преговори за тоа.