Календар 2021 – Коалиција Маргини

Календар 2021 – Коалиција Маргини

Календарот е достапен за преземање ТУКА.

 

Коалиција МАРГИНИ и покрај сета непредвидливост, тешкотии и загуби со коишто се соочува светот годинава, и оваа година ја продолжува праксата на промоција на квир и феминистичка култура и уметност, а со цел да понудиме имагинација за поинаква иднина, којашто во овие времиња ни е исклучително потребна.

Календарот 2021 е инспириран од југословенската (суб)култура, уметност, политика, и поп-иконографија и има за цел да ја искористи, она што честопати од страна на апологетите на капитализмот и националистичките историски ревизионисти погрдно се нарекува, југо-носталгијата како критичка политичка стратегија на сегашноста. Како длабоко посветени на квир политиките и настраноста како критичка стратегија, со ова свртување наназад кон минатото, сакаме да го ревитализираме утопискиот потенцијал на „настраноста“ и еманципаторската желба, а коишто, во духот на прерано починатиот квир теоретичар од латинско потекло Jose Esteban Muñoz, сметаме дека „може да се дестилираат од минатото и да се искористат за замислување на иднината“. Нашата цел е критички да ги возобновиме сè уште неактуелизираните еманципаторски потенцијали од социјалистичкото југословенско наследство и минато, и преку истите да поттикнеме една поинаква, радикална, праведна, социјалистичка и демократска иднина. Носталгичната структура на чувства не ја гледаме како „заглавеност“ во минатото, туку како патоказ и линија на бегство, како излез од затворот на безнадежност и политичка депресија на сегашноста, како чувство и копнеж за живеење-поинаку, и како утописка надеж за промена. Југо-носталгијата е во исто време индикатор за желбата за поинаков и подобар живот, за незадоволството со сегашните социо-политички и културни услови во кои живееме, и прксона одбрана на еден од најзначајните политички проекти на XX век од идеологиите за заборав и бришење. Наместо роба за продажба во музејските продавници, на ова минато му пристапуваме истовремено и критички и интимно.

Ние сме особено горди и благодарни на продукцискиот тим кој ни’ помогна да го реализираме овој календар:

Фотографија и обработка на фотографија: Соња Ставрова (https://www.instagram.com/sulleym/)
Графички дизајн и уредување: Дарко Алексовски (https://www.instagram.com/groooooooowing/)
Костимографија и стајлинг: Вера Ангелакова (https://www.instagram.com/vera_pinc/)
Шминка и фризура: Јана Трбојевиќ (https://www.instagram.com/stylebomb90/)

Благодарност до КОМИТЕТ (https://www.instagram.com/komitet_socialclub/) за отстапениот простор и до Наташа Величковска – асистентка на светло (https://www.instagram.com/natas_ah/).

И секако, посебно сме почестени и среќни што следната 2021 на вашите ѕидови ќе стојат ликовите на едни од нашите најдраги, вредни, борбени, солидарни активист/ки, уметници/чки и лица од општествениот живот. Неизмерно фала на убавите лица на: Искра Гешоска, Ивана Драгшиќ, Калиа Димитрова, Катарина Ивановска, Долорес Поповиќ, Буби и Кочо Андоновски.

Бидејќи сме спречени да направиме забава за промоција на календарот, ги очекуваме сите наши поддржувачи, пријатели и колеги да си подигнат копија од календарот од нашата канцеларија после Нова година.

* Календарот 2021 на Коалиција Маргини е реализиран со несебичната поддршка на Фондација Отворено општество – Македонија *