Директорот и службениците во Управата за водење на матични книги се изживуваат со животите на транс луѓето во Северна Македонија

Директорот и службениците во Управата за водење на матични книги се изживуваат со животите на транс луѓето во Северна Македонија

Управата за водење на матични книги (УВКМ) продолжува да донесува правно неписмени одлуки што се спротивни на Уставот, законите и меѓународните договори и обврските од Пресудата на Европскиот суд за човекови права, Х против Северна Македонија, со која уште пред една година требаше да се извршат промена на ознаката за пол во матичната книга за лицето Х и сите транс луѓе кои со години чекаат институциите да го препознаат нивното постоење.

Потсетуваме дека дел од постапките се започнати во 2011, а во јануари 2019 година Европскиот суд за човекови права донесе одлука против државата со која се утврди повреда на правото на приватен живот, а Управата е посочена како одговорна за повреда на правото поради донесување на произволни одлуки во врска со барањето за промена на податоците.

Директорот на Управата и службениците во своите одлуки не се воздржуваат да кажат дека нивното лично мислење дали на одредено лице треба да му се промени ознаката за пол или не, има поголема правна сила од Уставот, законите, Европската Конвенција за човекови слободи и права и Одлуката на Владата на Република Северна Македонија со што го повредуваат принципот на владеење на правото и правната сигурност. Со години, Владата го дозволува ова криминално постапување на директорот и службениците платени од парите на оние чии што животи ги негираат и чии права ги повредуваат веќе цела деценија.

Образложенијата на одлуките со кои УВМК се прогласува како ненадлежна се надвор од здрав разум, го понижуваат достоинството на транс луѓето, и ја деградираат одлуката на Европскиот суд, а со тоа и меѓународниот углед на државата.

Поради ова, го повикуваме директорот на УВМК Бујар Дардишта и службениците кои подеднакво како и тој имаат кривична одговорност за несовесно вршење на службата веднаш да извршат промена на податоците во постапките кои се водат пред Управата, а во сите идни постапки да се воздржат од своите лични ставови и да го применат законот.

Коалицијата МАРГИНИ го осудува несовесното работење на Управата и повикува следниот состав на Владата да го разреши директорот и на негово место да именува лице со знаење, интегритет и професионално работење.