Како либералниот феминизам ги издаде жените

Како либералниот феминизам ги издаде жените

Луиз ОʻШеj
Превод: Јулија Мицова

При официјалното прогласување како официјален ден од страна на Меѓународната конференција на жени социјалисти во 1910 година, мотото на Меѓународниот ден на жени работнички (првичниот наслов) гласело „Гласот за жените ќе ги обедини нашите сили во борбата за социјализам“.

На првиот настан организиран по повод Меѓународниот ден на жената во Австралија – собир организиран од страна на Комунистичката обединета група на жени борци во 1928 година – бил побаран осумчасовен работен ден за жените работнички, прекин на пресметка на плата според остварена норма, основна плата за невработените и платен годишен одмор.

Сто години подоцна, самото спомнување на социјализмот за време на повеќето настани организирани по повод Меѓународниот ден на жената најверојатно ќе предизвика повикување на обезбедување наместо аплауз.

Настанот на австралискиот Институт за човечки ресурси, на пример го посетуваат експерти од областа на човечките ресурси и бизнис лидери, при што влезницата чини 189 долари по човек, со цел да се дискутира градење на „родово-балансиран свет“ преку назначување на жените на чело на управни одбори и високи раководни позиции. Малку понесериозен, но исто толку скап е „Бизнис ручекот за женски“, со илјадници посетители и впечатливиот хаштаг #СекојаЗаЕднаквост. Во суровата битка за доминација на пазарот за појадок со шампањско, речиси сите големи корпорации во Австралија организираат слични настани. Се организира дури и меѓународно координирано ѕвонење на ѕвоното за родова еднаквост во 75 берзи ширум светот на овој ден.

Метаморфозата на Меѓународниот ден на жената отсликува поширок тренд: на феминизам со кој не се предизвикува системот, туку напротив феминизам како средство првично наменето за напредок во кариерата на богатите жени и лицемерни политичари.

Претседателската кампања на Хилари Клинтон во 2016 година е типичен пример за тоа. Под арогантната претпоставка дека сите жени подеднакво ќе уживаат во нејзината историска трка за претседател како и самата таа, Клинтон и нејзините подржувачи беа збунети од спектакуларната загуба – и слабата активност на жените. Јасмин Наир во списанието „Тековни настани“ напиша: „Богатите феминистки… не можат да разберат на кој начин интересите на жените всушност доаѓаат во конфликт со економската класа, а противењето против Клинтон го сфаќаат единствено како сексизам. Одовде, гласот на 53% од белите жени за Трамп против првата сериозна кандидатка за претседател претставува загатка.“

Сексистичката реакција е единственото објаснување на либералните феминистики за загубата на Клинтон наместо долгата поврзаност со нееднаквото статус кво. Нивната вообразеност ги спречи да го согледаат главното достигнување на Клинтон, а тоа е поврзувањето на на женските права со циничниот, себичен спин со кој се одржува системот на нееднаквост, непотизам и привилигираност.

Иронично, токму затоа и кампањата беше успешна. Наир вели, „богатите демократи убедливо ја поддржаа Хилари Клинтон во првиот круг затоа што таа ја понуди нивната идеална политичка платформа: симболична добивка за родот, без материјалните придобивки кои можеби налагаат жртвување на одреден дел од богатството.“

Познатиот мизогинистички говор на поранешната австралиска лабуристичка премиерка Џулија Гилард е сличен пример. Ефектот на восхитеност од ораторството на Гилард врз либералните медиуми и лабуристички функционери, возбудени од реткиот момент на анимираност кај нивниот лидер, не беше споделена од секого. За 100.000те илјади самохрани мајки соочени со загубата на и до 100 долари неделно како резултат на владините кратења на паричниот додаток за самохрани родители – изгласан преку Сенатот во истиот ден на кој се одржа и мизогинистичкиот говор – ефектот беше донекаде придушен. Барањата овие жени да ја подржат личноста одговорна за зголемените потешкотии и притисоци во нивниот секојдневен живот како борец против сексизмот како да имаа за цел да го насочат цинизмот кон женските права.

Како што експлоатацијата претставува „тимска работа“, а презрените социопати наши „лидери“ во модерниот капитализам, така од нас се очекува да прифатиме дека угнетувачките сега всушност нè „еманципираат“. Овој вид на феминизам „навидум еманципира, но во реалноста повторно ја потврдува моќта што всушност веќе постои“, вели Наир. Бидејќи во главно се состои од симболизам и гестови отколку реални материјални мерки со кои ќе се подобри економската позиција на жената: говори наменети да привлечат внимание наместо преземање на конкретни активности, индивидуален напредок прикриен како колективна добивка, кревање на свесност со која се изостава коренот на социјалните проблеми.

Општествените неправди што треба да послужат како причина за опозиција кон системот од страна на угнетените и експлоатираните на тој начин се поимаат првично како домен на оние што угнетуваат и експлоатираат.

Сепак, Марксистите не се единствените што го препознаваат овој феномен – отсликан е и во подемот на „интерсекционалниот феминизам“. Додавањето на „интерсекционален“ на феминизмот често има намера да сигнализира попрогресивна манифестација, спротивставена на доминантниот либерален избор и подобро прилагодена на другите форми на опресија.

Но во критиката што оди во прилог на ова, дека несензитивноста кон другите форми на општествена неправда е всушност основниот недостаток на либералниот феминизам се игнорира основната поента. Можеби либералнот феминизам се чини помалку навредлив со препознавањето на расизмот, хомофобијата и останатите угнетувања, но сепак истиот не ја согледува основата на проблемот: неговата посветеност на системот и неподготвеноста да се предизвикаат основните структури преку кои се одржуваат сексуалните и другите форми на угнетување.

Со назначувањето на повеќе жени на чело на управни одбори, без разлика дали се црни, квир, бегалци, транс или жени израснати на социјална помош, нема да се промени фактот дека поголемото мнозинство на жени мора да прифати пониска плата, лоши работни услови, несоодветно домување и оскудна социјална помош во секојдневниот живот. Успехот на моќните жени во голема мера зависи од нивниот придонес кон одржувањето на ситуацијата токму каква што е.

Исто така не е доволно единствено да се насочи поширок асортиман на женски гласови кон суштинскиот „разговор“. Неопходна е радикална општествена трансформација со која слоевите на дното ќе се кренат на врвот на општеството и ќе им се даде вистинска моќ на масата луѓе. Ова не може и нема да го сторат жените на влијателни позиции; мора да се направи од страна на масата работничка класа на жени и мажи коишто немаат никаков влог во системот.

За тоа неопходна е длабинска политизација и драматичен пораст на нивото на организација на класната поделеност од наша страна.

Не е случајност што работничката класа била најборбена и политичка во времиња кога биле остварени најголемите придобивки за жените. Формалните достигнувања, како на пример еднаква плата за сите се случи при крајот на 1960тите години, кога организирањето на штрајкови беше на највисоко ниво и еден од двајца работници бил член на синдикат.

Денес постојат огромни бариери до еднаквоста на жените. Бариери што не можат да се надминат со организирање на појадоци со шампањско и мотивациони говорници. Напротив, ќе биде неопходен нов бран на радикална акција со кој ќе се пренесе визија за општество на вистинска еднаквост меѓу сите луѓе.

ИЗВОР