Тивкиот крик на жртвите на семејно насилство

Тивкиот крик на жртвите на семејно насилство

Интерјуто во целост е превземено од Netpress

Наташа Бошкова, адвокат, активистка за правата на маргинализираните заедници, во интервју за „Нетпрес“ укажува дека е неопходно преземање на системски пристап на решавање на проблемот со семејното насилство, но и генерално насилството врз жените што е обврска на државата.

Каква е состојбата со семејното насилство во Македонија?

Семејното насилство во изминатите години станува сѐ повидливо прашање за кое зборуваат сите засеганти   страни,   вклучувајќи   ги и  институцииите,   здруженија   и   жртвите.  Според статистиката на Министерството за внатрешни работи, во 2017 година биле регистрирани 903 случаи на семејно насилство,  84%, биле случаи на семејно насилство врз жени, а 60% од овие жени биле жртви на насилство од сопруг, партнер или поранешен партнер. Овие податоци се јасен индикатор дека семејното  насилство е форма на родово-базирано насилство,   што   значи   дека   жените   се   жртви   заради   фактот   што   се   жени.

Несоодветниот   или   ненавремениот   одговор   на   институциите   по   пријавите   на насилство  врз жени неретко резултира и со убиство врз жени. Така, во  периодот од 2016   до   2018   година   биле  извршени  34  убиства  врз   жени,   од   кои   28   можат   да   се класифицираат како фемицид, односно убиство на жени заради фактот дека се жени. Слично како и кај останатите облици на семејно насилство, податоците покажуваат дека   убиството   е   најчесто   изврешено   од   сегашен   или   поранешен  брачен   или вонбрачен партнер на жртвата. Особено загрижува фактот што жените се најмалку сигурни во својот дом. Имено, 80% од овие убиства се случени во домот на жртвата или во домот на родителите на жртвата.

Каков е одоговорот и поставеноста на институциите во однос на семејното насилство?

За одговорот на институциите најдобро говорат податоците на здруженијата на граѓани што обезедуваат услуги за помош и поддршка на жртвите на семејно насилство, а кои имаат   непосреден   контакт   со   жртвите   пред   и   по   пријавувањето   на   насилството   до надлежните институции.

Најмногу загрижува нискиот степен на пријава на насилството до надлежните,   со   што   насилството   останува   невидливо,   сторителите   неказнети,   а културата на неказнување на насилството продолжува. Истражувањата покажуваат дека секоја   трета   жена   била   жртва   на   некоја   форма   на   насилство,   додека   бројката   на пријавени  случаи до Министерството за   внатрешни работи,   центрите   за   социјална   работа   или судовите   и   обвинителствата   е   значително   помал.   На   пример,   кога   зборуваме   за сексуалното   насилство  како  екстремен   облик   на   родово   засновано  насилство, податоците од терен покажуваат дека само 21% жени пријавиле во полиција сексуално вознемирување, а 52,2% би  пријавиле  во  полиција  доколку  некој  изврши  директен физички   или   сексуален   напад   врз   нив.   Оние   жртви   што   се   охрабриле   да   пријават семејно насилство, споделуваат искуства според кои професионалците задолжени за заштита на жртвите на семејно насилство при постапувањето даваат предност на заштитата   на   институцијата   семејство,   наспроти   заштитата   на   жртвите   на   семејно насилство и нивното право на сигурност и приватност. Токму поради ова, неопходно е преземање на системски пристап на решавање на проблемот со семејното насилство, но и генерално насилството врз жените што е обврска на државата со ратификацијата на Истанбулската конвенција.

Дали се бележи промена со ратификацијата на Истанбулската конвенција и што можеме да очекуваме во следниот период?

До ратификацијата на Истанбулската конвенција фокусот на државата беше насочен кон воспоставување на механизам за превенција и заштита од семејно насилство. Стандардите на  Истанбулската   конвенција   наметнуваат   обврска   на   државата   да   се   справи   со   сите форми на родово базирано насилство врз жените, вклучувајќи го и семејното насилство како специфична форма на родово-базирано насилство врз жените. Оттука, се забележува промена на ниво на политики и практики во насока на донесување на Акциски план за имплементацијата на Конвенцијата преку три цели и тоа измена и дополнување на закони, воспоставување   на   сервиси   и   планирање   на   превентивни   активности.   На крајот   на   2018 година и почетокот на оваа година во скопскиот регион се воспоставени најголем дел од сервисите   што   треба   да   дадат   помош   и   поддршка   на   жртвите   на   семејно   насилство, вклучувајќи   ги   и   децата,   како   и   советување   на   сторителите   на   насилство.   Она   што Конвенцијата го бара од државата е овие сервиси да бидат достапни до сите урбани и рурални средини, а исто така да бидат инклузивни и за ранливите категории на жени. Истотака, формирана е работна група што работи на подготовка на нов закон за превенција и заштита   од   насилство   врз   жените,   вклучувајќи   го   и   семејното   насилство   чија   цел   е системски   одговор   на   проблемот  со   насилството   врз   жените.   Насилството   врз   жени  е системски проблем што бара и системски пристап за решавање. Потребно е во следниот период  да се следат ефектите од досегашните промени и да се инсистира на побрза и поефикасна   имплементација   на   законите   и   Конвенцијата   и   тоа   не   само   во   делот   на заштитата, туку и во напорите за превенција на насилството.