Завршни забелешки за Македонија од Комитетот за економски, социјални и културни права

Завршни забелешки за Македонија од Комитетот за економски, социјални и културни права

На 32та и 33та средба, одржани на 13 и 14 јуни 2016, Комитетот за економски, социјални и културни права ги зеде предвид вториот, третиот и четвртиот комбиниран извештај за Македонија во однос на имплементацијата на Меѓународниот договор за економски, социјални и културни права.

Главните забелешки и препораки на Комитетот се однесуваат на домашната примена на меѓународниот договор, корупцијата, недискриминацијата, Ромите, ЛГБТИ лицата, еднаквоста помеѓу мажите и жените, невработеноста, достапност на здравствени услуги, сексуалното и репродуктивното здравје, како и употребата на дроги, меѓу останатите.

Во однос на ЛГБТИ луѓето, Комитетот изразува загриженост дека Законот за спречување и заштита од дискриминација од 2010 година не ги вклучува сексуалната ориентација и родовиот идентитет како основи за дискриминација, како и тоа што член 14(6) од Законот и понатаму дискриминира помеѓу партнерствата од различен пол, на кои им припаѓа концептот за семејство, и истополовите партнерствса. Исто така, Комитетот искажува загриженост дека постојат универзитетски учебници кои ги зацврстуваат негативните стереотипи против лезбејките, геј, бисексуалните, трансродовите и интерсекс луѓето. Понатаму, загриженоста се однесува и на фактот што ЛГБТИ луѓето се малтретираат психички и физички, социјално се стигматизираат и дискриминираат а спроведувачите на законите не секогаш постапуваат по случаи на насилство врз ЛГБТИ луѓето.

Во оваа насока, Комитетот препорачува државата да преземе мерки за дискриминацијата врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет експлицитно да биде забранета во законите за анти-дискриминација, и истполовите парови да имаат пристап до привилегиите кои се резервирани за венчаните парови; да се искоренат негативните стереотипи за како и стигматизацијата на ЛГБТИ луѓето, преку ревизија на учебници и кампањи за подигнување на свесноста кај јавноста, здравствените работници, социјалните работници и спроведувачите на законите и останатите јавни службеници; да се обезбеди точна, непристрасна и ефективна истрага и разрешување на случаите на насилство врз ЛГБТИ луѓето.

Во однос на пристапот до здравствени услуги, Комитетот изрази загриженост за недоволното финансирање на здравствениот сектор, недостатокот од квалификуван медицински кадар и неадекватната покриеност и бенефиции од Фондот за здравствено осигурување, што резултира во огранинчен пристап до здравствени услуги, особено за Ромите и луѓето кои живеат во рурални средини. Комитетот препорачува државата да ги засили заложбите за обезбедување примарна здравствена заштита за сите, без разлика на географската локација.

Во однос на сексуалното и репродуктивното здравје, Комитетот изрази загриженост за акутниот недостаток од гинеколози, особено во рурални средини и средини каде доминира ромско население; ограничен пристап до информации за сексуално и репродуктивно здравје, особено помеѓу младата популација како и неадекватното и застарено сексуално образование во школите; ограничена достапност на современа контрацепција, особено помеѓу жени и девојки. Комитетот препорачува државата да ги преземе сите потребни мерки за зголемување на бројот на гинеколози како и за тоа сите жени да имаат пристап до гинеколошки здравствени услуги во општината во која живеат, особено во Шуто Оризари.

Во однос на употребата на дроги,  Комитетот е загрижен од порастот на бројот на корисници на дроги, особено помеѓу децата Роми; Препораките на Комитетот во овој дел вклучуваат: државата да преземе ефективни мерки за намалување на злоупотребата на дроги, враќање на програмите за намалување на штети во Националната стратегија за дроги (2014 – 2020), да обезбеди доволна поддршка за имплементација на Стратегијата и да обезбеди одржливост на програмите кои се финансиски поддржани од Глобалниот фонд и да ги преиспита рестриктивните мерки воведени со Законот за контрола на наркотични дроги и психотропни супстанци.

Целосните забелешки на англиски јазик може да ги прочитате тука.